ПО ШЕСТ МЕСЕЦИ БОРБА ЗА ЖИВОТ – МЕЛАНИ, ЕДНА ОД НАЈТЕШКО ПОВРЕДЕНИТЕ ОД ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“, КОНЕЧНО ДОМА

18-годишната Мелани Тасева од Скопје, една од најтешко повредените жртви во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, по повеќе од 6 месеци болничко лекување конечно се врати дома. Несреќата што се случи на 16 март остави длабоки последици врз младата девојка – животозагрозувачка состојба, бројни изгореници и интоксикација со гасови. Заради сериозноста на повредите, Мелани првично била хоспитализирана во приватната болница „Жан Митрев Клиник“, а потоа префрлена во Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград. По третманот таму, се вратила во „Жан Митрев Клиник“, но поради влошување на состојба, во крајно тешка општа состојба на 5 мај била префрлена во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за понатамошен третман. Во тешка здравствена состојба, поминала цели 139 дена, борејќи се и таа и целиот тим во болницата за закрепнување – ден по ден, чекор по чекор.
На 19 септември, по половина година низ болнички ходници, интензивна нега и несебична поддршка од лекарите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и семејството – Мелани се врати дома.
НАМЕСТО СЛИКИ ОД КОНЦЕРТОТ, ДОБИВМЕ ИНФОРМАЦИЈА ЗА НЕСРЕЌАТА
А за родителите – нема поголема радост, ниту посилна емоција, од мигот кога нивното дете, по тешката битка, ќе се врати дома во нивна прегратка. Според семејството на Мелани, третманот и стручноста на тимот од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ бил клучен за излекување на нивното дете.
„16 март беше денот кога времето застана за многу семејствата. Трагедија која никој не може да ја предвиди, ниту да ја прифати. Токму тој викенд Мелани од Скопје замина во Кочани, пресреќна што ќе оди на концертот на својот омилен бенд ДНК. Така започна нашиот кошмар. Неколку часа подоцна, наместо фотографии и среќни пораки, добивме повик што никој родител не сака да го слушне. Ни кажаа дека се случила несреќа, дека има повредени, дека има загинати. Срцето ни застана, не знаевме дали нашето дете е добро, дали ќе се врати дома.
Кога конечно ја видовме, и покрај болката и шокот – имавме едно чувство – благодарност што е жива. Нејзините очи беа полни со страв и неизвесност.
Пресреќни сме што Мелани по шест месеци болничко лекување е дома. Поминавме низ многу тежок период, но конечно насмевката се врати на нашите лица. Мелани е дома и се опоравува по тешкиот период кој го поминавме. Многу непреспиени ноќи, солзи, стравови и надежи. Нема зборови со кои можеме да ја изразиме нашата благодарност до Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и целиот тим кој се грижеше за здравјето на нашето дете. Мелани претходно беше хоспитализирана во две клиники, а патот до нејзиното излекување беше трнлив и тежок. Но принципот на работа, темелноста и стручноста на докторите, се разликуваше од клиника до клиника. Упорноста и пожртвуваноста на тимот, темелноста и мултидисциплинараниот пристап доведе до нејзино излекување.“ -изјави Александар, татко на Мелани.
ДОГЛОТРАЈНО И КОМПЛЕКСНО ЛЕКУВАЊЕ, А СЕКОЈ ДЕН БОРБА ЗА ЖИВОТ
Лекувањето било долготрајно и комплексно, третманот индивидуаилизан и динамичен, прилагодуван според состојбата на младата пациентка и нејзиниот одговор на терапијата. Кризите биле многубројни и често непредвидливи. Секој ден во интензивна нега носел ризик од сепса, мултиорганска слабост, тешки метаболни нарушувања и респираторни компликации. Во момнети исходот бил неизвесен, а секоја интервенција, секоја терапија и секое ноќно дежурство биле критични за спасување на животот. Прим. д-р мед. науки Бети Костадиновска-Јорданоска, специјалист по анестезиологија со интензивно лекување во „Аџибадем Систина“, вели дека токму овие моменти покажуваат колку е важна брзата реакција, искуството и тимската координација во медицината.
„Овие состојби се меѓу најтешките во медицината. Тие бараат долготраен, комплексен и постојано адаптиран третман со висок ризик по животот на пациентот. Прогнозата често е неизвесна и зависи од голем број фактори – површина и степен на изгорениците, инхалациска повреда, возраст, општа здравствена состојба и одговор на организмот на третманот.Мултидисциплинарниот пристап е од клучно значење за успешен исход. Во тимот беа вклучени лекари од различни специјалности - анестезиолози, кардиохирурзи, кардиолози, и пулмолози, пластични и реконструктивни хирурзи, хирурзи од други специјалности, микробиолози, физијатри, нутриционисти, психијатри и психолози како исредниот медицински персонал: медицински сестри, болничари, физиотерапевти и помошен персонал. Современата технологија, како ECMO терапија, напредни методи за мониторинг и третман на изгореници, значително ја зголемува шансата за преживување и квалитетно закрепнување, но само кога е комбинирана со посветеност на целиот тим. Само со ваква координирана соработка може да се обезбеди целосна и континуирана грижа за пациентот“- објаснува д-р Бети Костадиновска-Јорданоска.
