„Најголемата награда за мене е кога ќе почувствувам искрена емоција во очите на слушателот“: За успесите на македонскиот кларинетист Благој Ламњов кој твори во Шведска

Од Велес до светската сцена – патешествието на музичкиот авантурист, кларинетистот Благој Ламњов започнува од родниот Велес, па продолжува во Шведска и САД и сè уште трае на шведска адреса.
Приказната со кларинетот започнала кога тој имал само 9 години. Сонот на ова младо момче да свири кларинет како неговиот постар брат, денес е реалност. Во неговото семејство, музиката била повеќе од традиција — вистинска животна вредност. Тоа што почнало како љубов кон народната и фолклорната музика, прераснало во храбро животно патешествие, кое ќе го одведе од македонските свадби до големите концертни сали.
Благој Ламњов во прво лице за Женски магазин …
- Пролетта 1992 година отидов на приемен испит во музичкото училиште во Велес. Имав девет години. Сакав да свирам кларинет, како мојот постар брат Кирил. Нашите родители и нивните родители се нашите музички корени. Во нашето семејство музиката беше многу важна, и имавме огромна почит, особено кон изворната и модерната народна музика, која во тоа време имаше поинаков облик.
Паралелно почнав да одам и во детско фолклорно друштво. Токму ова паралелно изучување на два цврсто различни музички жанрови го разбуди уметничкиот дух во мене уште во раните тинејџерски години. Беа прекрасни години.
На петнаесетгодишна возраст заврши тоа важно и преубаво поглавје, и почнав ново — во средното музичко училиште во Штип. Беше многу интересно што во Штип веднаш влегов на свадбарската сцена. Свирев многу, ме сакаа музичките групи. Во меѓувреме отпатував на многу турнеи со фолклорниот ансамбл „Вила Зора“ од мојот роден Велес.
Поминаа и тие четири средношколски години, по што се запишав на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Продолжив да свирам свадби, но веќе не ме исполнуваа духовно, а истовремено имав и некое непријатно чувство и неудобност во Скопје. Се прашував што сакам да правам во иднина и во каква личност сакам да се изградам, без притоа стравот и општеството да влијаат врз мојата одлука. Така, храбро прекинав со студиите по втората година и веднаш во септември, на 21-годишна возраст, почнав од почеток — на Универзитетот во Лунд, во Шведска.
Замислете, во Македонија веќе имав кариера на свадбарскиот терен и комотен живот (финансиски гледано), но сето тоа го оставив поради мешавина на причини: сакав смирено и искрено општество, сакав да научам да свирам класика како што свири западот, а најмногу мечтаев за чувство на слобода. За оваа храбра одлука многу ми помогна мојот невообичаен авантуристички дух и желбата да се чувствувам како жител на светот, и да го доживувам светот како малечок — каков што ми беше тогаш Велес. Затоа подоцна се преселив и студирав и во САД. Бев екстремно љубопитен, како двегодишно или тригодишно дете.
Секое преселување од една во друга земја, со себе носи и одреден страв од она што не очекува таму, од непознатото. Благој преселбата во Шведска ја доживеал како најголем благослов. Менталитетот на луѓето сосема поразличен од балканскиот, таму вели „квалитетот не се мери според тоа колку мангупски и самоуверено се однесува и зборува“.
- Многу нешта во Шведска беа различни и многу интересни за мене. Искреноста на луѓето и однесувањето еден кон друг беше нешто кое ме воодушеви. При дискусија помеѓу двајца не победуваше погласниот и посигурниот во себе, туку тој што смирено и со факти ќе докаже зошто е во право. Не мешаат факт со лично мислење, и не мешаат квалитет со личен вкус. Никој не се правеше, што велиме во Македонија, „мангуп“, и воедно квалитетот не се мереше според тоа колку мангупски и самоуверено се однесува и зборува. Напротив, таквите не беа посакувани ниту од колегите, ниту пак од женскиот пол.
Многу интересно ми беше тоа што во Шведска секој на секого му се обраќа по име и не му персира (дури и студент на декан), задржувајќи ја почитта во целост. За првпат во животот слушнав професор да рече: „Не знам, ќе научам до следното предавање, па ќе ви раскажам“. Бев многу убаво прифатен. Видов дека шведскиот народ не е ладен, туку само емоционално стабилен и мудар. Можеби е најмудрата нација што сум ја сретнал досега. Ја вкусив, како што ја нарекуваат, Земјата на благосостојбата. Воедно, бев и многу топло прифатен. Дури добивав и стипендии, за чии апликации, патем, ми помагаа шведски студенти – иако им бев конкуренција. Еден студент дури ми позајми кларинет за неколку месеци, а соло-кларинетистката на Операта во Гетеборг речиси ми подари речиси нов кларинет. А во четвртиот семестар, мојот професор Андерс Оберг, кој работи во Операта во Малме, ме зема да работам цели три месеци таму – за да вкусам како е и колку можам да научам од тоа.
По преселбата, носталгијата била негова цимерка. Но тоа не го натерало да се врати повторно во Македонија, туку напротив тие чувства го натерале на креативно размислување за нова музика. Неговиот прв албум Nostalgic Love е симбиоза на класичната и традиционалната музика, која ја има онаа препознатлива македонска нишка.
- Најголеми предизвици беа промената на стилот на мојот живот и недостатокот на професионални ангажмани. Носталгијата јако ме гризеше, што всушност е една од причините за развивањето на мојот стил на свирење. Всушност, мојот прв албум, Nostalgic Love е зачнат токму во мојата првиот семестар во Шведска, иако го завршив и снимав 14 години покасно.
Беше многу неизвесно. Се преселив во Шведска со цел не само да студирам, туку да изградам нов, поздрав, попродуктивен и посреќен стил на живот – без притоа да барам среќа во боемски седенки по цели денови и ноќи, како што ми беше во Македонија. Имав цел, имав план, и бев многу љубопитен. Трошев околу 12 часа дневно на факултет, а покрај образованието, лакомо „крадев“ карактеристики од луѓето чие однесување го ценев.
Беше многу тешко и неизвесно, и ниту самиот јас не бев сигурен дали тоа е навистина она што го сакам. Само една мисла ми даваше трпение: „Македонија си стои, таму е мојот дом и моите родители. Можам во секое време да се вратам назад. Ајде да пробам овде, ден по ден, година по година. Ќе го третирам сето ова како нешто привремено.“
И ете, таа трпеливост направи чуда. Но, морам да признаам дека сега кога ќе погледнам наназад – ако би се вратило времето, не би го направил ова повторно.
Носталгијата кон родната земја, ја преточи во музика. Поезијата на Рацин, му послужи како инспирација, а македонскиот фолклор и изворните инструменти како алатки кои ги искористи во создавањето на авторска музика за двата албуми „Носталгична љубов 1 и 2“.
- Созревањето се одвиваше – и сè уште се одвива – од ден на ден, така што, за жал, јас не можам да уживам во моите албуми кога ги слушам. Јас сè уште созревам и учам. Тоа беше долг и бавен процес на изградба на мојот тон и стил кој трае веќе 20 години, слично како кога се гледате секој ден во огледало и не забележувате дека стареете.
Сега, мојот тон и стил на свирење се моето најголемо богатство – духовно и материјално. Начинот на кој сега свирам во споредба со пред да се преселам во Шведска е како од тука до месечината. Добивам коментари од типот: „ти ми откри една нова димензија на кларинетот“. Албумите ги слушаат и луѓе кои никогаш претходно не биле заинтересирани за инструментална музика на кларинет.
Покрај кларинетистот и уметникот во мене, друга тема е и созревањето на музичкиот продуцент во мене. А мојата трета улога е продуцент на целиот овој проект, кој мисли за буквално секој детаљ. Јас точно знаев како сакам да звучат моите албуми и не бев „изгубен“ во сиот тој процес, едноставно кажано. Не сакав да инволвирам друг продуцент, не сакав некој да ми го расипе делото и да звучи спротивно на мојата волја.
Во сето ова многу ми помогна шведското општество, кое ми покажа дека не треба да се натпреваруваме кој ќе биде погласен, поенергичен, „поголем фраер“ итн. Личноста во која се трансформирав ми помогна да почнам сè што правам – да го правам за себе, без натпревар со луѓето, без притисок од општеството и без двоумење. Би можел со сигурност да кажам дека моите преработки на народните македонски песни звучат така како што јас го чувствував шведското општество кога се преселив. Точно го опишуваат тој питом систем. Јас дури и на концерт не свирам со цел да ја импресионирам публиката. Тие ми се само инспирација за да им откријам што се случува во мене. Многумина ми признале дека заплакале за време на концерт или слушајќи ги моите албуми.
Кога се создава авторска музика, секоја нота носи дел од срцето и душата на уметникот. Токму таков е пристапот на кларинетистот Благој, кој преку својот инструмент гради уникатни музички дела проткаени со фолклорна нишка. За него, најголемата вредност на музиката е нејзината моќ да допре до луѓето – да разбуди искрени емоции и да остави трага во душата на слушателот.
- Познатиот и легендарен џез-саксофонист Џон Колтрејн има кажано: „Емоционалната реакција кај слушателот е сè што ми е потребно.“
Истото ми е најважно и мене, и сигурен сум дека и на многу вистински уметници. Тоа е најголемата награда – кога ќе почувствувам искрена емоционална реакција во очите на слушателот.
Шведската публика коментира дека сум им открил нова слика за македонската и балканската музика. Генерално, тие се доста запознаени со гласната и клупска музика од Балканот, наменета за забава, која секако е многу важен дел од нашата култура. Но, јас направив нешто поинакво со нашата музика. Кога ќе им отсвирам песна што веќе ја слушнале, тогаш можат да ја препознаат разликата и тежината на тоа што го правам. Имало коментари од типот: „Колку е убаво, та дури боли.“ Тоа го кажа шведската музичарка и актерка Софиа Берг. Ете, тоа е она за што вреди да се живее, за што вреди да се продолжи, дури и во (финансиски) тешки периоди.
Насловите на инструменталните композиции од вториот албум на кларинетистот Благој не се избрани случајно – тие носат длабочина што произлегува директно од неговите емоции и моментални внатрешни состојби. Процесот на создавање музика за него е интимен чин, а инспирацијата често ја наоѓа и во стари фотографии, кои го враќаат назад низ времето, потсетувајќи го на подзаборавени чувства и лични моменти. Секоја нота станува сведоштво за некоја негова внатрешна приказна.
- Секако! Секогаш е возбудливо да се разговара на оваа тема (се смее) Вака: Мелодијата и изведбата кај моите песни се две различни нешта – изведбата е таа што ја носи тежината и емоциите. Во мојот тон се кријат приказните и тајните. Тие нијанси ги постигнувам благодарение на тоа што сум професионално изграден и во класичната и во македонската фолклорна музика. Кога сум во добра форма, песната добива подлабок облик уште од почеток – тогаш можам слободно да ги пренесам чувствата во самиот тон.
Процесот на креирање започнува со туркање на самиот себе во расположението кое ми е потребно. Понекогаш користам стари фотографии или слушам поезија, како љубовните стихови на Рацин, за да влезам во вистинското расположение. Кога ќе почувствувам дека сум „внатре“, импровизирам и снимам музика што мене ми е потребна да ја слушнам во тој момент, со цел да си помогнам самиот себеси и да и искажам што чувствувам. Понекогаш се раѓа цела песна при тоа импровизирање, и не бара ништо повеќе.
