Животна училница // Приказни
Шлаканицата или дофрлањето не се препознаваат како насилство
Самата конвенција предвидува мерки за унапредување на превенцијата, системот на заштита на жртвите (односно специјализираните сервиси) и гонење на сторителите. И она што е најважно да се напомне е дека оваа конвенција предвидува превенција и заштита од сите форми на насилство врз жени, а не само семејното. Други форми на насилство врз жени се: сексуално насилство вклучително и силување, присилна стерилизација и присилен абортус, психичко насилство, физичко насилство, сексуално вознемирување (на работно место и на јавни простори), договорени и малолетнички бракови, присилни бракови и фемицид како најтешка форма на насилство, изјави Димушевска за Женски Магазин.
Жените во јавниот простор се соочуваат со различни форми на родово-базирано насилство: дофрлање и коментирање, несакано сексуално внимание, зјапање, свиркање, преблизок физички контакт, допирање, штипкање, физичко насилство, сексуално насилство, малтретирање, вознемирување, силување и други. Мнозинството од испитаничките во истражувањето на Реактор, во најголем дел се согласуваат дека набројаните форми на насилство не добиваат еднаков третман или препознатливост кај општата јавност, но и тие не добиваат еднаков третман ни од страна на жените, па ни жртвите. Постојат две сосема спротивни перцепции за тоа што ние го нарекуваме „форми на насилство“ и во ова истражување тие се совпаѓаат со ставовите на речиси сите испитаници. Имено, некои од нив јасно го идентификуваат насилството во сите негови форми, и другите кои не го препознаваат, а понекогаш дури и го оправдуваат (поради однесување на жените, изглед или облека која, според нив, провоцира насилство).
Довикувањето или зјапањето се смета за нормална појава, па дури често е маскирана како комплимент. Жените не ги доживуваат ниту најлесните форми на вознемирување како додворувања или комплименти. Емоциите кои најверојатно ќе бидат предизвикани кај жените во ваквите случаи се навреденост и гнев во случаи на вербално малтретирање и, очекувано, страв во случаи на физичко насилство. Она што дополнително може да се заклучи од одговорите на ова прашање, а кое е поврзано и со препознавањето на разните форми на насилство, е тоа што иако повеќето жени реагираат негативно на вознемирување на улица, постои значителен број на жени кои изјавиле дека имаат неутрални чувства во случаи на довикување (24,6%) или зјапање (29,5%). Оваа амбивалентност може да се толкува како форма на справување со најраспространетите форми на родово-базирано насилство, во смисла дека поради тоа што се редовно изложени на нив, многу жени можеби ги прифаќаат како неизбежен дел од тоа да се биде на јавни места.
Според адвокат Маја Ристова, најголемиот дел од жените кои трпат психичко насилство молчат од страв и срам, друг дел не се ни свесни дека се жртви на насилство, поради тоа што во Македонија како да е општо прифатено и нормално однесувањето кое во светот се квалификува како насилство. Таа додава дека најчести последици кај жртвите се емоционални нарушувања на психичкото здравје на жртвата на семејното насилство, како и постојани психички маки и страдања на жртвата. Долготрајната изложеност на овој тип на насилство може да создаде ниско самопочитување на жртвата, напнатост, зависност, депресија, агресивност, суицидални намери итн.