Се гордеам со тоа што мајка ми беше чистачка, а татко ми работник во железара, ова што сум денес го постигнав со напорна и чесна работа: Интервју со словенечката европратеничка, Ирена Јовева

Ирена Јовева е гласот на новата генерација европратеници – млада, смела, принципиелна и цврсто втемелена во вредностите на правдата, транспарентноста и човечноста.
Родена е во Словенија, во градот Јесенице, Јовева негува силна врска со своите македонски корени – нејзините родители потекнуваат од Македонија, од Кратовскиот регион и Куманово. Денес, како европратеничка, таа не само што ја претставува Словенија, туку носи и глас од Балканот во срцето на Европската унија.
Во интервјуто за Женски магазин, Јовева зборува за своите македонски корени, за своето детство, мајчинството, политиката, жените во европската арена, идентитетот, борбата против предрасудите,но и за тоа што значи да се биде мост меѓу две култури – словенечката и македонската. Нејзините зборови се инспирација, но и потсетник – дека интегритетот, емпатијата и чесноста сè уште имаат место во политиката.
Детството е темелот врз кој се гради целото човечко. Тоа е периодот кога се учиме што значи љубов, припадност и идентитет. За многумина, спомените од детството се како стара фотографија: избледена, но топла. Иако времето минува, тие слики остануваат врежани во срцето. Во случајот на Јовева, детството не било совршено, но било вистинско – полно со убавини што тогаш можеби не ги разбиралацелосно, но денес ги чува како најголемо богатство.
-Имам најубави спомени на моето детство. Не беше сè совршено, секако, но што е совршено на овој свет? - Немавме сè, ама всушност имавме сè, само што во тоа време не бев доволно свесна дека е така. Родена сум во Словенија, пораснав во мал град, Јесенице. За мене, тоа секогаш ќе биде најубавиот град на свет – не во физичка смисла, туку токму поради сите спомени што ги имам. Пораснав во станбена зграда, со семејства од цела поранешна Југославија – во тоа време таа се распаѓаше, имаше војни, се сеќавам на многу работи. Но … ние не бевме само „комшија на комшија“, бевме „човек на човек“.
Невозможно е да се опише со зборови колку сум благодарна на моите родители, кои ме воспитаа со многу јасен став: сине, твојата татковина е Словенија, почитувај ја, сакај ја, но сепак никогаш не заборавај од каде доаѓаме.
Затоа никогаш не се срамев од моето потекло, семејство, презиме … речиси една деценија посетував дополнителни часови по македонски јазик, 20 години бев дел од македонскиот фолклор и сè уште сум член на Македонското културно друштво „Илинден“ во Јесенице. Она што сакам да го кажам, е дека дома ги негувавме двете култури, словенечката и македонската. Моето воспитување е „измешано“ и со двете, и не би ги менувала спомените за ништо на светот.
Патувањата во татковината отсекогаш за неа претставувале нешто повеќе од обично менување на локација – тие биле враќање кон корените, кон луѓето што значат дом, без разлика каде се наоѓа на картата. Секоја посета за неа била како нова приказна вплетена во старата традиција, секој разговор – потсетник на припадноста, на љубовта и на врските што не ги раскинува ниту времето, ниту растојанието. Во тие моменти, идентитетот не било нешто за кое се размислувало – туку се чувствувало.
-Ја посетувавме многу често, неколку пати годишно. Се сеќавам колку едвај чекав да ги посетам моите тетки. Посебни спомени ме врзуваат за Зрновци, каде што долго време живееше татко ми, а особено и на Куманово, каде што живееја и сè уште живеат роднини од мајчина страна. Таму се случија вистинските пријателства, таму се случи мојата прва љубов …
За жал, во 2009 година, татко ми и јас останавме сами, мајка ми почина по долга и храбра борба со најтешката болест на светот – рак. Тукушто наполнив 20 години, тешко се справував со оваа загуба, но денес сум благодарна што имав можност да бидам со најдобрата личност на светот барем првите 20 години од мојот живот и да учам од неа.
Оттогаш, не ја посетувам Македонија толку често. Не само поради тоа што мајка ми не е повеќе тука, тукуво меѓувреме јас пораснав, се вработив, создадов семејство … одредени одговорности доаѓаат со тоа и тешко е да се комбинираат работите на начин на кој човек би сакал.
Секако, би сакала да дознаам повеќе за моите роднини, но јас веќе знам многу, редовно сум во контакт со нив.
