Дигитален аутизам: Екраните се виновни за предизвикување на состојба слична на аутизам кај децата, а еве како се манифестира

Живееме во време на целосна дигитализација – екраните станаа дел од секојдневието, дури и на најмладите.
Иако технологијата ни го олесни животот, таа има сериозни последици врз раниот детски развој.
Поради брзиот животен ритам, многу родители – свесно или несвесно – им дозволуваат на децата да поминуваат часови пред телевизори, таблети или мобилни телефони. Тоа, според логопедот Маријана Мирковиќ од Заводот за психофизиолошки пореметувања „Проф. д-р Цветко Брајовиќ“, може да доведе до појава на т.н. „дигитален аутизам“.
Иако не е официјална дијагноза, терминот се користи за да опише сериозни, но реверзибилни симптоми кај деца кои се прекумерно изложени на дигитални содржини – како повлекување, недостиг на говор, слаба интеракција и изразена зависност од екраните.
Последици од прекумерно користење екрани:
- Забавен развој на говорот и разбирањето
- Емоционално и когнитивно заостанување
- Нарушувања на вниманието и однесувањето
- Недостиг на социјални и комуникациски вештини
- Хиперстимулација и сензорна дезинтеграција
Многу од овие симптоми личат на аутизам, но „дигиталниот аутизам“ не е вистински аутизам. Децата може да покажуваат слични однесувања, но со одземање на екраните и со правилна стимулација – брзо се подобруваат.
Примери од праксата:
Едно дете не јадело и не спиело без мобилен – развило значително доцнење во говор и емоционален развој
Друго дете, кое гледало премногу цртани и играло игри, станало раздразливо, нервозно и со променети EEG наоди.
Научни истражувања укажуваат:
Децата кои поминуваат повеќе од 2 часа дневно пред екран имаат послаби резултати во учење, имагинација, игра и физичка активност. Исто така, се појавува кратковидост, несоница и намалено паметење.
Препораки за родителите:
- Нема изложување на екрани пред 3-та година
- Ако мора, нека биде максимум 30 минути дневно и во присуство на родител
- Не користете екрани за смирување, хранење или приспивање на децата
- Поттикнувајте интеракција во реалниот свет – игра, комуникација и движење
Како што вели логопедот Мирковиќ: „Децата без природно искуство нема да можат да се справат со секојдневните предизвици, ниту да развијат здрави односи и животни вештини.“
Freepik / kurir