Насловот не мора секогаш да биде поврзан со личноста што ме инспирирала да ја создадам песната – особено кога инспирацијата дошла од повеќе луѓе или кога песната се создавала во подолг период, понекогаш и по две-три години. Но, на крајот, кога ќе ја преслушам, одлучувам со кој период, случка или личност ќе го поврзам насловот. Понекогаш тој се појавува уште додека ја работам песната, а понекогаш – дури откако ќе биде целосно завршена. Албумите се достапни на сите музички платформи, вклучувајќи ја и YouTube.
Иако настапува повремено во Операта во Малме, кларинетистот Ламњов редовно е ангажиран благодарение на постојаната потреба од неговиот инструмент. Еден од поинтересните делови од неговата кариера е соработката со Циркус Циркор и Операта од Малме во продукцијата „Циркуско деноноќие“. Особено задоволство му претставуваат претставите за деца, кои, како што вели, му носат посебна радост и креативна слобода.
- Јас не сум перманентно вработен во операта во Малме, но имам среќа што од 2013 година наваму, речиси секоја година имаат потреба од повеќе кларинетисти во куќата. Имам ангажмани речиси секоја година, по околу 4 – 5 месеци. Тука сум доживеал многу интересни нешта кои ретко ги доживуваат типичните класични кларинетисти што работат во симфониски оркестри (се разбира, и тие си имаат свои доживувања).
Една од нив е циркуската претстава што ја споменавте. Тоа беше нешто многу кул – нешто што дотогаш го имав видено само на телевизија. Такви акробати и циркуски уметници од целиот свет сега беа пред мене, а јас бев дел од тимот на сцената. Особено ми се драги претставите за деца, кои ги посетуваат илјадници деца од Малме и околните градови. Тоа е еден прекрасен и многу важен чин за општеството. Ете кога еден тим вработен во таа установа длабоко ја разбира улогата на уметниците и културните установи и нивната потреба во нашето општество.
Пред кларинетистот Благој стои динамична агенда исполнета со музички ангажмани, но неговата главна цел е да ја доближи својата музика до пошироката европска публика. Учеството на реномирани европски фестивали е следниот чекор во неговата кариера. Сепак, за да ги реализира своите идеи и амбиции, Благој посочува дека му е потребен менаџер кој длабоко ја разбира неговата музика и ќе знае како да го претстави на вистинскиот начин пред европската сцена.
- Се спремам за мојата тридневна работилница во Сараево (Босна и Херцеговина) оваа есен, како и за концерт во Пула (Истра) каде ќе свирам како солист со локалниот дувачки оркестар. Во моментов искрено се обидувам да најдам начин да го скршам мразот на големите музички случувања низ Европа – музичките фестивали, влијателните музички списанија, студијата за снимање и слично. Во потрага сум по искрен обожавател(ка) од Македонија, кој(а) искрено ја чувствува моќта на тоа што го правам, а второ – има инстинкт за менаџирање. Потребна ми е помош за да го постигнам тоа. Многу е тешко да се пробиеш со музика од мала земја, за чии култура и естетика западот знае многу малку. Затоа ми треба човек кој пред сè емотивно е поврзан со мојата музика, за да би можел со голема сигурност и борбеност да ме претставува низ светот.
Од Шведска добивам огромна помош колку што се може, но мислам дека тежината на она што го правам најлесно може да ја препознае Македонец – некој кој ја знае нашата музика и точно препознава што јас можам. Светот е преплавен од бендови кои свират македонска музика, некои добро, а некои прилично лошо. Затоа чувствувам одговорност да заземам простор на сите тие големи музички случувања и да и пренесам на публиката една друга музичка информација и слика за нас. Покрај сето ова, го подготвувам и мојот трет албум, и се надевам дека ќе биде спремен за снимање за 2 – 3 години.
Кларинетистот Благој Ламњове јасен во својата уметничка филозофија – музиката што ја создава е личен израз и не ја прави со намера да ја дели со други. „Немам желба да ја споделувам, дури ни ако станува збор за мегаѕвезда“, вели тој, потенцирајќи дека за да прифати соработка, мора да постои силна човечка поврзаност и значење. За него, креативноста е интимен процес, ослободен од надворешни влијанија и очекувања.
- До сега немам покането македонски музичар да учествува во моите албуми. Мене ме поканувале за заеднички проекти, но досега не сум прифатил. Она што го правам, го правам за себе, и немам потреба ниту желба да го делам со друг, па дури и да е мегаѕвезда. Морам да имам добра причина и да ми значи човекот за да решам да соработувам со него. На пример, на мојот голем концерт во Велес минатата година поканив четворица мои другари музичари од Велес да се појават како гости, само затоа што сакав да бидат луѓе кои ми се важни во животот. Не можам да го оспорам фактот дека се учам и инспирирам од македонски уметници, актери, писатели и други, почнувајќи од Кочо Рацин.
Иако неговиот живот е исполнет со музика, концерти и проби, кога ќе најде слободно време, Благој го посветува на едноставни, но исклучително значајни моменти. Најчесто патува, и тоа – без однапред испланирана агенда. Вели дека токму таквите спонтани патувања му носат вистинска слобода и инспирација.
А кога е во Македонија, со задоволство се препушта на носталгијата. Не пропушта да погледне стара детска серија или цртан филм на МРТ 5 – содржини „мирисаат“ на едно убаво и безгрижно детство.
- Обожавам да патувам со воз низ Европа, спонтано и без строг план. Поаѓам од Малмекон Македонија, но по пат одлучувам каде ќе застанам на шетање, па така по 2-3 недели да стигнам дома, а понекогаш и подоцна.
Сакам да се допишувам и да разговарам преку видео со моите најдраги луѓе во светот. Последните неколку зими почнав да останувам по цела зима во места каде што има снег и скијалишта, и скоро секој ден скијам. Во топлите месеци одам на Јадранското Море и останувам по 2-3 месеци, запознавајќи туристи, спортувајќи, вежбајќи кларинет, работам на следниот албум и трошам 1-2 часа на плажа.
Кога сум дома во Малме, обожавам речиси секој ден да гледам филм и некој цртан од детството, а кога сум дома во Македонија, најчесто седам дома и уживам во програмата што ја нуди детскиот канал на Македонската Радио Телевизија, МРТ 5, кој патем им го препорачувам на сите!
Тренирам и јапонско карате, што е моја голема пасија уште од детството.
Минатата година, кларинетистот Благој за првпат одржа самостоен концерт во својот роден град – Велес. Настанот беше исполнет со емоции, но и со носталгија, бидејќи, како што вели, градот денес не е ист без луѓето кои некогаш го правеа жив – многумина се отселиле. Но спомените сè уште живеат – скриени некаде меѓу старите велешки сокаци, каде времето, барем во мислите, сè уште тече побавно. За него, Велес останува симбол на едно среќно и безгрижно општество, кое, иако променето, продолжува да биде тивка инспирација во неговата музика.
- Немам некоја строга шема за патувања кон Македонија – тие се случуваат спонтано, како што реков погоре. А што ми недостига … Искрено, кога сум во Шведска, ми недостигаат одредени периоди од мојот живот во Македонија, како и луѓето од тие времиња. Кога си доаѓам во Македонија, трагам по сите тие спомени, но сфаќам дека тие спомени се всушност во луѓето, кои, за жал, голем дел од нив се отселиле во други земји. Отсуството на тие луѓе ми го прави градот туѓ. Сфаќам дека носталгијата не е кон Велес туку кон животот во Велес кој го имавме пред 25 години. Единственото нешто што ме теши е душата што ја имаат старите сокаци во Велес, полни со спомени. Ужасно ми недостига времето од игроорна во пионерскиот дом. Многу е чудно што ми недостигаат и нешта од минатото кои не ми биле нешто посебно убави. Ми недостига среќното и безгрижното општество.
Габриела Додевска ГлигоровскаФото: приватна архива