Донацијата на компјутери не престана и во време на пандемијата: Хуманата приказна на Борче Стаменов

Добивај вести на Viber

Кај неговите кавадарчани и кај Фејсбук пријателите е познат по оригиналниот хумор и по искреноста на социјалните мрежи, а пошироко како човекот кој поправа стари компјутери и ги донира на ранливите категории. Борче Стаменов е пример за хуманост, особено во време на пандемијата. Во овој период, кога децата учат онјалн, тој секој свој слободен момент го посветува на тоа да поправи стар компјутер или лаптоп и да го подари на оние кои не можат да си дозволат да си купат. Акцијата на Борче наречена „Донирај компјутер“ започнала сосема случајно, во 2016 година. „Идејата дојде од таму што ние како фирма за изработка на книговодствен софтвер, честопати имаме клиенти кои својата опрема ја менуваат преку набавки од кај нас. Компјутерите кои ги менуваат по отпишување ги оставаат овде. Токму тие компјутери беа и првите десетина или дваесет кои се дадоа на почетокот. Мотивот беше да се помогне на нашите граѓани кои не можат да си дозволат да купат нов компјутер“, ја започна Борче својата приказна.

*Колку компјутери имате донирано до сега?

- До денес се донирани 218 компјутери. За неколку дена ќе ги испратам и следните пет. Во список ми чекаат уште десетина семејства на кои треба да им најдам, спремам, инсталирам и испратам. План ми е и се надевам дека оваа година ако се може да стигнам до 300 донации па и повеќе.

*За колку најкратко можете да поправите еден компјутер, и постои ли некој што бил неупотреблив и сте морале да се откажете од него, да отиде во отпад?

-  Тоа зависи во која состојба ќе го добијам самиот компјутер. Дали е потполно исправен или ќе треба да се средува. Обично за еден компјутер комплет со дијагоза порправање, замена на дел, инсталација и пакување трошам по околу 2 часа. Понекогаш се случува и од два да направам еден ама бар да биде добар. Секако, останува и доста отпад и многу компјутери кои се и застарени и неупотребливи. Тие ги собирам и еднаш или два пати во месецот, фирма која уништува елетронски отпад ги подига и прописно ги одлага или уништува. Со тоа „Донирај Компјутер“ се грижи да не се загадува околината. 

*Кому најчесто ги донирате, како оди целосниот процес?

-  - Донациите се наменети за ранлива категорија на граѓани. Имам донирано и во институции како што се мали групни домови за дечиња, организации за жртви на семејно насилство и слично. Процесот за добивање е доста едноставен. За контакт ја користам фан страната https://www.facebook.com/donirajkompjuter/. Она што јас го барам е доказ дека оној кој ми бара донација е во состојбата во која тврди дека се наоѓа. Сепак, јас не ги познавам сите и едноставно не можам да верувам на збор. Такви потрврди може да бидат потврда за невработеност, потврда за самохран родител, родители на дечиња со посебни потреби и слично. Сè додека не добијам потврда, не испраќам донација. Секој кој ми пратил доказ е запишан во список и е на листа на чекање. По добивање на донации, ги средувам, контактирам со лицето кое ми дава податоци за карго и ги испраќам. Доставата е на нивна сметка и не поминува повеќе од 150 денари.

*Дали во време на пандемијата работата е намалена, како комуницирате со оние на кои треба да се донира?

- Кога започна цело ова со коронавурусот поради моја и безбедност на оние на кои им праќам донации, ја прекинав акцијата. Но, со самото воведување на онлајн наставата едноставно не можев да ги оставам луѓето така. Имаме доста дечиња во државата кои уште немаат компјутер и поради нив продолжив. Нормално дека сум повеќе внимателен. Донациите кои пристигнуваат ги оставам да "преспијат" 24 часа и потоа ги пребришувам со дезинфекциско средство. Работам со ракавици. Советувам истото да го прават и тие на кои им праќам донација. Комуникацијата како што спомнав се одвива преку фан страната и многу ретко по телефон. 

*Ги паметите ли најубвите,зборовите кои најмногу ве допреле по добро завршена работа?