Јас сум дете на два народа, дете со македонски и бугарски корени, морам да бидам јасна тука, никогаш не сум го криела тоа. Знам каде е роден татко ми, знам кога се преселил, каде се преселил како дете и каде во младоста, знам и зошто, знам кој е, знам што е. Како што знае и тој. Знам и дека никогаш немал никакви проблеми поради тоа – никогаш никаде. Истото важи и за мајка ми, која е од кратовскиот регион.
Никогаш не сум негирала и нема да негирам ниту еден народ, а на манипулациите и лагите одговарам исклучиво со факти. Ги почитувам сите нации, сите јазици и сите идентитети на оваа планета, на крајот на краиштата, токму тоа ме научија моите родители. Патриотизмот не се докажува со омраза кон другите. Но, мојот идентитет е мое право. Никој не може да ми го одземе тоа право и нема да дозволам никој да ми го одземе. Никогаш.
Да се зборува во Европскиот парламент не е само чест, туку и голема одговорност – не само затоа што светот слуша, туку затоа што таму се кажуваат зборови што остануваат. Говорот во Европскиот парламент кој го посвети Јовева на македонскиот идентитет, обраќајќи им се на бугарските европратеници, беше силна порака. Зборуваш со верба дека интегритетот и храброста мора да стојат повисоко од политичките калкулации и националните поделби.
- Моите единствени обврски се да си легнам и да се разбудам со чиста совест и да го осигурам моето дете, да не му недостасува ништо што зависи или може да зависи од мене.
Одговорноста во овој случај ја гледам само од гледна точка дека сè што кажав, секако дека го кажав со најголем можен степен на одговорност. Но, всушност, ако ме прашате мене, тука станува збор за пристојност и правда. Интегритет. Веројатно и храброст … во основа, за она што го кажав и во мојот говор. Секогаш ќе се поставам на страната на правдата, не ме интересира кој или што е на другата страна.
Некои моменти не се планираат до последен детаљ – се чувствуваат. Не доаѓаат од стратегија, туку од внатрешна потреба да се каже нешто што одамна ви „лежи на душа“. Кога човек носи силна порака, таа едноставно мора да излезе – без калкулации, без сценарија, без очекувања. Токму така се случи и со говоротна Јовеа во Европскиот парламент: искрен, личен и без задни намери. Како што вели не очекувала аплауз – сакала само да се слушне пораката.
- Дали ќе ми поверувате ако ви кажам дека воопшто не помислив какви ќе бидат реакциите?!- Навистина не помислив. Никому не кажав точно што ќе кажам и како точно ќе го кажам тоа – половина час пред да започне дебатата, го испратив текстот на мојот тим. Тие немаа никакви негативни коментари, но искрено, дури и да имаа, немаше да го сменам текстот. Знаев што сакам и што имам да кажам. И не е тоа дека „морав“ на сила, поради некого или нешто. „Морав“ затоа што чекав на ваква прилика да го изнесам сето тоа, да го кажам јавно, да им кажам на одредени луѓе што треба да им се каже, да и кажам на Европа, да му кажам на светот. Затоа што некој едноставно, ете, „мораше“.
Немав никакви очекувања, сè уште ги немам; само кажав она што би требало да им биде јасно на сите. Но, апсолутно сум среќна и задоволна што не беше залудно. Многу луѓе ја слушнаа пораката – дури и оние кои не сакаа. Тоа беше мојата цел.
Во светот на политиката, кој би требало да биде огледало на општеството, сè уште често гледаме искривена слика – слика во која полот и возраста понекогаш тежат повеќе од искрената посветеност и конкретните резултати. Тоа е реалност што не би требало да постои во 2025 година, но, за жал, сè уште постои. Јовева во политиката не влегла за да биде „жена во политика“, туку човек кој сака промена, која сака да работи и кој верува дека вредностите треба да се мерат според делата, а не според изгледот, полот или титулата.
-Ме боли што во 2025 година сè уште мора да зборуваме за политиката како за претежно машки свет. Не одлучив да влезам во политиката поради тоа, туку поради тоа што не бев задоволна со оние што ме претставуваа во политиката дотогаш. Дали мажи, дали жени, воопшто не е важно или не треба да биде важно. Треба да се бројат резултатите, а не како кој изгледа. За жал, сè уште не сме таму.
Јас не ги делам луѓето на мажи и жени, не ги делам ниту на „наши“ и „ваши“. Ги делам само на добри и лоши. За жал, во 21 век, сè уште има многу лоши луѓе, особено во политиката. Со сето должно почитување кон повозрасните, бидејќи навистина верувам дека ние помладите можеме многу да научиме од нив и тоа барем јас го и правам, но покровителството е нешто што навистина не можам да поднесам. А сè уште го има многу – Европскиот парламент не е исклучок. Особено од страна на мажите, тоа е факт. Не можам да кажам дека никогаш не чувствувам различно однесување „само“ затоа што сум млада жена. Но, морам да кажам и дека тоа го чувствувам сè помалку и помалку – веројатно затоа што такви однесувања не ме спречуваат, туку ми даваат уште повеќе енергија и ентузијазам.
