Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Бубе Јаневска Ивановска: Семејството ми е најсилна инспирација
Најсилна инспирација ми е секако семејството. Тие ми се непресушен извор за насмевка, за љубов, за истрајност. Мотив да се издржат и победат сите препреки и предизвици. Едни две очиња кои нестрпливо ме чекаат да се вратам од работа се живот, а не само мотив. Ме мотивираат позитивни луѓе. Сакам луѓе што се насмеани, луѓе од кои имам што да научам. Ме мотивира секој изминат ден. Сите грешки, но и убави нешта се искуство кое ме мотивира да станам подобар човек, подобра личност.
Од понеделник до четврток некако работите и нештата ми се распоредени според терминот што ми припаѓа во Отворената програма. Денот ми почнува во 8 часот, нешто пред 10 сум на работното место и се подготвувам за емисија. Некаде по 13 часот сум во етерот, а по емисијата се подготвувам за наредниот ден. Петокот е предвиден за колегиум и за договарање гости за наредна недела. Вечерните часови и викендите се секогаш резервирани за семејството и за најблиските пријатели. Тоа е време кога максимално уживам и се опуштам од сите стресови што ги носи програма во живо, затоа што без оглед колку и долго да работиш пред екраните одговорноста пред гледачите е огромна и моја обврска е секогаш да бидам подготвена за секоја ситуација.
Денот завршува во кругот на моето семејство, со ќеркичката и сопругот Александар. Во прераскажување на како минал денот и што се плановите за утре. Неизбежно е играњето, цртањето со Нела. Во тоа вистински уживам и се релаксирам. Најубава глетка ми е кога ги гледам сопругот и ќерка ми како уживаат во нивната игра. Како шлаг на денот ми е гушкањето пред заспивање со мојата принцеза. Тоа ни е секојдневен ритуал, да заспиваме и се будиме со прегратка и бакнежи.
Повеќе сакам да прочитам книга отколку да гледам филм. Не важам за некоја „филмаџика“, иако сопругот веќе пет години се обидува да ме навлече на филм, засега не многу успешно • Реално откако станав мајка немам многу време ниту за едното, ниту за другото, но за книга наоѓам време, макар и 5 мин, да прочитам неколку страници во текот на денот. Ќерка ми сè уште ми го одзема сето време и внимание затоа што има три години. Сето она време што го пропуштаме додека мама е на работа сакаме да го надоместиме. Па, така, во овој период колку-толку откако Нела ќе заспие, „крадам“ време да прочитам некоја страница.