-  После 218 донирани компјутери навистина не се сеќавам на сите. Ете, има една донација која ја пратив на семејство во Битола. Посебно кај неа беше што го симболизираше токму она кое „Донирај Компјутер“ всушност е. Таа донација се врати кај мене после шест месеци. Причината беше тоа што на тоа семејство некој од роднините им купил нов компјутер. Кога ја вратија рекоа: „Напред дечко, усреќи некој друг како што и нас ни донесе среќа. Таква беше ситуацијата и со детенеце кое ме контактираше за да ми заблагодари. Последната е кога детенце на кое му пратив компјутер ми испрати сликичка кое ја нацртало. На неа бевме јас и детенцето во срце. Чиста среќа и искреност! Имаше и еден студент на кои радоста му ја почуствував во гласот, а тоа со зборови не се објаснува ниту искажува. Има доста приказни кои предизвикале чувство на радост и среќа, најповеќе кај мене, а после и кај сите други кои акцијава и она што го пишувам по социјални мрежи ја следат од самиот нејзин почеток.

*Пред неколку дена добивте поддршка од Претседателот Стево Пендаровски. Раскажете ни повеќе за таа комуникација и соработка.

- Со Претседателот се чув преку апликацијата зум. Не бев единствен во разговорот. Вклучени беа повеќе лица кои во овие тешки времиња се одвоиле и решиле да помогнат како знаат. Бевме наречени херои на денешницава. Ми беше драго што ете и покрај тоа што личност како него решил да одвои од своето време и да се “запознае” нас. Разговорот беше опуштен за разлика од она кога одам некаде на снимање прилог или емисија и комплетно се блокирам. Пораката беше дека ја имаме неговата поддршка и во секое време може да му се обратиме. Ете, ова нека биде и  една јавна благодарност до претседателот Пендаровски. 

*Како Кавадарци и вие лично живеете во ова време, кажете ми нешто повеќе за вас, за вашата работа, за  семејство, што ве прави среќен кога не работите? 

- Кавадарци, морам да спомнам, е препороден град со новава администрација и градоначалник. Градот сѐ повеќе заличува на убаво место за живеење. Во период кога цел свет е на пауза, мислам дека доста добро се менаџира со ситуцијата. Моите кавадарачани во голем дел се свесни за тоа што ни се случува и се придржуваат кон препорачаните мерки за заштита. Исклучоци како и секаде и овде има, но се малку. Моето семејство секогаш било блиско. Не можам да речам дека пандемијата нѐ збижила уште повеќе. Кафето знаеме сите заедно да го шмркнеме у двор. Се држиме и се дружиме како сѐ да е нормално. Работата што веќе 20 години ја работам ја сакам, ја обожавам. Мене секој ден ми е како прв ден на работа. Без разлика што обврските се идентични јас на тоа гледам како нов предизвик. Читам доста информатичка литература и сакам  да бидам во чекор со новите збидувања во тоа поле. Кога не сум на работа обично гледам филмови или серии. Кафето после работа ми е задолжителна церемонија која ја уживам сам и скоро секогаш со Мајлс Дејвис. Слушам доста музика. Ескпериметирам со разни правци. Кај мене дома никогаш не е тишина, нормално кога најповеќе слушам рок/метал. Во глобала сум среќен и насмеан човек. Доста време минувам и на социјални мрежи каде сакам да сум повеќе духовит како луѓето би се насмеале и за момент би се тргнале од сѐ она што ни се случува. 

*За колку примери за донација на компјутери, хумани како вашиот, сте слушнале во светски рамки?

- Хмм, имам слушано за донации од спортисти и познати лица. Најблизу до „Донирај Компјутер“ беше некој дечко од Србија кој исто така поправаше и донираше половни машини на социјално загрозени лица. Дали уште го прави тоа навистина не знам. „Донирај Компјутер“ е доста специфична акција. Тоа е цел круг на луѓе со иста идеја. Не знам дали некаде постои нешто слично? Овде донациите идат од обични луѓе. Ги поправа и средува исто така обичен човек. И завршуваат кај обични луѓе. Тоа сме ние, правиме работи за луѓе кои не нѐ познаваат и кои не ги познаваме. 

Милица Џаровска