„Ова не се бројки, туку животи“: Бетика алармира дека во Преспа годишно има 250 нови случаи на заболени од рак

Познатата Ресенчанка Бетика, широко препознатлива под прекарот „Ледената кралица“, повторно ја активира јавноста – овојпат со потресна објава на социјалните мрежи, во која алармира за загрижувачката здравствена состојба во нејзината родна Преспа.
Во својата најнова објава на Инстаграм, таа изнесува фрапантен податок – според неа, во Преспа секоја година се евидентираат околу 250 новозаболени од рак, што е алармантна бројка за едно толку мало населено место.
„Ова не се бројки. Ова се лица“
„Во срцето на мојата Преспа, каде што секое јаболко мириса на дом и детство, денес одекнува една болна вистина – околу 250 луѓе се борат со рак, најмногу се жени со рак на дојка. Не се тоа бројки. Тоа се лица што ги гледам секој ден, очи што се полнат со солзи, животи што се кршат тивко…“, напиша таа во емотивниот статус кој брзо се прошири на социјалните мрежи.
Според Бетика, главни виновници за оваа трагична статистика се неконтролираното користење на пестициди и хемикалии во земјоделието – практика која, како што вели, ја труе почвата, водата, воздухот и, на крајот, луѓето.
Порака со јасна цел
„Ова не е само статистика, ова е тивок крик на мајки, татковци, деца… Ова е болката на мојот народ. И додека институциите молчат, болеста не чека. Време е да се разбудиме“, порачува Бетика.
Нејзиниот статус ја потресе јавноста, особено во регионот на Преспа, каде што зачестените случаи на малигни заболувања сѐ почесто се тема зад затворени врати, но ретко излегуваат на површина. Со својата храброст, Бетика не само што ја крена свеста, туку и повторно потсети зошто еден поединец може да стане силен глас за цела заедница.
Позната по својот специфичен стил, одмерен став и непоколеблива посветеност на еколошките прашања, Бетика сѐ почесто ја користи својата платформа за да ја пренесе пораката дека љубовта кон татковината не се мери само во зборови, туку и во дела.
„Љубовта кон оваа земја не е само да ја гледаме од далеку, туку да ја чуваме, да ја браниме и да ја исцелиме“, завршува таа.
Бетика во последните години стана сѐ погласна во еколошките движења. Таа беше активен учесник во протестите за спас на селото Љубојно од прекумерна сеча, како и во акциите за зачувување на реката Дошница, загрозена од планираната изградба на хидроцентрала.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Инстаграм