НИЗ ЛАВИРИНТОТ НА НЕПРЕДВИДЛИВИ КРИЗИ
Мелани била примена во крајно сериозна општа состојба. Претходно третирана во соседна земја во центар за изгореници, повеќе од еден месец.
„На приемот беа констатирани сеуште присутни рани од изгореници, на местата каде биле земени трансплантатите се отвориле нови рани или воопшто не заздравиле. На задниот дел голема декубитална рана од долгото лежење. Сериозна беше состојбата и со белите дробови. Веднаш по приемот беше свикан конзилиум од повеќе специјалности на лекари кои ординираат во нашата клиничка болница. Мултидисциплинарниот пристап беше неопходен, поготово кај изгореници кога се афектирани повеќе органи, а не само кожата. Се направија неколку хируршки интервенции на трансплантации на кожа и поставување на најсовремени замени за кожа за намалување на траумата и поставување на нови кожни трансплантати, најсовремени антибиотици и лекарства кои ретко или воопшто не се користени во нашата земја. Беа направени и реконструктивни зафати на прстите кој што во најголем дел беа зачувани“ – сподели проф. д-р Боро Џонов, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија од Клиничката болница „Аџибадем Систина.
Родителите на Мелани раскажуваат дека секоја ноќ со нетрпение го чекале утрото – само за да станат и да тргнат кон болницата, да ја видат својата ќерка. Тоа им било единствената надеж, единствениот здив на сила во тие тешки денови. Велат дека докторите не ја лекувале само Мелани – туку и нив. Ги лечеле нивните рани, невидливи за очите, но длабоки и болни во душата. Со секој збор, секој гест на разбирање и топлина, им давале сила да издржат.
„„Аџибадем Систина“ покрај тоа што беше втор дом на Мелани во изминативе 6 месеци, беше и наш втор дом. Се будевме и одевме кон Систина со огромен страв и силна надеж. Но, таму наидовме на нешто што ни ја враќаше вербата – на вистинска човечност. Благодарни сме што добивме целосна поддршка, разбирање и емпатија од целиот тим. Докторите беа 24 часа посветени на нашето дете- не само како лекари, туку и како луѓе со големо срце. Беа тука и за нас, не само како пациенти, туку како родители што поминуваат низ најтешките денови во животот. Секој збор кој што ќе ни упатеа, секоја утеха, секоја информација, ни значеше повеќе отколку што можат да замислат. Сите тие ни помогнаа да останеме силни, кога паѓавме. Во најтешките мигови, тие беа наша најголема надеж. Нема доволно зборови со кои можеме да ја истакнеме нашата благодарност, благодарение на нив, денес Мелани е со нас. “ - споделува Александар Тасев.
НАДЕЖ ТАМУ КАДЕ ШТО НА ПОЧЕТОКОТ ИМАШЕ САМО СТРАВ
Кобниот 16 март остави длабоки рани за сите, и за настраданите и докторите, кои деноноќно се бореа за секој еден пациент. За еден лекар, најголема награда не се дипломите – туку спасениот живот. Моментот кога по долги денови неизвесност, труд и посветеност, пациентот излегува од болница.
„Овој успех има длабока и повеќеслојна вредност. По цели 139 дена неизвесна борба, кога пациентката ја напушти болницата во стабилна состојба и замина на домашно лекување, за нас тоа е повеќе од медицински резултат – тоа е спасен млад живот, потврда на посветеноста, трудот и знаењето на целиот тим.За лекарите, средниот медицински персонал и помошниот тим, тоа е награда која не може да се мери со ништо друго. Секоја помината ноќ во интензивна нега, секоја интервенција и секој момент на неизвесност добија смисла кога ја испративме дома стабилна и насмеана. Тоа е најголемата награда што може да ја добие еден лекар и цел тим – да видиме надеж таму каде што на почетокот имаше само страв.Овој успех нѐ потсетува дека медицината е пред сè хуманост, љубов и грижа кон човекот, и дека само заеднички, како тим, можеме да ги надминеме и најтешките предизвици. Тој ни дава сила и мотивација да продолжиме да се бориме за секој пациент, без разлика колку е тежок предизвикот.“ – вели д-р Јордановска од Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Рехабилитацијата продолжува и во домашни услови, а семејството Тасеви е во постојана комуникација со докторите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, кои и даваат насоки и совети на Мелани, за побрза рехабилитација.
Целокупниот медицински тим и сите капацитети на болницата „Аџибадем Систина“ одговорија на потребата да се згрижат повредените лица од несреќата во Кочани и соодветно да се лекуваат, а поголем дел од средствата за лекувањето на Мелани беа покриени од Фондот за здравство.
Извор: Плусинфо