„Бијело дугме“ во Скопје: Вечер на емоции, носталгија и љубов кон музиката -ГАЛЕРИЈА

По спектаклите во бројни градови низ регионот, редот конечно дојде и на Скопје. Легендарното „Бијело дугме“ ја продолжи својата златна турнеја по повод 50 години постоење, а атмосферата што ја гледавме на досегашните концерти се пресели и во салата „Борис Трајковски“ – исполнета до последното место, до последната нота.
Не случајно се вели – „Дугме си е дугме“. Тоа го докажа и синоќешната еуфорија. Ретко кој концерт успеал да обедини толку луѓе од различни генерации – од млади во дваесеттите до оние кои со „Дугме“ созревале, се вљубувале и го живееле најубавото време од животот. Од 19 до 79 години – сите заедно, со срце на сцена и душа во песните.
Редиците за влез беа долги, дури и тројни, а концертот започна со мало доцнење – со причина. Требаше време сите да влезат, бидејќи интересот беше над сите очекувања.
Почетокот ѝ припадна на прекрасно расположената Верица Пандиловска, која со топлина и харизма не’ прошета низ екс-ју музичката носталгија. А потоа – магијата започна.
На сцената се појавија Горан Бреговиќ, Тифа, Ален… и сите заедно, во кулминацијата на вечерта, ги отпеаја најголемите хитови што ја одбележаа историјата на балканската рок сцена. Да се испеат сите нивни песни – веројатно ќе ни требаше уште еден концерт. Но и оваа вечер беше доволна да се разбудат спомени, да се прегрнат емоции и да се почувствува она старо, добро чувство кога музиката зборува гласно – без зборови.
Бреговиќ, со својата неизбришлива харизма, уште еднаш ја пренесе својата позитивна енергија на публиката. Тој не крие – ужива на секој концерт, а тоа го пренесува и на сите нас. Секоја песна беше пеена во еден глас, со солзи, насмевки и сјај во очите.
„Бијело дугме“ не’ потсети дека има музика што не старее. Музика што ја носиме во срцето. Музика што ни значи повеќе од звук – таа е сеќавање, љубов, младост. И тоа е најголемата магија на еден бенд што живее и трае.
ФОТО: Женски магазин/Вангел Тануровски














