Издржи, биди силна и упорна: Јане Велковски се вклучи во хумана акција за болно девојче

Јане Велковски вели дека е многу среќен што е дел од добитниците на посланијата „Св. Мајка Тереза“ за 2020 година и статуетки за хуманост од Граѓанската Асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“.
Малиот херој кој боледува од сплинална мускулна атрофија, ова признание го доби заедно со министерот за здравстви Венко Филипче, директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби д-р Милена Стевановиќ, директорот на Градската општа болница „8 Септември“ д-р Христијан Костов и директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле д-р Ангелчо Андоновски.
„Ова хумано признание многу ќе ми значи во животот. Сакам да бидам хуман и другите да ги мотивирам на хуманост“, ни изјави Јане по добивањето на наградата.
Неговата мајка, Деница Велковска вели дека Јане бил среќен што е во друштво на Министерот за здравство и докторите од Ковид- центрите, но најмногу се воодушевил што ја запознал Атиџе Муратова, од светски наградуваниот документарец „Медена земја“.
„Јане е воодушевен од дружбата со Атиџе. На крајот, таа му испеа една песна. Беше многу пријатно и опуштено расположение каде сите уживаа“, додава мајката на Јане за Женски магазин.
„Како негови родители го воспитувавме во духот на инклузивноста, прифаќањето на различностите и хуманоста. Тие вредности ги усвои од мали нозе, а потоа истите ги застапуваше во секое негово опкружување. За среќа Јане растеше во населба со питоми сограѓани кои подаваа рака при секоја препрека и потреба, а со време на сите им стана навика попреченоста на Јане да ја сметаат за можност да бидат подобри луѓе“, вели Деница Велковска, зас својот син.
Јане уште многу мал почувствувал дека хуманоста дава убаво чувство на среќа, за првпат, кога увидел дека борејќи се за терапија, освен за него се обезбеди и за шест други деца со болеста СМА.
„Веднаш сакаше да возврати со љубов и со сета страст се приклучи кон една акција за помош на болно девојче во соседното школо. Тогаш беше многу горд што од неговото училиште му дадоа можност да му однесе на девојчето подароци. Тогаш ѝ рече: „Издржи, биди силна и упорна“. Но мислам дека најголемата среќа ја почувствува кога се обиде да помогне на тетката на неговиот најдобар другар во борба за нејзиното болно срце. Јане продолжи да ги застапува правата на лицата со попреченост, а сè уште соработува и се вклучува во кампањи на УНИЦЕФ за било која хумана цел. Токму деновиве со канцеларијата на УНИЦЕФ подготвува онлајн снимање со повеќе деца од светот на проект за мотивација на децата при враќање во училиште во услови на пандемија. Тоа ќе се објави наскоро“, ни раскажа мајката на 12 годипниот добитник на признанието за хуманост.
Јане е роден во Скопје на 29 јули во 2008 година. Околу својот прв роденден, тој е дијагностициран со Спинална Мускулна Атрофија- тешко невромускулно заболување за кое во тоа време не постоеше терапија. Учи во Подрачното О.У. Димитар Поп-Георгиев Беровски во населбата Хром, Скопје, во седмо одделение. Тој е добитник на награда за успешно интегриран ученик од фондацијата „Проф. д-р. Љупчо Ајдински“-2018г.
Има учествувано во повеќе хуманитарни настани за подигање на свеста за ретки болести, кампања за обезбедување на терапија за Спинална Мускулна Атрофија, номинација за млад пациентски застапник во ЕУРОРДИС, учесник во кампања на УНИЦЕФ Македонија- „За секое дете,права“, настап на главен настан на УНИЦЕФ Македонија „Биди фер, за детство без пречки“, кампања на УЕФА за еднаквост на теренот- „Equal game“. Јане беше прогласен за Амбасадор на фудбалот од страна на ФФМ во 2018г.
Во Ноември минатата година, Јеше поканет да говори на глобалниот самит пред Генералното Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, САД, во рамките на одбележување на светскиот ден на детето и 30годишнина од усвојување на Конвенцијата за правата на детето. Неговиот говор беше препознаен насекаде во светот како силна порака за еднаквост преку отстранување на бариерите и стоп на дискриминацијата.
М.Џаровска