Пред 20 години тука имаше стотици деца, денеска најубавиот наш манастир е оставен да пропаѓа

Добивај вести на Viber

На падините на Скопска Црна Гора, во близина на Куманово, се издига манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче – некогаш еден од највеличествените средновековни храмови во Македонија.

Изграден во XIV век во времето на кралот Вукашин и деспот Углеша, манастирот важел за бисер на доцновизантиската архитектура и уметност. Неговите фрески, живописни композиции и монументалната градба го вбројуваа меѓу културните споменици од највисока категорија.

Покрај историското значење, Матејче долги години беше и едно од омилените места за школски екскурзии. До пред дваесетина години, десетици генерации деца доаѓаа тука да ја почувствуваат тишината на манастирските дворови, да ја откријат богатата природа на Скопска Црна Гора и да научат за средновековната уметност. Просторот беше жив, полн со посетители, планинари, верници и љубители на културниот туризам.

Фото: Кумановско-осоговска епархија - МПЦ ОА

Но денес слика е сосема поинаква. Манастирот е разрушен речиси до темели, оштетен во вооружениот конфликт во 2001 година и оставен да тоне во заборав. 

Иако последниве години постојат иницијативи за реставрација и заштита, стручњаците предупредуваат дека храмот никогаш нема повторно да ја добие својата поранешна раскош, ниту пак ќе може да биде место што ќе собира големи групи деца и посетители како некогаш.

Она што останува денес е болен спомен – дека едно од највредните средновековни наследства во Македонија некогаш беше полн живот, а денес стои како сведоштво за кревкоста на културното богатство кога државата и времето го оставаат на милост и немилост.