8 Септември – денот кога Македонија избра да биде своја

Осми септември 1991 година остана запишан како еден од најсветлите датуми во македонската историја. На тој ден народот излезе на референдум и со огромно мнозинство одлучи – Македонија да тргне по свој сопствен пат, како независна и самостојна држава. Тоа беше момент на надеж, гордост и нов почеток, ден кога сонот на многу генерации конечно стана реалност.
Денес, 34 години подоцна, овој празник е симбол на слободата и достоинството на македонскиот народ. Секој 8 Септември е потсетник дека независноста не е подарок, туку избор и одговорност. Да имаме своја држава значи да ја чуваме, да ја развиваме и да ја направиме место каде што ќе сакаме да живеат нашите деца.
Но, свеченоста не смее да нè заслепи пред реалноста. Македонија и денес се соочува со предизвици – од иселувањето на младите, преку политичките поделби, до секојдневните проблеми на граѓаните. Гордоста што ја чувствуваме на овој ден треба да биде и потсетник дека независноста не е завршена приказна. Таа мора секојдневно да се гради со труд, со љубов и со одговорност од сите нас – граѓани, институции и политичари.
Осми септември е ден кога се обединивме околу една идеја – Македонија да биде своја. Денес, нашата должност е да се потсетиме на тој завет и да се запрашаме: дали живееме во државата што ја сонувавме тогаш? Одговорот зависи од секој од нас.
Независноста е привилегија, но и обврска – да ја чуваме Македонија исправена, горда и достојна на своето име.
РЖМ/Ирена Ставрова
*Забрането преземање содржини од Женски магазин