Ана Бунтеска: Душата лесна да ти е

Добивај вести на Viber

Што и да прави човек

Како и да ги токми сите работи

Да гледа на душата лесно да му е

Како пердув од птица бела

Чист и неизвалкан од јадови

Чунки душата најмногу страда

Кога сам со себе не си арен

Кога сам себе не се љубиш

Каде и да киниса човек

Каков и да е патот што го одбрал

По кој сака да чекори низ животот

Да отвори двете четири

За што помалку на колена да паѓа

Оти болката не е во нозете

Туку душата како поткината му станува

Оти тие лузни се најдлабоки, а не се гледаат

Што и да зборни човек

Каква и дума што во главата му е

Да сака низ уста да ја извади

Усул да има и за себе и за другите

Оти еден збор душа воскреснува

И еден збор душа закопува

Чунки секој еден на неа се лепи

Та оди и одлепи го, да те видам

Што и да помисли човек

Дали убост некоја или поганштина

Да знае оти секоја мисла се враќа

Од каде излегла таму назад си доаѓа

Та од неа или градина со цвеќе никнува

Или пустош полн смет и реа

И затоа некому душата на чисто мириса

А некому на злоба и пакост

Што и да му се случи на човек

Да памети оти сѐ минува

И лошото иди и си оди

И арното ќе дојди и ќе си отиде

Ама и едното и другото

Однатре траги ќе остават

Кои иако не се гледаат

Тука се и во него остануваат

Што и да чини човек во животот

Да знае и на дикат да му стои

Оти ништо на светот вечно не е

И ништо бесмртно не ќе биде

Ниту тој ниту сите околу него

Ама дури тука е и дури дише

Да му биде лесна душата

И да не прави тежина никому

Што и да прави човек

Каде и да киниса

Што и да зборни

Што и да помисли во себе

Душата...

Душата да си ја пази

Оти таа не умира

Ами со векови боледува

Дури и тогаш кога телото згаснува


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска