„Ако приватниот живот го ставиш на тацна, тогаш мора да бидеш подготвен и на тоа да станеш мета – па дури и на јавен линч“: Разговор со Елена Марковска

Добивај вести на Viber

Скоро секој ден, естетски и енергетски им го разубавува домот преку малите екрани на илјадници гледачи.

Како ТВ презентерка и новинарка нејзиното „Добар ден“ или „Добро вечер“ е причина поради која македонската јавност ги следи најновите информации и податоци кои таа скоро секојдневно со многу љубов, внимание и труд ги подготвува. 

Ужива доверба помеѓу гледачите и јака врска со својот аудиториум изградена на професионализам и истрајност, која гледачите ја препознаваат и наградуваат. Важи за една од најумерени тв лица, со питома енергија и секогаш прекрасен изглед кој покажува дека ужива во тоа што го работи. 

За „Женски магазин“ за прашањата кои ги интересираат нашите читатели, искрено и непосредно говори новинарката Елена Марковска. Се присети на тешките моменти од својата кариера, но и ги истакна своите животни и професионални патишта. Несебично ги сподели и лекциите кои ги научила со своето животно искуство. 

1.Важиш за една од најумерените и најпрофесинални тв презентрерки и новинарки во Македонија. Колку труд стои зад оваа неформална титула во јавноста и дали си тоа денеска што секогаш си сакала да бидеш?

-Ако јавноста ме перцепира така – како умерена, професионална и доследна во она што го работам – тогаш јас сум навистина среќна. 

Тоа е најголемата потврда дека сум на вистинскиот пат, и во животот и во професијата. Зад секое мое појавување пред камера, зад секоја најава, секоја реченица што ја пишувам, а потоа им ја презентирам на гледачите  – стојат огромна посветеност, одговорност, труд, a најмногу љубов. 

За мене, новинарството не е само работа – тоа е начин на живот. Телевизијата ја сакав уште од дете – мојот прв контакт беше преку детската програма на Македонската радио телевизија. Оттогаш љубовта само растеше. Професионалниот пат го започнав во информативната редакција на МТВ, работев во неколку телевизии, весници и радио, а веќе седум години сум дел од тимот на Алфа ТВ, како уредник на вестите. И да, можеби сум една од ретките, што ја работи работата за која сонувала од дете.

2.Kаков беше твојот пат до новинарството? Од кога знаеше дека ќе се занимаваш со оваа професија?

-Големите студија и камерите во МТВ ги запознав одамна, уште како дете бев дел од детски емисии и разни телевизиски проекти. Но, кога требаше да одлучам што ќе студирам, тргнав по „посигурен“ пат — економија, по стапките на мајка ми.

 Новинарството важи за тешка, непредвидлива и често потценета професија,  па свесно ја потиснав  љубовта  кон медиумите и тргнав по друг пат. Ама таа љубов никогаш не исчезна. 

Напротив, во текот на студиите сфатив дека не можам да се пронајдам во нешто што не ме исполнува. Сакав динамична работа, во која ќе имам слобода да оставам личен печат. 

Знаејќи ја мојата желба, татко ми ми кажа дека во МТВ има конкурс за новинари. Се пријавив, ги поминав сите филтри и влегов во најтесниот круг. Во МТВ тогаш основните обуки траеја три месеци, по што хонорарно почнав да работам како новинар во информативната редакција.. и така почна сѐ... 

Моите родители, кои сега се покојни, дефинитивно ми беа најголема поддршка. Тивко стоеја зад секоја моја одлука, ми даваа сигурност и доверба и така денес ја работам работата што отсекогаш ја сакав.

Фото: Приватна архива 

3.Tри доблести и три недостатоци на професијата?

Доблести: Влијание врз јавноста – Новинарството има моќ да информира, да отвора важни теми и да ја поттикнува јавната свест. Тоа е голема одговорност, но и привилегија.

Динамичност и разновидност  – Ниту еден ден не е ист. Секој ден носи нови вести и теми, нови предизвици, нова перспектива.

Постојан личен раст – Информациите и контактите со различни луѓе, постојано те надградуваат – не само професионално, туку и како човек.

Недостатоци:

Работа под притисок и стрес – Брзината на работата, роковите и очекувањата можат да бидат исцрпувачки, особено кога се работи со чувствителни теми.

Недоволно вреднување на трудот – Иако новинарството е одговорна и сложена професија, трудот на новинарите често не е соодветно вреднуван – ни материјално, ни општествено.

Лична изложеност- Во ерата на социјалните мрежи, секој збор, израз или став може да е предмет на недолични па и безобразни коментари критики и јавен линч, кој воопшто не е пријатен. 

4. Јавните личности често се соочуваат со предрасуди и упади на јавноста во приватниот живот. Какво е твоето искуство – се знае ли точната граница помеѓу приватното и професионалното за јавните личности во државата?

-Сметам дека секој сам си ја поставува таа граница. Професионалната изложеност не значи и обврска за целосна лична транспарентност. 

Колку повеќе од себе ќе дадеш во јавноста, толку повеќе ќе бидеш достапен за коментари, шпекулации па и лажни вести, особено сега, во време на социјални мрежи, каде секој може да напише и објави што му душа сака, без никакви последици. 

Ако приватниот  живот го ставиш на „тацна“, тогаш мора да бидеш подготвен и на тоа да станеш мета – па дури и на јавен линч. 

Сметам дека јавниот простор и социјалните медиуми треба да се искористат конструктивно. Луѓето кои имаат јавно влијание треба да споделат лични искуства кога тоа има смисла, кога можат да допрат до некого и да му помогнат. Затоа сметам дека најголемата одговорност на луѓето кои се под будното око на јавноста, е да го најдат тој личен баланс – помеѓу она што треба да се каже, и она што мора да остане само нивно.

ВТОРИОТ ДЕЛ ОД ИНТЕРВЈУТО НА 


Следна страна