Фото: Pia Schaefer
Да бидеш видлив, гласен и искрен во јавниот простор носи своја цена. Не затоа што правиш нешто погрешно, туку затоа што за некои луѓе – самото твое постоење, став или потекло е доволна причина да те нападнат. Со тек на време, Јовева научила дека не секој коментар заслужува одговор, а не секој „напаѓач“ вреди време и енергија. Но, научила и нешто друго: тишината не секогаш е вистинскиот одговор. Понекогаш токму фактите се најсилниот одговор што може да го дадеш – тивко, достоинствено и точно во целта.
-Ако кажам дека секогаш е лесно, ќе ве излажам. Ама како што реков, престанав да се занимавам со одредени коментатори, а во исто време и со одредени колеги. Убедените никогаш нема да ги убедам.
Всушност, за многу од тие сум „погодна мета“ – дали поради моето потекло, дали полот, изгледот, годините … Но, јас од објаснување околу тоа немам ништо, освен лошо расположение. Знам која сум. Знам зошто сум тука, каде сум. Знам и за кого сум тука, каде сум – не сум тука поради сопствени интереси, а не сум ни затоа што сум жена.
Сепак, порано бев многу потивка кога добивав разни коментари. Денес веќе не сум. Денес на многумина им одговарам со факти – и знаете ли што се случува? Сите тие „ултра храбри“ луѓе кои се осмелуваат да пишуваат секакви лаги за мене, завршуваат со бришење на сопствените коментари. Не знам, веројатно мора да боли кога некој на лаги одговара со факти.
Понекогаш, најтешко не е да ги поднесеш нападите врз себеси, туку кога тие удрат во најсветото – во твоето семејство, во луѓето кои те воспитале и кои ти го дариле животот. Болката од лагите и омаловажувањата е поднослива кога се однесуваат на тебе, но кога ја гледаш навредата врз чесните и искрени вредности на твоите најблиски, тоа е како да ти ја кршат душата. Ирена Јовева е горда на нејзиното семејство, и секој напад врз нив е напад врз она што е таа – човек кој знае од каде доаѓа и со каков труд дошла до тоа што е денес.
-Најголемиот предизвик за мене не се толку лагите во врска со мене, колку што се лагите или некои работи кои се пишуваат за моето семејство.
Еве, само пред неколку дена, некој на социјалните мрежи напиша дека јас сум „ќерка на чистачка и на неквалификуван работник од дното на општеството“, која стигнала до оваа функција со помош на … нема да го повторам зборот што следеше, бидејќи е несоодветен, но мислам дека ме разбирате.
Она што сакам да кажам е дека не ме повреди толку лагата што ја слушнав за мене– дека дојдов до оваа позиција не со мојата способност, туку со нешто друго. Но, ме повреди потсмевањето на чесните професии на моите родители. Јас се гордеам со тоа што мајка ми беше чистачка, а татко ми работник во железара. Ништо не ми падна од небо, ништо не ми е подарено, ни на моите родители ни на мене. И тоа е очигледен доказ дека на некои од нас не ни требаат врски и познанства, а ни „нешто друго“, туку сум стигнала со напорна, а пред сè чесна работа.
Во свет каде правилата понекогаш служат за прикривање на нечии намери, таа се осмели да ги прекрши – не заради себе, туку заради оние што немаат глас, заради вистината која не смее да се замолчи. Токму тие моменти ја обликуваат нејзината борба и свест за вистинската одговорност пред светот и пред совеста.
-Лично, најголемата промена што ми се случи во средината на претходниот, односно првиот мандат, беше раѓањето на ќерка ми.
А професионално, многу ми е тешко да изберам еден момент, бидејќи ги има многу. Сè што правам, го правам со срце и душа. Но, ако бирам момент, веројатно би го издвоила денот на пленарната седница, кога многу конкретно за прв пат ги прекршив правилата на Европскиот парламент што ги имаме во врска со забрана за прикажување фотографии во салата.
Јас сум некој што, во принцип, никогаш не ги крши правилата. Намерно реков „во принцип“. Бидејќи во последно време едноставно стана неподносливо да се биде „коректен“ во политиката, која премногу често е персонифицирана од поединци чии принципи се само запишани некаде на хартија, ставени настрана или заборавени во фиока.
