15 години од величенствениот и неповторлив концерт на Тоше Проески: Во Крушево вечерва ќе ечат неговите песни (ВИДЕО)

Добивај вести на Viber

Пред 15 години, на денешен ден, 5 октомври 2007 години, Скопје беше преполно, преемотивно, прекрасно. Иако беше октомври, срцата на сите кои беа дел од големиот концерт на Тоше беа топли, разиграни, среќни.

Се пееше силно неговата песна. За жал, ни остана последен, легендарен, во сеќавање.

На тој последен скопски концерт на Проески имаше навистина толку многу што беше величествено, неповторливо, сега може да се каже, речиси легендарно. Десетици илјади обожаватели разменија неверојатна енергија и невидена љубов со популарниот пејач. А, во публиката имаше негови фанови од родното Крушево, од повеќе делови од Македонија и од целиот регион. Во тоа време таму беа и неговите најблиски роднини - неговите родители, сестрата Дора, зетот Славен и братучедите Христијан и Никола.

ПОП ИКОНА НА БАЛКАНОТ
ТОШЕ Проески (1981 - 2007) за време на кратката, но блескава и богата кариера, која траеше само една деценија, стекна голема слава на Балканот. Стана идол на публиката во земјите од регионот, сними седум албуми. Тој беше голем хуманист, поради што беше прогласен за амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. Специјалниот споменик поставен на неговото вечно почивалиште на ридот Гумење над неговото родно Крушево стана своевидно светилиште за сите оние кои го сакаа. Од тоа место неговите обожаватели постојано доаѓаат и му оддаваат почит, набљудуваат и ѕвезда на небото што го носи името - „Тоше Проески“.

А, кога ги пееше своите најголеми хитови, публиката спонтано создаде „ѕвездено небо“ со вклучени мобилни телефони на стадионот. Тоше тогаш, без да го крие ентузијазмот и емоциите, извика: „Вклучете ги телефоните, повторно направете ѕвездено небо!... Не можам да ви опишам како изгледа оттука, од сцената... Ве молимам направете слика, сакам слика од оваа убавина“. Ѕвезденото небо никогаш да не згасне!... Ова не се опишува“, рече Тоше, со желба на секој нареден концерт да ја повтори таа магична слика. Но судбината сакаше поинаку - желбата не му се исполни.

Сè беше скратено со трагична сообраќајна несреќа во мугрите на 16 октомври 2007 година, кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.

Неизбришливите траги на младиот пејач кои го прават поп икона на младите генерации на Балканот, сè уште живеат. 


КОНЦЕРТ ЗА ТОШЕ И ВЕЧЕРВА ВО НЕГОВОТО РОДНО КРУШЕВО

„Со љубов за Тоше“ бројни негови пријатели и музичари, вечерва од 19 часот ќе ги пеат неговите безвремени хитови на платото на Гумење во родниот град на Проески, Крушево.

Каролина Гочева, Дани Димитровска, Бени Шаќири, Ѓоко Танески, Мартинијан Кириловски, Јелена Томашевиќ, Бојан Маровиќ, се само мал дел од познатите кои ќе бидат дел од настанот кој ќе се случи вечерва во чест на легендарниот и единствен Тоше Проески.