Јубилеј исполнет со љубов и аплаузи: Александар Микиќ ја одбележа 50-тата изведба на „Торонто експрес“ со семејството покрај себе
Во преполната сала на Македонскиот народен театар синоќа се одржа 50-тата, јубилејна изведба на монодрамата „Торонто експрес“, во маестрална изведба на актерот Александар Микиќ и под режисерска палка на Јордан Симонов. Претставата, создадена според мотивите на збирката есеи „Тибам Штркот“ од Зоран Спасов – Ѕоф, уште еднаш го потврди своето место меѓу највпечатливите современи домашни сценски остварувања.

Публиката уживаше во секој миг од изведбата – смеа, емоции и стоечки аплаузи беа најискрената награда за енергијата и талентот на Микиќ, кој цели петдесет пати успеа да ја раскаже оваа единствена приказна со иста посветеност и жар.

Она што ја направи вечерта уште посебна беше присуството на неговото семејство – сопругата Весна и близнаците Ена и Иво, кои гордо го следеа од првите редови. Микиќ не ја криеше среќата што токму тие се неговата најголема поддршка, инспирација и мотив зад секој аплауз.

По претставата, славеничката атмосфера продолжи со коктел во фоајето на МНТ, каде што се мешаа насмевки и спомени од сите досегашни изведби. Колеги, пријатели и публика ја прославија уметноста и упорноста што стојат зад половина вековен театарски успех на една монодрама.

Александар и Весна, кои се запознале по една театарска премиера, денес живеат во хармонија исполнета со љубов и музика. Таа е харфистка и актерка, а заедно со своите близнаци го делат животот во топлиот семеен дом.
Со ваков јубилеј, Микиќ не само што го прослави својот професионален успех, туку и ја потврди најголемата животна улога –*улогата на сопруг и татко, која ја игра со иста посветеност како и секоја своја сценска изведба.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Маја
Аргакијева/ Инстаграм