И кога гледам такви луѓе, точно знам зошто влегов во политиката. Никогаш не сакам да станам како тие луѓе, сакам да докажам дека има и добри политичари или политичарки. Е, затоа на тој ден ги прекршив правилата и во пленарната сала донесов фотографии на едно момче Јазан, кое почина од глад во геноцидот којшто се случува во Газа, и ги покажав фотографиите. Никогаш нема да го заборавам моментот кога го направив ова – иако само за неколку секунди. Дебатата ја водеше Германец, па и поради тоа беше посебна ситуација, но пред сè најпосебно беше чувството, одговорноста и свеста дека сум на вистинската страна. И во такви случаи „со принцип“ ги прекршувам правилата, но со крената глава. Со најголема гордост и одговорност и кога можам, им давам глас на оние кои го немаат – на крајот на краиштата, тоа го направив и завршувајќи го моето последно обраќање на македонски јазик во пленарната сала. Ако тоа е цената на човештвото, ќе ја платам со задоволство.
Жените во политиката не се само да бидат фуснота или дополна, туку да бидат полноправни учесници, гласни и видливи. Да влезеш во политика како жена не е само избор, туку и акт на храброст и правда. И токму тие што не се плашат да го направат тоа ја менуваат историјата и го градат светот во кој сите заслужуваме место, ова е само порака до сите млади амбициозни девојки, жени кои сакаат да влезат во светот на политиката.
-Каде стигнавме како општество ако жената во 21 век одлучува дали да влезе или да не влезе во политиката само затоа што таа се смета за машки свет? Јас би ѝ кажала дека политиката не е машки свет и дека ние жените не сме на маргините на политиката. Не сме фуснота. Ако сака да влезе во светот на политиката, нека влезе во светот на политиката и да не се откажува од тоа. Има многу жени политичарки, успешни жени, нека ги земе како пример, дека сè се може. Не затоа што е лесно, туку затоа што е исправно. Правдата и еднаквоста никогаш не дошле сами по себе – за нив отсекогаш се бореле оние кои не дозволиле да бидат замолчени. Не дозволувај да бидеш замолчена.
Во секој голем предизвик и секоја важна одлука во животот, семејството е најсигурен столб на кој можеш да се потпираш. Така и за Ирена Јовева за неа тоа е - извор на сила, инспирација и безрезервна љубов. Нејзиниот идол е нејзината почината мајка, чија непоколеблива сила и праведност секогаш ја водат.
-Семејството. Прво и најважно, мајка ми. Дури и денес, таа е сè уште е мојата најголема поддршка, бидејќи сè што правам, го правам имајќи ја неа на ум. Често ме прашуваат „кој е твојот пример“, луѓето очекуваат да именувам некоја јавна, позната личност. Мојот одговор е секогаш ист. Мојот пример за сè што правам во животот е мајка ми, бидејќи не познавам – и веројатно никогаш нема да сретнам – ни една посилна и поправедна личност од неа.
Но, морам да додадам дека и без поддршката на татко ми не би била тоа што сум и каде што сум денес. Истото важи и за мојот партнер, а исклучително голема поддршка – само што таа сè уште не сфаќа колку е голема – е ќерка ми Мила.
Улогата на жените од Балканот во европската политика често се игнорира, а борбата на жените е постојана, а најважна е взаемната поддршка.
За жал нема. Но, вината за недостатокот на овој простор не е кај овие жени, туку кај оние што го овозможуваат тој просторот да го нема.
Работев и работам со многу земји од Западен Балкан и за жал ситуацијата во врска со еднаквоста таму навистина не е најдобра. Ова е тема што често се игнорира и ретко е дел од политичката дебата и некако тоне меѓу другите политички теми во општеството. Дури и меѓу такви теми што немаат апсолутно никаква врска со сегашноста, а камоли со иднината. Некои поединци се чувствуваат поудобно справувајќи се со минатото и етничките поделби, а очигледно и со стереотипи, поврзани со полот.
Борбата за правата на жените е постојана и непрекинлива. Жените од Балканот се исто така одлични жени, силни жени кои можат да успеат затоа што, ете, можат. Затоа што, ете, мораат. Затоа е многу важно да се поддржуваме една на друга.
Не присутвото на жените од Западен Балкан во политката Јовева го препишува како последица на системски пречки, а темите вели за еднаквост и правата на жените често се занемаруваат или потиснуваат од политичката агенда, што ја отежнува борбата за вистинска инклузија.
Јовева нема само една желба за промена за жените во Европа, туку повеќе. Но овои три конкретни: Прво, би сакала да ја отстранам зависта што многу ја чувствувам; второ, би сакала да ја отстранам нечесноста што исто така ја чувствувам, можеби дури и повеќе; и – најважната желба – да го отстранам чувството дека си совршена или убава само ако имаш „Instagram perfect“ физички мерки и изглед.
