„Терајте ги децата да работат сѐ по дома, тие имаат обврски“: Д-р Ранко со својот совет ја шокираше регионалната јавност
Познатиот детски невропсихолог д-р Ранко Рајовиќ, често апелира до родителите да не им ги прават работите премногу лесни на своите деца.
Неговата главна порака е дека децата треба да се вклучуваат во секојдневни активности уште од најмала возраст, и тоа на начин што тие ќе ги доживуваат како игра, не како обврска или казна.
Во едно од своите излагања, д-р Рајовиќ раскажува како на својот четиригодишен син му дал задача сам да оди до продавница. Му дал две платнени торби, го гледал од прозорец и знаел дека може да го изведе тоа. Детето не само што ја извршило задачата, туку подоцна се мотивирало и почнало самото да се натпреварува со себе – колку брзо може да оди и да се врати, поставувајќи „куќни рекорди“.
Тоа, вели тој, е клучно – да се развива внатрешна мотивација, која е силен двигател за личен развој.
Рајовиќ нагласува дека децата мора да учествуваат во домашните обврски – да донесат салфетки за ручек, да помогнат при миење на автомобилот, да разберат дека се дел од семејството, а не центарот околу кој се врти сè.
Кога детето ќе стане центар, секоја негова желба се исполнува без размислување, а тоа резултира со ниска толеранција, фрустрации и очекување дека сè им следува.
„Не смееме да бидеме банкомати за нашите деца“, вели тој. „Мора да ги научиме на вредност – да знаат што значи да се чека, да се заслужи нешто. Подарокот има вредност само кога се посакува и се заслужува.“
Современиот тренд – подароци секој викенд, прослави како родендени – само им создава илузија дека сè е достапно, секогаш. А животот не функционира така. Токму затоа, уште од мали, треба да ги подготвуваме со мали задачи, одговорности и реални очекувања.
Извор / Фото: Meta - Freepik