„Вие сте нашето чудо, нашиот благослов од Бога“: Четворката од Штип слави втор роденден

Леонтина, Михаил, Теодор и Ведран – четири имиња што во себе носат исто толку љубов, радост и благослов. Малите херои на семејството Зикови од Штип денес го слават својот втор роденден – две години живот исполнети со смеа, топлина и безусловна љубов.
Близначињата, кои од првиот ден ги освоија срцата на цела Македонија, повторно ја стоплија јавноста. По повод роденденот, нивната мајка, Благица Митева Зикова, сподели неколку фотографии од дечињата и искрена, емотивна честитка која го трогна секој што ја прочита:
„Среќен втори роденден на нашите четири душички!
Денес славиме две години безусловна љубов, смеа и најубавата музика – вашите чекори, насмевки и гласчиња што го исполнуваат домот со радост.
Вие сте нашето чудо, нашиот благослов од Бога. Вашиот невин поглед, неисцрпна енергија и љубовта што ни ја подарувате, ни ја топлат душата секој ден.
Сè што ви посакуваме е да растете живи и здрави, среќни, весели и секогаш свои.
Нашите четири срца – со вас животот има најубаво значење.“
Во време кога секојдневието е исполнето со брзина и грижи, приказната на семејството Зикови потсетува на најважното – љубовта, семејството и малите чуда што го прават животот вреден.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Принтскрин/ видео Фејсбук