„Живееме заедно, а толку сме далечни“ – Психолог Мери Амбросова објаснува зошто љубовните односи денес се под стрес

Во време кога врските се сѐ пократки, а стресот сѐ поголем, сѐ повеќе жени се прашуваат – дали сум со вистинскиот партнер? Зошто се чувствувам исцрпено, нечуено, или како да го носам целиот емоционален товар сама?
Психологот, духовен терапевт и системски коуч Мери Амбросова, низ длабока анализа и искуство со стотици парови, открива зошто љубовта не е доволна – ако нема свесност, комуникација и лична одговорност.
Во ова интервју, Мери зборува за најчестите извори на стрес во врските, улогата на детските трауми, несвесните семејни модели, и како да не дозволиме љубовта да стане товар. Посебно им се обраќа на жените – кои премногу долго ја играле улогата на „емоционален носач“ и потсетува: „Не мора сѐ ти да носиш.“
ЖМ: Што значи системски пристап во коучингот за партнерски односи?
- Системскиот пристап во коучингот значи дека не го гледаме само поединецот, туку целиот „систем“ во кој тој живее — партнерството, семејната историја, културните влијанија, па дури и генерациските обрасци што несвесно ги носиме. Овие динамики не се изолирани – можат да потекнуваат од работата и да се пренесуваат дома, или обратно.
Кога работиме со партнерски односи, не се фокусираме само на симптомот или на актуелниот конфликт. Ја разгледуваме целата динамика. Како жени, многу често повторуваме емоционални шаблони кои не сме ги избрале свесно, туку ги носиме од нашето семејство или родовата историја. Понекогаш, партнерот не реагира на нас, туку на нешто што несвесно го проектираме од минатото. Или пак, ние самите реагираме како што реагирала нашата баба – без да знаеме зошто.
Кога ќе го освестиме и израмниме тој длабок внатрешен дисбаланс, започнува втората фаза од процесот: им давам на жените конкретно знаење за разликите помеѓу машката и женската психологија, алатки: како да поставуваат граници, како да се договараат, како да решаваат конфликт без да ја изгубат индивидуалноста – ниту тие, ниту партнерот.
Целта e луѓето да научат како да се движат низ односите со свесност, сила и зрелост. Тоа е пат што трансформира – не само љубовни односи, туку и целото нејзино живеење.
ЖМ: Колку често во вашата практика доаѓаат парови или поединци кои се справуваат со стрес во врската?
- Многу често – речиси секој клиент, директно или индиректно, носи нешто поврзано со стрес во врската.
Понекогаш се работи за парови кои отворено бараат поддршка затоа што не можат повеќе „да се најдат“, не се сигурни дека го избрале вистинскиот партнер, жените најчесто имаат недостиг на внимание од мажите, или не можат повеќе да седат во ист простор, мешање на трета страна, насилство во физичка и психолошка форма.
Но, често се и поединци – жени кои првично доаѓаат заради анксиозност, депресија, несигурност или емоционален товар… и многу брзо низ разговорот станува јасно дека сето тоа е поврзано со динамиката во врската: недоразбирања, несигурна приврзаност, потиснат гнев или чувство на отфрленост.
Денес живееме во забрзано и преоптоварено време, каде партнерствата се под голем притисок. Луѓето не се научени како да изберат партнер, како да ги намалат шансите да налетаат на насилник, нарцис, манипулатор или „брод што тоне“ – без разлика на полот. Не се учат како да се договараат, како да се слушаат, и што значи психолошка зрелост во љубовта, како да постават граници.
Токму затоа, не работам само на „ми смета ова кај него“ или „како да го сменам другиот“, туку се обидувам да ја вратам жената (или парот) кон самосвест: што се случува во мене, што е моја одговорност и што можам да променам одвнатре. Како да изберам партнер и како да постројам здрава врска, дали сакам да останам во оваа, или треба да отпуштам.
Оттаму започнува вистинското олеснување и намалување на шансите за понатамошен стрес. Бидејќи, ако луѓето имаат несредени партнерски односи, тоа се пренесува и на продуктивноста, работата, па дури и на целото општество.
Потекло и динамика на стресот
ЖМ: Кои се најчестите извори на стрес во една врска, според вашето искуство?
- Неколку главни видови стрес кои влијаат на семејството и врските:
- Физички стрес, како болест, неможност за деца, повреда, хроничен замор или хормонален дисбаланс, кои директно влијаат на енергијата и расположението на членовите.
- Психолошки стрес, кој вклучува чувства на несигурност, љубомора, страв и вознемиреност.
- Психосоцијален стрес, како финансиски проблеми, конфликти на работа или недоволна социјална поддршка.
- Психодуховен стрес, кога се поставуваат прашања за смислата на животот или чувството дека партнерите „живеат блиску, но не чуствуваат дека се поврзани“ може и „живееме заедно а толку сме далечни„
Во моето искуство можам да одвојам неверство, насилство, недоволна поддршка која не е дефинирана од страна на едниот партнер каква сака да биде ова го откриваме на сесија, финансиски проблеми, зависности, процес на забременување, а во последно време засилен е психодуховниот стрес како „
Сакам да нагласам дека процесот на забременување е многу стресен период за многу брачни партнери, а честопати тие не се свесни дека дел од тој стрес може да има корени од минатите генерации — несвесни блокади и емоционални шокови што ги носиме како наследство. Секако, важно е да се оди на лекар, да се внимава на здравјето, исхраната и физичката активност.
Меѓутоа, искуството ми покажува дека процесот бара многу повеќе од медицински интервенции. Секој партнерски однос што поминува низ овој период треба минимум да вклучува поддршка од психолог, а често и терапија, како и работа на длабинските влијанија преку програми како „Родологија“.
Младите парови често се фокусираат на инвитро процедурите и медицинските терапии, но тоа само по себе не е доволно. Понекогаш за да се случи принова, потребно е да се смени динамиката во самата врска, да се намали стресот кој доаѓа од процесот и да се зајакне партнерската врска на психолошко ниво.
Ова е клучно за да се создаде здрава средина каде што новиот живот може да расте и да се развива.
Овие видови стрес често се преклопуваат и се засилуваат едни со други, создавајќи сложена динамика на напнатост во врската.
Исто така имаме и
- Нормативни – природни транзициски периоди како раѓање на дете, адолесценција, „синдром на празно гнездо“, кои се предвидливи, но сепак предизвикувачки.
- Ненормативни – неочекувани тешки ситуации како сериозна болест, неверство или развод, кои ја нарушуваат стабилноста на семејството.
Разбирањето на овие фактори е клучно за да се развијат здрави и практични стратегии за справување, што е и дел од мојата работа.
ЖМ: Каква улога играат семејните системи од кои доаѓаме во начинот на кој се справуваме со стрес во врските?
- Семејството во кое сме израснале е нашиот прв модел за љубов, комуникација и справување со тешкотии. Токму таму учиме како да ги искажуваме чувствата, како да ги решаваме конфликтите и какви улоги се очекуваат од нас.
Ако сме пораснале во семејство каде стресот бил присутен – на пример, поради чести конфликти, силна критика, несигурност или емоционална недостапност – несвесно ја пренесуваме таа динамика во нашите сегашни врски. Понекогаш тоа значи дека повторуваме исти обрасци, а понекогаш, пак, премногу избегнуваме конфликти, што исто така создава напнатост.
Често носиме и генерациски верувања и очекувања, како на пример: „мажи не плачат“, „жените мора да бидат жртви“ или „жената се грижи за домот“, „Правилно е да се држи дистанца и да не се покажува ранливост“, „задржување на семејството по секоја цена„, „Ако еднаш те изневери, тоа е знак дека не си вредна“
Во мојата работа, системскиот пристап ни помага да ги откриеме и разбереме овие длабински влијанија и да ги израмниме, за да можеме свесно и здраво да реагираме на стресот во сегашните врски. Така ја креираме својата приказна, а не ја повторуваме онаа од минатото.
Иако детството има големо влијание врз нашите односи, тоа не значи дека сме осудени да ги повторуваме негативните шеми. Преку работа на себе, психотерапија или други методи за саморазвој, можеме да ги промениме тие шеми и да изградиме поздрави и посреќни врски.
Понекогаш носиме блокади и повторувања на емоционални шокови кои се пренесуваат низ генерациите, и тоа може да оди дури до прабаба или пра-прадедо. На пример, мојата прабаба, нејзиниот маж отишол во војна, но кога се вратил, бил физички присутен, а емоционално недостапен – бидејќи таму, во војната, се заљубил и оформил друго семејство.
Прабабата доживеала длабок емоционален шок, кој несвесно се пренесува низ родот. Можеби не директно на нејзините деца, туку на внуците, кои може да имаат потешкотии со емоционална достапност или чувство дека нивниот партнер во секој момент може да ја смени емоционалната блискост или да не му веруваат.
Токму овие длабоки блокади и несвесни наследени емоции ги работиме во програмата „Родологија“ која ја водам онлајн и која трае три месеци.
ЖМ: Дали нерешени трауми или модели од детството можат да доведат до повторувачки конфликти и стрес во партнерствата?
- Да, нерешени трауми и модели од детството се еден од најчестите извори на повторувачки конфликти, нездрава комуникација и хроничен стрес во партнерствата. Она што не сме го добиле во раното детство – безбедност, прифаќање, внимание, емоционална регулација – подоцна често го бараме во љубовниот однос, и тоа на несвесен начин.
На пример, ако како деца сме биле игнорирани или отфрлени, можеме многу силно да реагираме на моменти на дистанца од партнерот, дури и кога тој не прави ништо „лошо“. Постојано да бараме од него да ни го даде она што не сме го добиле од таткото. Или – несвесно – да избираме партнери кои наликуваат на него: отсутен татко → партнери кои многу работат, патуваат, не се емоционално достапни. Но тука секогаш поставувам едно важно прашање: Дали навистина ми пречи ова? Или можам свесно да живеам со тоа?
Во мојата пракса често велам: не се караат две возрасни личности, туку две трауми – или две внатрешни деца кои повредено се обидуваат да бидат слушнати, сакани и видени.
Но и ова сакам да го потенцирам: не секоја трауматична случка остава трага. Човек може да доживее тежок настан, а сепак да се справи со него – ако има внатрешна сила, стабилен систем на поддршка, здрава психичка структура. Не генерализирам и не велам „сите имаме траума“. Но кога болката била премолчена, потисната, игнорирана – таа почнува да живее во нас како длабинска емоционална сенка. И тогаш несвесно ја пренесуваме во блиските односи – сè додека не ја видиме, не ја разбереме, и не ѝ дадеме нов одговор од местото на зрелоста.
Емоционални навики и реакции
ЖМ: Како стресот влијае на комуникацијата меѓу партнери?
- Стресот има длабоко и често суптилно влијание врз комуникацијата меѓу партнери.
Кога сме под стрес, нашиот нервен систем влегува во состојба на „бори се или бегај“. Во таа состојба мозокот ни станува повеќе фокусиран на закани отколку на разбирање. Наместо да го слушаме партнерот, ние или се браниме, или се подготвуваме да „нападнеме“. Зборуваме гласно, критикуваме и кажуваме нешто што не сме го мислиле. Посебно мажите кога се под стрес а жените ги прашуваат или уште толку подлеваат огин. Мажот може да избувне и да каже нешто што воопшто не го мислел. А жената таква и е психата тоа да го памти и уште долго да ја слуша реченицата која што била изговорена. А мажот да не се сеќава следниот ден што кажал. Сево ова влијае на следната нивна комуникација, доколку луѓето не знаат да комуницираат и решаваат конфликт.
ЖМ: Што најчесто се крие зад „мали караници“ – дали тие се симптом на подлабоки стресови или несогласувања?
- Малите караници
не се толку „мали“ ако ги премолчиме.
Кога оставаме нерешени теми, кога се правиме дека ништо не се случило, тие се
таложат. Не исчезнуваат – само чекаат да избувнат како голем судир или
емоционална експлозија.
Во мојата пракса
често слушам:
„Се караме околу глупости.“
Но зад тие „глупости“ се крие незадоволена потреба, чувство на занемареност,
потисната тага или замор.
Разговорот е мост
– но само ако има две страни спремни да чекорат една кон друга.
Секоја нерешена „мала“ караница е чекор назад во осаменоста
Секоја свесна комуникација е чекор напред.
Женската перспектива
ЖМ: Што би им порачале на жените кои се чувствуваат емотивно преоптоварени, но остануваат во врски кои ги исцрпуваат?
- Ако се работи за насилство, зависности, нездрав нарцисизам или манипулација – тогаш, без двоумење, време е да се соберете и да си одите.
Но дури и тогаш,
тоа заминување да не е нагло. Да оди постепено и свесно. Прво работиме
на себе – на емотивна стабилизација, на јасност во тоа што сакаме,
што заслужуваме, што значи љубов и здрав однос за нас.
