Сите зборуваат за ѓерданот на Тамара Котевска во Венеција: Ова модно парче го украде вниманието на синиот тепих

Македонската режисерка Тамара Котевска деновиве се најде во центарот на вниманието на светската филмска и модна јавност, откако нејзиниот најнов документарен филм „Силјан“ ја имаше својата премиера на 82. издание на Венецискиот филмски фестивал, во селекцијата вон конкуренција.
Филмот, трет по ред во кариерата на Котевска, беше дочекан со позитивни критики од страна на филмските рецензенти, кои го пофалија нејзиниот уникатен документаристички пристап и визуелниот наратив.
Но, покрај уметничкиот успех, интересот на публиката и медиумите го привлече и стилскиот изглед на режисерката. Тамара се појави на премиерата во креација на македонската дизајнерка Тања Кокев, комбинирајќи црн краток фустан со впечатлив рачно изработен ѓердан, симболично инспириран од темата на филмот – приказната за штркот Силјан.
На социјалните мрежи, Кокев објави детали за изгледот на Котевска:
„Венеција. Филм. Мода. Нашата режисерка Тамара Котевска блесна во KOKEV. За премиерата дизајниравме црн краток фустан кој спојува минимализам и провокативна сила. И секако, рачно изработен ѓердан инспириран од штркот и приказната која таа ја раскажува.“
Премиерата на „Силјан“ и настапот на Тамара Котевска се уште една потврда дека македонскиот филм може достојно да чекори рамо до рамо со светските продукции – и на платното, и на црвениот тепих.
РЖМ - Г.Д.ГФото: Инстаграм