Бев на тонска проба кога ја добив веста, веднаш се расплакав: Ѓорѓе Давид се присетува на Масимо Савиќ

Завчера во попладневните часови регионот го потресе веста за ненадејната смрт на познатиот пејач Масимо Савиќ. Тој почина по кратко боледување на 61 година, а веста за неговата смрт ја споделија неговата сопруга Ени и ќерката Мирна.
Покрај познатите балкански ѕвезди, на социјалните мрежи од Масимо се простија и многу наши македонски пејачи, а Каролина Гочева во негова чест ја отпеа песната „На овој ден“ за време на првиот од серијата концерти од проектот „Песни за љубов и копнеж“.
Познатиот српски рокер - Ѓорѓе Давид, кој на денот на смртта на Масимо исто така имаше настап во Скопје, откри како реагирал кога ја добил веста за заминувањето на овој извонреден музичар.
„Бевме на тонска проба во „Мартини“ кога ја добивме таа вест. Веднаш се расплакав, бидејќи Масимо е некој кој го знам од својата дваесетта година.“ - со насолзени очи започна рокерот, кој потоа додаде:
„Тој беше нешто што имаше сублимација од сѐ по нешто. Тој беше и Боуви, тој беше и Питер Габриел, тој беше човек кој ги имаше и оние стари хрватски шлагер пејачи во својот глас и во своето срце, но пред сѐ беше еден неверојатен господин, еден слаткоречив човек кој живееше за музиката, од музиката и ја сакаше повеќе од сѐ. Бескомпромисен борец за квалитет и она што се вика бенд, за она што се вика оркестар, за она што се вика музирање и занает. Мислам дека поради тоа беше еден од најголемите. Толку беше голем, што многу бендови го викаа да биде дел од нивниот тим.“
Како сите овие епитите да беа малку, Ѓорѓе ни посочи и дека Масимо ќе биде некој кој ќе биде тема на разговор на многу пејачи.
„Би сакал во животот да ја допрам таа некоја есенција како пејач, која ја допре тој. Тој ќе биде некој кој ќе биде предмет на разговор на сите нас кои пееме и го разбираме пеењето и кои сакаме тој вид на занает да го задржиме (и покрај сите оние поплави од нови музички правци) на тоа едно високо ниво на кое што го правеше Масимо, онака како што сите ние се обидуваме и тврдиме дека треба да се прави. Нека му е вечна слава.“
И. Мисајловска
фото: Принтскрин / Инстаграм / Јутјуб