„Тато, знам дека си тука... ме чуваш со сила небесна“: Емотивен спомен на Маја Андоновска Илиевски за својот починат татко

Добивај вести на Viber

На 23 октомври се навршија 32 години од смртта на таткото на актерката Маја Андоновска Илијевски и пејачот Димитар Андоновски, кои уште како деца ја почувствувале болката од големата загуба. Иако поминале децении, Маја со топлина и длабока емоција се сеќава на својот татко, кому му посвети искрени зборови што го трогнаа секој што ги прочита.

„23 октомври... 32 години без тебе, тато... Од неодамна, на мојата кожа живее симболот на љубовта, болката и силата што ме обликуваа. Оваа тетоважа е цел свет... Буквата М е за тебе, тато,“ напиша Маја, објаснувајќи ја симболиката зад тетоважата што ја посветила на него.

Во емотивната објава, актерката раскажа дека нејзиниот татко, Михаил, и по неговата физичка отсутност останал духовно присутен во нејзиниот живот. „Мојот Михаил, чија душа, во форма на пеперутка, ми доаѓаше на најважните моменти во животот, и знам дека тука си... ме чуваш со сила небесна!“ напиша таа, откривајќи колку длабоко го чувствува неговото присуство.

Маја не ја заборави ни својата мајка, за која зборува со посебна љубов и благодарност. „Цврстиот дел на буквата М ја означува мајка ми. МАМА – мојот жив потпорен ѕид, мојата сила и светлина, жената што ме научи како се љуби, како се стои исправен кога животот тежи, како се бори, се лета и како изборот да се биде и остане добар човек е најголемото богатство што можеш да му го препишеш на своето дете“.

Актерката додава дека во симболот М е споена целата нејзина животна приказна – Маја, спој на вашите светови, вашите срца, вашата љубов.

„Во оваа мала тетоважа е скриена цела приказна — приказна за љубов што не умира, за благодарност што трае и за сила што не се гаси. Приказната на мојот живот. Секој пат кога ќе ја погледнам, знам дека не сум сама.“

Со овие зборови, Маја уште еднаш докажа дека*вистинската љубов и семејната врска ја надминуваат физичката присутност, и дека спомените, љубовта и вербата се најсилните патокази низ животот.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Инстаграм