„Анета не ми е само мајка, таа е мојата најголема поддршка“: Зборови на кои секоја мајка би се гордеала - ќерката на Љумаковска се огласи за првпат

Добивај вести на Viber

За неа често се вели дека ја наследила убавината од нејзината мајка. Дали го наследила и музичкиот талент, вели дека е рано да се каже, но често знае да ѝ се придружи на мајка си, кога дома се одржуваат, како што самата ги нарекува „мини концерти“. 

Иако е свесна за бремето кое го носи како ќерка на позната личност во Македонија, благодарение на смиреноста и посветеноста на нејзината мајка, успеала да ги согледа сите убави, но и лоши страни од работата со јавноста. 

Редовно чита секакви коментари за нејзиното семејство, но вели дека научила да не се осврнува на нив. Луѓето кои коментираат без да ја познаваат неа и нејзината мајка, не се вредни за коментар. Пресреќна е што има мајка како Љумаковска, а со овој разговор за „Женски магазин“ докажа дека вистинската поддршка, нашата музичка ѕвезда ја има токму од својата наследничка. 

Инстаграм 

Моника вели дека се уште ја преиспитува одлуката со што ќе се занимава во иднина, но секако тоа ќе биде професија која ќе ѝ носи лична среќа и задоволство. 

-Во иднина сакам да се развивам во област што мене ме исполнува. Секако, инспиративно е тоа што мајка ми има таква кариера, но за мене е важно да го најдам сопствениот пат. Не исклучувам можност да има допирни точки, ама би сакала да бидам автентична и своја, вели Моника за „Женски магазин“

Ја прашавме како ги коментира споредбите со нејзината мајка, особено на сметка на убавината и коментарите дека убавината ја наследила од мајка си. 

-Навистина ми е убаво кога ќе го слушнам тоа, ама мислам дека убавината на мајка ми е многу повеќе од физички изглед. Таа зрачи со позитивна енергија и добрина. Ако и дел од тоа сум наследила, тогаш сум пресреќна.

Не е имуна на негативните коментари, но вели, ги разбира мотивите на луѓето да шират негативни коментари и дезинформации за нејзината мајка, па дури и да ги поттикнуваат. 

- Да, сум видела многу негативни коментари, особено кон мајка ми. Тие коментари се секогаш од луѓе што очигледно немаат ништо попаметно во животот или нивниот живот не им е доволно интересен, па единствено им останува да се замараат со другите. А има и такви што намерно поттикнуваат такви коментари, само затоа што не можат да се справат со сопствените комплекси. Секој што ќе падне толку ниско да плаќа или да подбуцнува други за да шират лаги по социјалните мрежи за мене е апсолутно беден и безвреден. Ние одиме напред, а тие остануваат заробени во сопствената мизерија.

Ја прашавме и каква е Анета како мајка според неа. 

-Анета за мене не е само мајка. Таа е мојата најголема поддршка и мојата инспирација. Таа има неверојатна способност со една насмевка да ми го разубави денот, а со еден совет да ме насочи на вистинскиот пат. Мајка која знае да сака безусловно, да ме охрабрува и да ме научи дека секогаш треба да останам своја.

Моника вели дека нејзината мајка има многу квалитети, па тешко ѝ е да одлучи кој би сакала да го наследи токму од неа. 

-Таа има толку многу квалитети, што тешко е да изберам еден. Но ако морам тоа би била нејзината смиреност, затоа што јас сум понекогаш премногу избувлива и темпераментна.

А за тоа дали дома им е весело и дали Анета често пее по дома вели:

-За мене мини-концертите по дома се најнормални поради тоа што стварно многу често се случува да почне да пее па јас да и се приклучам и обратно, па така целата куќа оживува и зрачи со позитивна енергија.

М.С.К