Венеција ја очекува „Мајка“ на нашата режисерка Теона Стругар Митевска: Нуми Рапас во најмоќната улога – Мајка Тереза

Добивај вести на Viber

Шведската актерка Нуми Рапас ќе ја толкува улогата на Маjка Тереза во филмот Mother, кој оваа година ќе ја има својата светска премиера на 82-от Филмски фестивал во Венеција, во престижната програма Horizons.

Филмот е во режија на македонската режисерка Теона Стругар Митевска, која заедно со Гоце Смиљевски и Елма Татаргиќ е автор на сценариото. Приказната се фокусира на седум клучни дена од животот на Мајка Тереза, во моментот кога решава да го напушти манастирот во Калкута и да го постави темелот на редот „Мисионерите на милосрдието“.

„Прочитав десетици нејзини писма и ја истражував нејзината мисија. Постојат и многу негативни текстови за неа, но со Теона се трудевме да ја пронајдеме нашата Мајка Тереза – жената што чекала цели седум години дозвола од Ватикан за да ја започне својата работа. Тоа е неверојатна историја на верба и упорност,“ изјави Рапас за Deadline.

Покрај Рапас, во актерската екипа играат и Силвија Хукс и Никола Ристановски. Филмот е снимен во Брисел и Калкута, а снимањето заврши кон крајот на 2024 година.

Со „Mother“, Теона Стругар Митевска уште еднаш го става македонското авторско кино на големата светска мапа, а приказната за Мајка Тереза добива ново, современо филмско читање.


РЖМ/ИС

Насловно фото: EPA/SEBASTIEN NOGIER/Фејсбук/РЖМ