Од состојба на внатрешна сила, ресурс и самопочит, полесно е да се
донесат зрели и трезвени одлуки.
Ако не се работи
за токсичен однос, тогаш првиот фокус е пак: работа на себе.
Често, кога жената ќе се промени и зацврсти – се менува и динамиката на
врската. Секако, само ако љубовта постои.
Но ако љубовта
згаснала – тогаш знаеме што треба да правиме.
Живееме во време на транзиција, каде старите шеми веќе не функционираат,
а новите сè уште ги учиме.
Во вакво време, врските без љубов, топлина и вистинска поврзаност не можат
да опстанат. Ќе почне да влијае врз
менталното здравје на двајцата партнери и така потсвесно ќе најдат преку
скандал и шок да се разделат.
Ова време е предизвик, но и можност – да создадеме врски кои се темелат на почит, грижа, зрелост и вистинска љубов.
Затоа охрабрувам секој што се чувствува емотивно преоптоварен – да побара поддршка и стручна помош. Не мораме сè да знаеме, ниту да можеме сами.
И – не очекувајте
дека ќе се реши „преку ноќ“.
Процесот е пат – но вреден пат.
Зашто таму некаде, зад болката, ве чека живот по ваша мера.
ЖМ: Зошто понекогаш жените преземаат улога на „емоционален носач“ во врската и како тоа влијае на нивниот стрес?
- Жените се емоционални суштества. Таква ни е структурата на психата и хормоналнинот систем. Ќе видите девојче од мало се грижи за куклата, внимателна е, додека машките повеќе се со коли, војници, тие се повеќе кон напад одбрана. Но така било со векови.
Во традиционалните и патријархални општества, жената често е поставена како емотивна и духовна јадро на семејството, додека мажот како практичен, рационален и фокусиран на „обезбедување“.
Таа се грижела за домот, децата, да се има мир и спокој. Во модерното општество и жената работи, подложи на надворешен стрес со кој потешко се справува од мажот. И таа повеќе не може да е таков „чувар на спокојот и мирот„ како во традиционалното општество.
- Нормализација на емотивната
нерамнотежа:
Многу жени не ни препознаваат дека таа нерамнотежа е проблем – бидејќи се научени дека „така треба“. Исто така, ако мажот покажува емотивна незрелост или пасивност, често се релативизира: „Па, тој не знае поинаку.“ „Мажите не се толку емотивни.“
Така жената чувствува притисок да биде силна, но тивка, Го потиснува своето незадоволство за да „нема кавги“, Се исцрпува емотивно, бидејќи нема кој неа да ја носи. Се јавува внатрешен конфликт – помеѓу желбата за слобода и лојалноста кон партнерот
Промената
започнува со свест. Жената има право да биде партнер, а не терапевт, мајка или
менаџер на туѓи чувства.
Во здрав однос, емотивниот товар се дели. А првиот чекор е таа самата да
си признае: „Не мора сè јас да носам.“
Сакам да напоменам дека секој партнерски однос е различен и влијае многу кој колку финансии носи дома, кој колку време е отсутен од дома, кој се грижи за домот, децата, исхраната.
ЖМ: Како се снаоѓаат мажите во ова модерно време на лична трансформација?
- Модерното време носи предизвици и за мажите. Жените денес многу читаат, истражуваат, одат на курсеви, се отвараат кон себе и другите. Има многу насочен материјал кон нивната психа, емоции и личен раст. А мажите – како да не знаат што ги снашло. Според мене, ним им е многу потешко, бидејќи одеднаш има очекување дека мора да се менуваат. Да заработува но и да е дома, да ја поддржи жената на еден поинаков начин....
Ако порано некој маж со манипулативни модели можел „да помине“ во однос, денес жените се многу посвесни. Една ќе го напушти, втора ќе го напушти – и тоа веќе станува огледало. Ќе го примораат да не се соочи со себе. Секако, процесот е индивидуален – некои се отвораат, други се затвораат уште повеќе. Полека и тие учат што е женска манипулација иако за неа многу малку се разговара. И тие полека се освестуваат.
Но, убавината на ова време е што веќе односите сами по себе стануваат простор за раст и промена.
Системскиот коучинг не гледа кој е „крив“, туку што е причината за стресот. Не го гледа како индивидуа него како систем
Партнерите учат:
- Да ги гледаат реакциите како повратни шеми (ако ти се затвораш, јас станувам нападна → ако сум нападна, ти се затвораш)
- Како нивната историја (семејства, трауми, модели) игра улога во сегашните динамики
- Како несвесно влегуваат во улоги: жртва – спасител, критичар – повлечен итн.
