Безвременска елеганција: Силјановска Давкова со дискретен, но моќен моден настап во Њујорк

Претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Силјановска Давкова, присуствуваше на свечениот прием што го организираа претседателот на САД, Доналд Трамп, и првата дама Меланија Трамп, по повод 80. Генерално собрание на Обединетите нации. Настанот се одржа во Њујорк, со присуство на светски лидери и високи претставници од сите континенти.
На фотографијата, претседателката Силјановска Давкова се појави во елегантен црн фустан со сатенски појас и класичен бисерен ѓердан – избор кој рефлектира достоинственост и дипломатски стил. Со скромна, но впечатлива појава, таа визуелно се вклопи во формалниот амбиент на приемот, задржувајќи го својот препознатлив професионален изглед.
На официјалната фотографија која ја објави на нејзините профили на социјалните мрежи, претседателката позира заедно со домаќините – претседателот Трамп и првата дама Меланија. Во описот на објавата, таа порача:
„Ми претставуваше чест да присуствувам на приемот што го приредија Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија Трамп, по повод 80. Генерално собрание на Обединетите нации. Во овие турбулентни случувања во светот, важно е да не отстапиме од демократските вредности и да се обединиме во зачувување на глобалниот мир и безбедност. САД биле и остануваат наши искрени сојузници на овој пат. Благодарност за гостопримството!“
Фотографијата предизвика реакции на социјалните мрежи, каде некои корисници шпекулираа дека станува збор за восочни фигури на Трамп и Меланија. На овие тврдења, претседателката остро реагираше со демант:
„Почитувани, Ве информирам дека фотографијата објавена на моите официјални профили на социјалните мрежи, на којашто сум заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, е автентична и направена во Њујорк за време на свечениот традиционален прием организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп. Написите на одредени медиуми дека станува збор за фотографија со восочна фигура се целосно неточни, злонамерни и со јасна тенденција за дискредитација. Упатувам апел до медиумите за професионално, одговорно и чесно информирање на јавноста, со почитување на вистината како највисок демократски принцип.“
РЖМ - Г.Д.ГФото: Фејсбук