Бабините черги - нов бизнис тренд: Традиционалната македонска ткаенината нова модерна бизнис идеја

Добивај вести на Viber

Во времето на нашите баби, рачно изработената черга беше повеќе од обичен предмет во домот – беше доказ за умешност, трпение и традиција. Изткаени со љубов, шарени мотиви и природни материјали, овие черги некогаш имаа голема вредност. Денес, нивната цена на социјалните мрежи драстично опадна и може да се најдат за симболични 1000 денари – цена далеку пониска од трудот што е вложен во нив.

Но иако пазарната вредност е намалена, нивната вистинска вредност е нешто што не може да се пресмета. Чергите носат приказни, наследство и спомени од еден минат живот исполнет со семејна топлина. Затоа, пред да се одлучите да ги продадете, размислете повторно – можеби токму во денешниот дом тие можат да добијат сосема нова улога.

Современиот ентериер сè повеќе ја цени автентичноста, па така бабините черги може да се вклопат како декоративни стази, ѕидни декорации, прекривки или акцентни детали што внесуваат топлина и карактер. Ретро текстурите денес се тренд, а традиционалните македонски мотиви можат да го направат просторот уникатен и стилски.

А доколку не успеете да ја најдете вистинската позиција во домот – не брзајте со продажбата. Чергите може да станат инспирација за креативни DIY проекти. Некои домашни дизајнери и модни куќи веќе креираат модерни женски чанти од овие автентични ткаенини, претворајќи го традиционалниот мотив во моден детал. Токму тоа може да биде идеја и за ваш мал „homemade“ бизнис.

Освен чанти, чергите можат да се искористат и за обложување на мебел – на пример ретро фотелји, табуретки или декоративни перничиња. Со малку креативност, тие може да станат визуелно впечатливи парчиња што ќе го оживеат просторoт.

Бабините черги не се само текстил – тие се култура, историја и мала ризница што чека повторно да биде откриена. Наместо да завршат на некоја онлајн распродажба, дозволете им да продолжат да живеат во вашиот дом или да станат дел од нешто ново, модерно и автентично. Традицијата може да биде инспирација – само треба да ѝ дадеме нова шанса.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Фејсбук/ Pinterest.com