Оваа фаза носи длабоко освестување – не сме ние против другиот, туку ние против шаблонот што не ни служи.
Решенија и насоки
- Во секој однос има предизвици, но со мали, свесни промени може да се создаде голема разлика. Еве неколку проверени алатки:
1.
Наместо да почнувате со обвинување („Ти секогаш...“), кажете:
Ова што го правиш, ме прави да се чувствувам ___.“
Ова отвора простор за разбирање, а не за одбрана.
2. Проверете дали е време за разговор
Пред да отворите тешка тема, запрашајте се:
- Дали двајцата сме подготвени да зборуваме?
- Дали има простор за слушање, а не само за обвинување?
3. Излезете од домот
Понекогаш, промената на амбиентот помага. Разговарајте во некој кафич, на прошетка, природа. Надворешниот простор често создава внатрешен мир и не дозволуваме да бурни реакции пред другите
4. Воведете „магично зборче“
Смислете збор
што значи: „Сега не е време – правиме пауза.“
На пример: „МИНА“
Кога некој од вас ќе го каже, тоа е сигнал за еден час оддалечување, потоа кога
сме се смириле двајцата седнуваме да разговараме
5. Не почнувајте расправија веднаш по работа
Секој треба прво да:
Јаде, Одмори, да се префрли во „режим на мир“
Тогаш е вистинскиот момент за разговор – не на врата, со енергија од стресен
ден.
Малите навики градат голема врска. Емпатијата, паузата и свесната комуникација се вашиот алатник за емоционално здрав однос.
ЖМ: Кој е првиот чекор што некој треба да го направи кога ќе почувствува дека стресот го надвладува односот?
- Тоа значи – пред да барате вина, решение или излез, застанете и запрашајте се:
- Што точно чувствувам?
- Од каде доаѓа оваа тензија – од односот, или од нешто друго (работа, семејство, траума)?
- Дали можам да разговарам со партнерот во овој момент или треба прво да се стабилизирам?
Свесноста е основа за секоја промена. Кога сте свесни што се случува во вас, многу полесно можете да поставите здрави граници, да го изберете вистинскиот момент за разговор и да не дозволите стресот да ви ги уништи врската или вашето здравје.
Воведување дневна рутина која не наполнува. Некои 5 минути наутро и 10 минути навечер, можат многу да направат за менталното здравје. Вклучување на физичка активност. Вклучување време за себе, пред се ние сме одвоени личности кои поминуваат време заедно. Да не дозволиме да се растопиме во партнерот.
Здрава комуникација – но од место на
смиреност, не од афект.
А ако гледате дека тоа се повторува и не можете сами – помош од специјалист.
ЖМ: Имате ли лична порака или совет за читателките кои се чувствуваат заглавени во однос полн со напнатост?
- Да знаат дека не се едниствени. Во ова време на длабоки промени, многу жени и мажи се чувствуваат исцрпено, збунето, преоптоварено, се прашуваат дали направиле вистински избор, дали треба да продолжат со тој партнер. Ние сега живееме најдолг век. Нашите предци умирале до 40 години и затоа било нормално да имаат еден партнер. Ние сега со продолжен век на живеење сакаме да живееме по старите норми. Некогаш и треба да отпуштиме некого преку љубов, простување (живеење без гнев и омраза). Секако дека има и ќе има партнери кои ќе останат заедно во здрав партнерски однос.
Советите од погоре да ги применат. Да ја зголемуваат својата свесност, не само преку читање книги него и преку примена и работа со стручно лице.
Доколку не можете да се справите побарајте помош. Посета на психолог, терапевт кој ви е по душа и кога ништо не се случува е сосема во ред. Не чекајте чашата да се прелее и потоа терапевтот да го гаси огнот.
Грижата за себе
не значи само „реагирање“. Таа значи и превенција, самосвест, избор на
поддршка.
Сосема е во ред да побарате помош и кога мислите дека „нема ништо“.
Дозволи си да растеш, дури и кога боли. Да се сакаш себеси доволно значи и да си дадеш шанса да живееш во мир, а не во постојана напнатост.
Малите чекори не носат до големи успеси.
ИРЕНА СТАВРОВА