Лина Ѓорческа е тетовска убавица која во гладијаторски стил се бори на светските тениски терени и постигнува завидни резултати. Вели дека е горда на досегашните успеси и ветува уште многу подобри резултати од светските натпреварувања. Силно веруваме во нејзините способности и до некој нареден разговор и посакуваме многу успеси и искачени скалила на ВТА листата.
Од мали нозе започнавте да тренирате тенис, но од каде желбата токму за овој спорт?Ѓорческа Со тенис почнав на шест години во Тетово. Брат ми е главниот виновник за тоа. Тој веќе подолг период тренираше тенис, па така, покрај него и јас почнав. Ги правев истите вежби што ги правеше и тој. Најпосле и јас почнав да одам на тренинзи.
Ми се чини дека релативно брзо почнавте да се искачувате на ВТА листата и достигнавте многу значајни резултати во спортската кариера. Дали се сложувате?Ѓорческа Па, искрено мислам дека може и побрзо да се направат значајни резултати и има доста такви примери, меѓутоа со оглед на тоа какви услови и помош имаме во Македонија, дефинитивно е доста брзо. Отсекогаш сум велела дека за сè во животот, не само за тенис, најдобро е постепено да се напредува - чекор по чекор. Доколку сме упорни во тоа што го правиме сè ќе си дојде на свое место.
Што значи за Вас „да се достигне плафонот“? Дали е тоа одлична позиција на ВТА листата или нешто далеку повисоко?Ѓорческа Еве вака кратко ќе ви кажам, ќе бидам скромна - сите сакаме да бидеме први во светот, но јас и со топ 50 на ВТА листата ќе бидам задоволна. Индивидуален спорт е, еден од најпопуларните и има премногу натпреварувачи кои имаат иста цел. Така што, јас и за досегашниот успех сум горда на себе и ви ветувам дека ќе има уште подобри резултати.
На кој начин тенисот го промени Вашиот живот?Ѓорческа Имам доста поразличен живот од моите врсници, исполнет со премногу патувања и запознавање различни луѓе од сите страни на светот. Бидејќи е индивидуален спорт, ме научи да бидам многу одговорна личност и да созреам многу порано. Точно дека секој ден сум на тренинзи и дека немам време и можност секојдневно да бидам по дискотеки, што нели е соодветно за девојки на моја возраст, но искрено и не ми е жал. Напротив - уживам во тоа што го правам.
Кој е Вашиот идол во македонскиот женски спорт? Или во светскиот?Ѓорческа Имам огромна почит за сите спортистки од Македонија. Знам како е да бидеш спортист кај нас и навистина сите ги почитувам. Од светски рамки, еве поточно од тенисот, ќе ја издвојам Серена Вилијамс која е легенда во нашиот спорт и е пример за тоа како треба да изгледа еден спортист на терен - секогаш борбена и покрај тоа што толку години е број еден.
Колку и во што сметате дека македонскиот тенис се разликува или е сличен со тенисот што се игра надвор? По што се издвојуваат тенисер/-ките со поголем ранг на ВТА листата?Ѓорческа Нема некои разлики во начинот на игра, но во условите, популарноста и финансиите од државата, федерацијата… мислам дека сме многу години поназад од сите држави во светот, а и во регионот. Тенисерите на врвот на листата се издвојуваат со тоа што имаат, што би се рекло, „ветер во грб“ поточно помош од институциите и од спонзори, константност на јаките турнири, а со самото тоа и огромно искуство.
Целото интервју прочитајте го тука: http://www.takt.org.mk/mk/programi/unapreduvanje-na-zenite-preku-sport/intervjua/159-lina-gjorcheska-nema-poubavo-chuvstvo-od-uspehot-za-koj-sami-ste-zasluzhni