Затворот во Идризово изгледа подобро од која било државна болница низ Македонија: Нова уметничка креација која го разубавува амбиентот

Добивај вести на Viber

Иако затворот во Идризово со години се соочува со недостиг од кадар и пренатрупани капацитети, таму деновиве се случува нешто што ретко може да се види дури и во многу државни институции. 

Вработените, заедно со осудениците, вложуваат труд и креативност за да го разубават просторот и да создадат подобра атмосфера за сите што престојуваат таму.

Во рамките на Казнено-поправниот дом, местото за средби на осудениците со нивните семејства – т.н. „Видувална“ – доби сосема нов лик. Старите слики на ѕидовите, кои стоеле таму повеќе од две децении, беа реставрирани и заштитени со лак, а неколкумина осуденици насликаа нови, уметнички дела со позитивни мотиви. Просторот денес изгледа далеку потопло и пријателски, што е особено важно за децата кои доаѓаат да ги видат своите родители.

Дополнително, благодарение на донација од Советот на Европа, во „Видувалната“ е поставено и ново детско катче, наменето за најмладите посетители – место каде тие ќе можат да се чувствуваат безбедно и пријатно додека ги поминуваат тие драгоцени моменти со своите родители.

„Честитки до директорот на затворот Идризово, Зоран Јовановски, за неговиот ангажман и до Габриела Дамческа за добро завршената работа“, напиша воспитувачот Александар Ковиловски, истакнувајќи дека ова е пример како со малку волја може да се постигне многу.

Додека низ Македонија бројни државни болници се распаѓаат, а нивниот изглед сведочи за занемарување и немар, во Идризово се покажува дека човечката иницијатива и посветеност можат да создадат убавина дури и зад решетки.