„Ако приватниот живот го ставиш на тацна, тогаш мора да бидеш подготвен и на тоа да станеш мета – па дури и на јавен линч“: Разговор со Елена Марковска

5. Дали си имала моменти во кариерата кога веста што ја соопштуваш – трагедија, тажна вест, природна катастрофа и сл. – силно емотивно те трогнува? Како се справуваш со тој човечки момент и како успеваш да останеш професионалец?
-Уфф... Такви моменти, за жал, има многу. Сум се соочила со вести што длабоко ме погодуваат, како човек, како жена. Пожарот во Кочани беше еден од тие ужасни настани.
Бев на викенд во Охрид со неколку колешки. Доцна во ноќта дознавме за трагедијата, седнавме во кола и веднаш се вративме во Скопје. Од пат – директно во студио.
Не постоеше простор за размислување, само чувство на должност и потреба да се биде на висина на задачата. Тоа беше ужасно тежок ден. Чувство на огромна тага, наслозени очи, „голтав кнедли“ пред камера, но новинарството е тоа - мора да се остане присебен затоа што очите на цела држава во тие моменти се во на- новинарите, а информациите мора да се пренесат прецизно и точно.
Бев пред камера и дента кога полицијата го пронајде телото на малата Вања. Страшно чувство. Грутка во грлото, зборови кои тешко се изговораат . Потоа – пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајката на „Беса транс“ во Бугарија... Тоа се човечки трагедии што ги носам со себе и по завршување на вестите. Но, кога ја прифатив оваа професија, ја прифатив и одговорноста што таа ја носи.
Во студио мораш да останеш присебен, јасен, достоинствен. Професионалноста не значи нечуствителност – туку контрола, свесност и почит кон секоја вест што ја соопштуваш. Подоцна кога светлата ќе се изгаснат – тогаш доаѓа моментот кога се соочуваш со тежината на сето тоа. Понекогаш со несоница, понекогаш со долг разговор со најблиските.
6. Со што ќе се занимаваше да не беше новинарка? Дали некогаш си размислувала што би била ако не си новинарка или новинарството беше твој прв и единствен избор?
-Предходно го зачнав одговорот на ова прашање. Неколку месеци одев на пракса во банка и тогаш дознав која е работата што нема да ја работам никогаш.
Мојот каратер не издржува да биде затворен осум часа во канцеларија помеѓу топови хартија, многу табели, наредени бројки. Мојот избор дефинитивно е новинарство иако паралелно активно работам и сум ко-основач на „Јас сум жена“ - здружение за вмрежување на успешни жени, едуцирање и истражување во сите сфери на општеството во и надвор од Македонија.
7. Колку е тешко да се балансира помеѓу приватното и професиналното? Дали имаш доволно време за себе во текот на денот и како го поминуваш?
-Новинарството не е работа од „8 до 4“. Постојано „фрлам око“ по медиумите, да бидам во тек со случувањата. Но тоа не го доживувам како оптоварување и работа, туку како начин на живот. Имам време за сѐ бидејќи не балансирам туку добро се организирам.
Обжавам да готвам и ручек правам скоро секој ден. Често сум во парк-шумата Гази Баба – тоа ми омилен дел од градот, каде наоѓам спокој и мир.
Сакам да гледам добар филм, да уживам во утринско кафе, со книга на мојата цветна тераса.
Секој викенд кога не сум дежурна, го користам за планина – обожавам природа. Не се чести ама омилени ми се средбите со другарките од средно, некогаш и ручекот после работа со колегите, а најмногу уживам во времето поминато со внуците.
8. Дали имаш мотивациска мисла со која го почнуваш работниот ден и која ти е „златна карта“ кон успехот?
-„Успехот не е клучот на среќата, туку среќата е клучот на успехот“.- Секој ден носи свои предизвици и понекогаш немаме инспирација ниту желба за работа.
Но токму во тие моменти се потсетувам на вредностите што ми ги оставија моите родители — чесност, труд и упорност. Тие вредности ми даваат сила да најдам мотивација и да продолжам да давам максимум, без разлика на пречките.
За мене, успехот е резултат на посветеноста и истрајноста во работата, и тоа е мојата „златна карта“ која ме води низ секој нов ден.
Верувам дека успехот не е резултат само на талент, туку и на упорност, секојдневото учење и љубов кон тоа што го работиш. Токму таа комбинација ми е „златна карта“ која ме води низ предизвиците, давајќи ми сила да продолжам напред и да се развивам како професионалец и како човек.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ













