„Ќерка ми може да се омажи за богат и да се спаси, син ми ќе мора да ја преземе одговорноста на семејството“: Розета откри како размислуваат балканските мајки

Добивај вести на Viber

Во времето кога се зборува за еднаквост и нови вредности, една мајка од Ваљево искрено признава нешто што многумина мислат, но ретко кој јавно ќе го изговори.

 „Ќерка ми има шанса да се омажи за богат и да се спаси. Синот ми, пак, ќе остане тука, во овој стан, во оваа класа“, вели Розета, 56-годишна жена која со своето семејство живее во мал стан од 70 квадрати во Ваљево.

Розета има две возрасни деца – ќерка која наскоро ќе дипломира и син кој веќе работи, но, како што вели, тешко дека може да направи голема промена во животот.

 „Ние сме скромно семејство, ништо не ни недостига, ама немаме многу. Ќерката е паметна, убава, има шанса да најде некој што ќе ѝ овозможи подобар живот. Така функционира светот. А синот… тој ќе мора да се снајде тука, да донесе снаа во нашиот дом, да се грижи за нас“, раскажува таа со горчлив реализам.

Нејзините зборови ја откриваат суровата вистина за многу балкански семејства, во кои родителите сè уште веруваат дека бракот може да биде излез од сиромаштијата – барем за ќерките. Машките, пак, се смета дека треба да останат „столбот на домот“, дури и ако тоа значи живот во ограничувања и борба со секојдневието.

„Не е тоа неправда, тоа е животот. Жената секогаш може да се спаси ако има среќа и паметно избере. Мажот мора да ја носи тежината на фамилијата. Синот мој ќе доведе некоја добра, вредна девојка, ќе си создаде семејство, ама ќе живееме сите заедно. Така е редот“, додава Розета, свесна дека нејзиниот став можеби звучи старомодно, но дека реалноста околу неа ја потврдува.

Оваа искрена исповед ја отвора темата за длабоко вкоренетите општествени модели на Балканот – местото на жената, товарот на мажот, и сонот за „подобар живот“ кој сè уште зависи од тоа кого ќе избереме, а не што ќе изградиме сами.

Фото извор: EPA