
Многу сакам да патувам со автомобил, а во последно време сум вљубена во оние кампери или по нашки, куќи на тркала. Тие патувања ги замислувам лезетски. Возиш, застануваш некаде каде што сакаш да останеш неколку дена, па повторно на пат. Слобода, без стресови со резервации, па не ми се допаднало некаде. Ако не ми се допадне, палам камперот и одам понатаму. Ако ми се допадне, тамам земам време колку што ми се сака за да прошетам низ некое место. Секако дека и овој начин на патување си има свои “цаки” и бара добра организација, трпение и кондиција. Баш гледав и на инстаграм за патувања со камперите и не дека е како од бајките и без обврски, напротив. Но, останува фактот дека не сакам авиони, имам ем уплав од нив, ем ми немаат шмек. Да, рациото ми кажува дека е најбрз и најбезбеден начин за патување, ама контрол фрикот во мене вели “ај, важи...а што правиме ако баш тој ден не му е погоден на пилотот, м?”. Секако дека знам дека мојот страв е дури и бесмислен, ама оди па кажи му тоа на пулсот, нападот на паника и чувството на анксиозност од кое ми се чини дека ќе умрам уште на полетување. Нејсе, секој со своите бубачки а јас знам дека ќе мора сериозно да поработам на ова за да го надминам.
Муабетот ми е дека сакам патувања, особено оние со ќерка ми кога седнуваме двете во кола (таа е одличен совозач, а наскоро ќе е и возач...љуби је мајка). Муабет, музика, опуштено и сосем е ок ако на некоја од нас не и’ се прави муабет (нема ништо поубаво од тоа кога децата ќе ви пораснат доволно за да бидете другари). Преубаво ми е она чувство на исчекување, трепет дека “еве, стасуваме”, па остварување на плановите за тоа што треба да се види, искуси, вкуси. И сето тоа е неверојатно искуство, набиена агенда и возбуда дека откриваш нешто ново, заедно со твојата најомилена личност во животот. Дури и се договоривме дека барем еднаш во годината ќе одиме некаде заедно на неколку дена, колку да ја задржиме традицијата....оти да се разбереме, сепак децата си имаат свој живот и ние родителите никако не смееме да им бидеме приоритет. Јас ќе сум пресреќна и со толку, 3-4 дена меѓу сите планови со друштво, дечко или ако сака и сама.
И колку и да си поминувам убаво некаде, има едно чувство на доаѓање на своето кога се враќаме дома. Како се намалуваат километрите, како се намалува растојанието од некаде до таблата на која пишува “добредојдовте во Македонија” (не дека сум мутава за да не знам дека пишува поинаку, ама верувам дека за сите нас е вака), така мене ми се зголемува чувството на ДОМА. Да, знам дека домата, нашата дома има многу фалинки...ама е дом, мој, твој, наш. Знам дека како и во секој дом, стан, куќа, одговорни за тоа како ќе им е внатре се токму оние кои живеат во него. Не може да не си чистиме по дома, а да очекуваме дека ќе мириса на чисто. Не може да сме учени да фрламе ѓубре насекаде а да очекуваме дека треба да блеска внатре кога ќе ја отвориме вратата. Не може да не проветруваме, а да очекуваме да не ни мириса на застоено. Не може да не се поминат прозорците со средство, а да очекуваме дека ќе имаме јасен видик надвор.
Секогаш, ама секогаш и без исклучок ми се случува едно издишување од олеснување дека сум ја минала границата и сум си дома. Оној наплив на спокој, сигурност дека што и да се случи од сега па натаму...ова е домата во која сè ќе биде ок, колку и некогаш ништо да не е ок.
Верувам дека на сите ни е вака, токму вака како што опишувам. Верувам дека дури и на тие кои заминале по своја желба, но и на тие кои се спакувале заради неможноста да останат овде, им е исто кога доаѓаат во Македонија. Верувам, знам дека дури и оние кои се отселиле пред 20, 25 или 30 години, исто им топоти срцето секој пат кога ќе им замириса на ДОМА, уште на излегување од авионот. Секој дом има посебен мирис, сте приметиле нели? Мириса на една исклучително добро избалансирана мешавина на луѓето кои живеат таму, енергиите кои им се втемелени во ѕидовите, дури и спомените, среќата, тагата. Мирисот на ДОМА, татковината, земјата по која газиме тука е вкоренет во секој од нас, сакале ние или не.
И секогаш кога се враќам дома, пред мене е она зеленило за кое чинам дека ја нема никаде баш таа зелена боја како што е тревата овде. Ме стега од убаво кај градите кога црвилото на булките ќе затрепери со нежност, ми шумоли во ушите кога го гледам житото како танцува на ветрот. И да, небото никаде не е посино од тука...иако знам дека не е така. Сонцето никаде не свети вака, како тука...иако знам дека не е така. Ама ете, веројатно љубовта кон ова парче земја во кое не случајно сум се родила ми прави да се чувствувам вака.
Одамна расчистив со лажниот патриотизам, многу одамна. Одамна не се удирам во гради дека “абе јас како што ја сакам Македонија, никој друг не може да ја сака”. Дури и смешни ми се тие некои натпреварувања кој повеќе си ја сака татковината, а кои се секогаш толку моќни на зборови. Одамна немам потреба да се китам со знамиња...чинам дека секој од нас има однатре црвено-жолт жиг. Не сум гласна во љубовта кон мојот дом, исто како што не сум гласна во љубовта кон луѓето за кои би го дала животот. Некако ми е дури и вулгарно да љубам со фанфари.
Ја сакам мојата земја како многумина од вас, тивко и кротко. Ја сакам со тоа што внимавам каде го фрлам ѓубрето, а не ретко и го собирам туѓото. Ја сакам мојата земја со тоа што редовно ги плаќам сметките и данокот. Ја сакам мојата земја со тоа што го почитувам ритамот кој нејзе и’ е потребен за да опстане.
Јас не знам да сакам грубо, никогаш никого не сум сакала така. Не знам да сакам со бучава, со премногу муабетење, со бодење во очи дека никој не знае да сака како мене. Сиот мој живот љубам кротко, мирно, нежно. И земјата во која живеам и луѓето со кои живеам, но и оние кои влегуваат во мојот живот. Така сум скроена, така знам и не умеам поинаку. Дали е добро или не, не знам. Не размислувам за тоа. Единствено ми е важно да љубам на начин на кој нема да сторам штета или да нанесам болка.
Нека е за многу години денов, да го славиме достоинствено...онака како што доликува на сето тоа, што овој ден го претставува. Да си го љубиме парчето земја кое има невидливи нишки чии конци засекогаш нè врзале тука, без оглед каде ќе завршиме или каде ќе ни се коските погребани.
Честит празник Македонијо!
Да сте живи и здрави, ви подарувам песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Има една земја
Мала
А толку голема
Скромна
А толку богата
Полна сонце и сончевина
Прелева од синило и зеленило
Та чиниш дека грутка од неа
В рака штом земеш
Најубаво таму мириса
На дом
На спокој
Има една земја
А во неа има еден народ
Кроток и насмеан
Со срце кое чука во 7/8 такт
И душа широка
Како небото в гради да му спие
Та си мислиш оти тој народ
Никојпат мака немал и мака не видел
Оти сé било како од бајките
Оти сé било како во приказните
Има една земја
И има еден народ
Кој од памтивек за себе се борел
Кој многумина го потцениле
Кој многупати го понижиле
Кому многу зло сториле
Чија тага е во Тешкото
И чија сила е во непокорот
Та секој кој се излажал
За да помисли оти таа земја
И тој непокор-народ кој таму живее
Може за миг да го згази
И за секунда да го избрише
Горко се покајал
И горчина в грло си носи
Оти кроткоста не е кукавичлук
И насмевките не се оти не знаеме
Како зад себе и својата земја да застанеме
Има
Има една земја
Сета бои во себе
Во која знам дека своја сум
И има еден народ
Со корен-непокор во себе
За кој знам оти семката не ќе му се сотре
Има...
Има непокор во мојата земја
Има непокор во мојот народ
Има непокор во Македонија
(ЧЕСТИТ ПРАЗНИК)