ВО ЗИМА ДИШЕМЕ ЗАГАДЕН ВОЗДУХ: Каква е состојбата во лето кога ќе пламнат пожарите?

Добивај вести на Viber

Во зима дишеме загаден воздух, но и во лето додека траат пожарите, квалитетот на воздухот не е идеален на местата каде има огнена стихија. Сепак, загадувањето на воздухот во лето е далеку помало од тоа во зима.

Од еколошките здруженија ги следат параметрите за квалитетот на воздухот и во летната сезона. Отстапки има, но не се драматични.

„Иако летните пожари можат локално да влијаат на квалитетот на воздухот, моменталните мерења во Неготино покажуваат дека во летниот период нема значително загадување. Ова се должи на посилните воздушни струења, кои помагаат побрзо да се прочисти воздухот. Од друга страна, во зимскиот период, поради температурните инверзии, загадувањето се задржува подолго во воздухот, особено поради затоплувањето на домовите, што резултира со поголемо аерозагадување во тие месеци. Дозволени се 50 микрограми на метар кубен. Но, кога ќе го погледнете графикот за последната година, ќе забележите дека зголемување над 50 микрограми има само во зимните периоди“, велат од невладината организација Ековита од Неготино.

И од другите здруженија потврдуваат дека во зима состојбата е далеку полоша со загадувањето за разлика од летото.

„Кога гори чисто дрво не е исто како кога горат депонии. Во зима не се греат сите на дрва. Постојат различни начини на живот во лето и зима, зависи и колку ги користиме автомобилите. За загревањето во зима, некој ќе се грее на дрва, некој на отпад, не се греат сите на чисто дрво, додека пожарот зафаќа чисто дрво. Лето и зима е сосема различно. Намалена е популацијата што користи автомобили во лето, а многумина се возат со скутери, мопеди, користат тротинети. Циркулацијата на ветерот ги носи  честичките, не можат да исчезнат туку-така.  Значително тие се задржуваат најмногу онаму каде избил пожарот. Ако дувне ветер, тие честици се разнесуваат“, вели Ана Симонова од Грин орг од Кочани.

Чадот од шумски пожари е поврзан со респираторни проблеми како астма, срцеви заболувања, нарушувања на нервниот систем и друго. Гореше во скопско, кумановско, велешко, дојранско, во Крива Паланка и на други места. И лани во Македонија имаше катастрофални пожари. Во зима, ПМ честичките во воздухот се присутни неколкупати над дозволеното. Дури имало екстреми кога загаденоста била петпати поголема од дозволените граници. Мапата со податоци за загаденоста на воздухот кои се базираат на она што го покажуваат мерните станици на Министерството за животна средина, покажуваат дека во градовите воздухот обично е ниско загаден. Само на некои локации повремено има средно или високо загадување. Во зима, се случува и по 5-6 градови во исто време да имаат екстремно загадување и да бидат обоени во виолетова боја.

Сања Атанасовска

Фото: ДЗС
Извор: ФАКТОР