ДЕЦАТА ИМ СЕ ИСЕЛЕНИ ВО СТРАНСТВО: Родителите се соочуваат со неизвесност и страв за иднината

Добивај вести на Viber

Во Македонија многу oд постарите луѓе се сами, а нивните деца се иселени во странство поради што се јавува страв за иднината. Тие еднаш или двапати во годината се гледаат со децата. 

Состојбата се вложува откако едниот од брачните партнери ќе починe. Психолозите велат дека стравот од осаменост е нешто со што се соочува нашето население. Тоа е реален проблем за луѓето во години чии деца се на Запад поради подобар живот.

„Сѐ повеќе стари лица во Македонија се соочуваат со осаменост и страв од иднината, особено кога нивните деца се иселени во странство. По губење на брачниот партнер, овие чувства стануваат уште поинтензивни. Како психолог, можам да кажам дека загриженоста за тоа „Кој ќе се грижи за мене кога ќе ослабам" е многу честа, реална и длабоко човечка. Иако постојат домови за стари лица и се градат нови, стравот не е само за сместување, туку за грижа, внимание и присуство. Старите не се плашат само од болест, туку од тоа да останат емоционално заборавени. Токму затоа, потребна е не само физичка поддршка, туку и емотивна и психолошка. Важно е да се градат програми кои ќе овозможат активна старост, дружење, меѓугенерациско поврзување, бидејќи секој човек, на која било возраст, има потреба да се чувствува сакан и важен“, вели Наташа Бекирова, психолог.

Пензинерите објаснуваат дека државата мора да понуди повеќе мерки за овие луѓе, да не се чувствуваат оставени самите на себе. Некои здруженија на пензионери се повеќе, а некои помалку активни, но се трудат да излезат во пресрет на своите членови кои живеат сами. 

„Треба да се разговора кој што може да им понуди на тие луѓе. Точно е, возрасни луѓе, ќе останат сами, без оглед на имот, дали го имаат или не, остануваат отфрлени од општеството. Тие луѓе се оставени на маргините. Најголема опасност и страв кај тие луѓе постои кога ќе почувствуваат дека не можат самостојно да се грижат за себе. Верувам дека здруженијата на пензионери контактираат со нив, со Црвен Крст им помагаат. Има млади пензионерки кои се витални и им помагаат на другите. Одат по 1-2 пати дневно, ги посетуваат, ако не нешто повеќе, да разговараат. Треба да се помогне, животот да биде што подостоинствен на тие луѓе“, објаснува Мошо Лазаревски, пензионер.

Децата кои се иселени во странство, често по групите на социјалните мрежи бараат негуватели за своите родители, за повремени посети или за грижа по 24 часа на ден.

„Негуватели ние во градот немаме како што има во Скопје, но старите луѓе се снаоѓаат сами. Волонтери ги посетуваат, дом немаме, соседи ги надгледуваат старите и сами лица. Некои одат во домовите за стари лица во Куманово или Скопје, ама и пензиите се мали и тоа оди тешко“, вели Ацо Јакимов, од Здружение на пензионери Кратово.

За дел од пензионерите дури и домовите за стари лица се скапи. Ако збориме пак за приватни домови, тие се прескапи. Според пензионерите, државата треба да се потруди, домовите за стари лица да бидат финансиски попристапни за пензионерите. Има луѓе со минимални пензии, луѓе со социјални пензии и тие се во најлоша состојба. Тие проблеми траат со години, откако постои државата. Луѓето работеле повеќе од тоа што реално им е платено како стаж и трпат последици од нефункционирањето на системот.

Според пописот од 2021 година, старото население на возраст од 85 и повеќе години доминира во населените места: Скопје – Карпош, Скопје – Центар и градовите Битола, Прилеп, Велес, Охрид.

Сања Атанасовска

Фото: Freepik.com
Извор:
ФАКТОР