Посветеноста како сопруга и мајка е неизмерно важно време за неа, кога е надвор од работните обврски. За одржување на балансот има помош од семејството.
-Секогаш сум европратеничка, тоа е нешто што не можам да го исклучам – барем јас, која го работам тоа, како што реков, со срце и душа. Секако, ова не значи дека не одвојувам време за себе – со тоа не мислам толку многу за себе туку повеќе за моето дете.
Но, ако кажам дека времето поминато со неа исклучиво ме релаксира, ќе излажам и веројатно тоа ќе го разберат сите родители на овој свет (се смее). Ама тоа е дел од нејзиното растење и јас сум среќна што сум дел од тоа. Сепак е еден вид релаксација кога вашата најголема грижа во моментот е дали вашето дете прво ќе вечера, а потоа ќе се истушира или обратно.
Освен тоа, мојата навистина вистинска релаксација е читањето книги – но вистина е и дека не можам да одвојам доволно време за тоа, барем не толку колку што би сакала.
Исто како што не ја гледам работата како обврска, истото важи и за мојот приватен живот. Всушност, тоа не е моја обврска, туку моја радост. Понекогаш е полесно, понекогаш е потешко, зависи од денот, од расположението на сите вклучени во процесот … ама без мојот партнер и особено мојот татко, но и мајката на мојот партнер, веројатно би било невозможно тој баланс да се одржува.
Надвор од тоа, навистина се справувам со истите работи како и сите други родители. Не сум ниту прва ниту последна. Да, многу патувам, но тоа не значи дека сум помалку со ќерка ми – со тоа мислам на квалитетот на времето што го поминувам со неа. Ако некој, мислам дека токму децата се најдобри во покажувањето, ако не и кажувањето, дали нешто не е во ред или дали нешто не им одговара. И – верувајте ми – Мила е живо, здраво и многу среќно дете.
Но, ќе ви кажам уште една „тајна“: жената може успешно да се стреми кон кариерата, а во исто време успешно и да се грижи за семејството.
Во општество опседнато со надворешниот изглед, каде што често првиот впечаток вреди повеќе од суштинат,за неа тоа не важи бидејќи отсекогаш се трудела да гледа подлабоко – во карактерот, намерите, зборовите. Облеката, за неа, никогаш не била мерка за нечие достоинство или способност.
-Можеби ќе се изненадите, но мене лично воопшто не се грижам како некој е облечен. Разбирам дека облеката може да го направи некој човек, делумно и јас се приспособив на таков начин на размислување … затоа што очигледно е дека повеќе му се верува на некој во костум отколку на некој во џемпер и фармерки. Лично, навистина ми е тешко да го разберам ова затоа што за мене тоа никогаш не ми било важно. Се сеќавам, на пример, кога бевме (по) млади и кога сите во училиште секогаш знаеја кој носи нешто ново. Јас никогаш не го забележував тоа, никогаш не обрнував внимание на материјалните работи како што е облеката на некој.
Но, од друга страна, разбирам дека треба да се приспособувам на одредени општествени норми. И со текот на годините, дојдов до тоа – делумно, но токму толку колку што треба. Свесна сум дека моите пораки често одат низ целиот свет и морам да разберам дека не им е на сите толку грижа како на мене.
Некои спомени остануваат врежани во нас не поради тоа што се големи, туку поради тоа што со себе носат мириси, вкусови и чувства што никогаш не се забораваат. Денес, кога размислуваза нејзината мајка, често се враќа токму тие моменти – додека е покрај неа во кујната, незаинтересирана да учи нешто повеќе. А сега вели„ми недостасува тоа повеќе од сè“.
-Не жалам за многу работи во животот, но ова е едно нешто кое никогаш нема да си го простам. Никогаш нема да си простам што не ја слушав повеќе мајка ми кога ми објаснуваше рецепти и ми покажуваше разни македонски специјалитети. Тогаш немавме „паметни телефони“, па да снимаме сè, а јас бев тинејџерка со мислите сосема на друго нешто. Нека ми простат сите професионални готвачи, ама мајка ми беше најдобриот готвач на светот. Времето за жал не ми дозволува да готвам секој ден, но ги сакам практично сите класични македонски јадења. Моето омилено е тавче гравче. Мама го правеше совршено … јас не сум стигнала до таму – уште (се смее).
Габриела Додевска ГлигоровскаФото: Приватна архива/Alexis HAULOT/Michel CHRISTEN/Pia Schaefer/Alain ROLLAND