Провери се – не чекај, грижи се за себе – затоа што си важна: Октомври месецот за превенција од рак на дојка

Добивај вести на Viber

Секоја година, месец октомври ширум светот е посветен на подигнување на свеста за рано откривање, превенцијата и борбата против ракот на дојка – болест која е водечка причина за смртност кај женската популација, но која, ако се открие навреме, е и една од најизлечивите.

Со симболичната розова панделка, овој месец повикува на солидарност, информираност и гласно зборување за нешто што не треба да биде табу.

Во изминативе четири години во Република Северна Македонија расте бројот на смртни случаи од рак на дојка во земјава, велат статистичките податоци на Институтот за јавно здравје. Според нивниот извештај од 2024 година„Морталитет и морбидитет од рак на дојка кај жени во Република Северна Македонија по повод одбележувањето на Октомври – Меѓународниот месец на борбата против ракот на дојка, во земјава најчеста причина за смрт од малигни неоплазми кај жените во периодот од 2010 до 2023 година е ракот на дојка.

Во 2010 година од рак на дојка починале 310 жени со стапка на морталитет од 30,0/100000 жени, во 2021 година 337 жени со стапка од 32,6, во 2022 година 356 жени со стапка од 38,5 и во 2023 година 346 жени со стапка од 37,5 на 100000 жени.

Зошто е важна раната дијагноза?

Ракот на дојка не избира возраст, животен стил или социјален статус. Според Светската здравствена организација, 1 од 8 жени ќе се соочи со оваа болест во текот на својот живот. Но, истовремено, во над 90% од случаите, рано откриениот карцином е целосно излечив.

Редовните самопрегледи, клинички прегледи и мамографии се најмоќното оружје во борбата против оваа болест. Превенцијата не е страв – превенцијата е сила.

Подигнување на свеста – наша заедничка одговорност

Во текот на октомври, бројни институции, организации, лекари, активисти и преживеани од ракот на дојка организираат кампањи, настани, предавања и симболични прошетки, со цел да ја подигнат свеста и да ги охрабрат жените да се грижат за своето здравје.

Не молчи – информирај се. Не одложувај – закажи преглед. Не чекај симптом – превенирај.

Секоја жена е важна

Во одредени средини, темата за дојките и женското здравје сè уште се доживува како непријатна или срамна. Тоа молчење чини животи. Октомври е повик да го срушиме тој ѕид и гласно да проговориме – женското здравје не е срам, туку приоритет.

Порака до сите жени:

-Провери се – не чекај.

-Грижи се за себе – затоа што си важна.

-Биди пример – поттикни ги и другите околу тебе.

Октомври е повеќе од месец на розовите панделки – тоа е месец на надеж, сила и изборот да се живее.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Freepik.com