За шест месеци поминав 1000 километри на велосипед: Новата страст на оперската примадона Весна Ѓиновска- Илкова

Новото хоби кое трае веќе неколку месеци ѝ стана страст на првенката на македонската опера Весна Ѓиновска- Илкова. Од март до септември, Весна има извозено околу 1000 километри на велосипед.
„Верувам, и сигурна сум дека никогаш немаше да возам велосипед волку интензивно да не беше Ковидот во прашање. Со голем респект спрема луѓето рекреативци, кои се со години во овој дел од спортот, дел од нив мои роднини, пријатели“, ни раскажа Весна.
Нејзината велоспиедска приказна започнала со самиот старт на пандемијата.
„Финиширајќи ги пробите за јубилеен концерт, со едно жестоко темпо на живот, распослана помеѓу претстави, концерти, предавања на факултет, гостувања, и понекогаш приватни патувања, наеднаш застана сè. Се чуствував како некој да ми ја затвори вратата. Нова нормала, дисциплина (за мене не непозната), соочување со нова реалност. Отпочеток некој страв- каков е тој вирус, што може се да се случи, обидувајќи се да ја видам ситуацијата од дистанца. Не можев. Влегов премногу емотивно, мислејќи на сите околу мене.(моите најблиски). Моето тело бараше да бидам активна. Пејачки не беше возможно, а искрено не ми беше до пеење после сите информации за големиот број на починати лица“, додаде познатиот сопран.
Потребата за движење, таа почнала да ја задоволува со пешачење. Секое утро одела на Водно, пешачела по 9-10 километри на ден, по една за неа од најубавите патеки Пантелејмон-Нерези. Цел месец, утрата ѝ биле предизвик.
„Пешачејќи ја гледав некултурата и неодговорноста на човекот кон природата. Ме вадат од кожа нехигиена, непедантност и пакост. Со Љупа решивме да направиме акција за чистење на таа патека. Купив ракавици, маски, кеси за ѓубре.. Дали некој од сите тие силни поддршки на социјалните мрежи дојде? Не. Ама затоа го исчистивме делот со голем мерак. Како што чистам по дома. И да продолжам..
Откако го прославив мојот Ковид роденден во април, започнав да возам. Постепено. Релациите за возење беа различни, од различното мое расположение. Малку по малку километрите се зголемуваа. Дури бев изненадена од себе. Мислев дека 100 километри нема никогаш да извозам. Ми беше тешко, и сè уште ми е, зашто успех за мене подразбира да стигнам до одредена дестинација, а не да бркам време. Тоа сè уште не можам да си го дозволам. Неколку месеци не можев повеќе од 50-60 км. Да бидам искрена, моторот за километри е Љупчо, мојот сопруг. Тој има извозено 700 км до Атина“, раскажува Весна за својот спортски успех и за подвигот на сопругот.
Освен Скопје и околината, за неа Охрид е секогаш инспиративен, но и Маврово и Галичник.
„Галичник го возев ова лето, Мавровско езеро исто така, дестинации во околината на Скопје, запознав луѓе, земјоделци, мештани од скопските села. Па, мала пауза пред селска бакалница, малку муабет, малку течности, убавина. Од агендата ми остана уште Охридско до декември. Од март до септемри отприлика имам извозено 1000 км“, со радост ни раскажа Весна.
Позната како упорна личност која ги достигнува целите кон кои со љубов чекори, оперската примадона вели дека со оваа километража на велоспиед, дел од нејзината идеа која ја замислилила ќе биде реализирана.
Милица Џаровска