(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ГАЛИЧИЦА) Убавините на Македонија: Изгрејсонце во Охрид, зајдисонце на Преспа
Магијата на
Галичица секој различно ја доживува. Планинарите кои се искачуваат на врвот
Магаро на еден начин, оние кои ја поминуваат со автомобил на друг.
Едно е заедничко за сите кои ќе ја посетат планината која ги дели Охридското и Преспанското езеро. Глетката одозгора е скапоцена, и од охридската и од преспанската страна.
Ние ја избравме охридската како почетна точка, и Инстаграм хитот, видиковецот Коридски рид како место за одмор. Од долниот пат каде што се врти за Галичица, откако ќе го поминете селото Трпејца до видиковецот има околу 10 километри. По патот има неколку места на кои можете да застанете да се фотографирате, а езерото одозгора ви е како на дланка. По пат, убаво е да се одморите на излетничкото место Корита, на надморска висина од 1340 до 1350 метри.
Корита нуди настрешници, маси и клупи, игралиште за фудбал, бунарчиња и чешми. Богатството на ова место се изворите со студена планинска вода.
Патот нè води нагоре, кон Коритски рид, кој е на надморска висина од 1421 метри, на западните паднини на Галичица и е во линија на Трпејца. Тука е главното доживување. Видиковецот е сместен на карпест отсек висок неколку дестици метри. Трпејчко поле лежи директно под вас, а целото езеро се простира пред вас. Глетката не се опишува, се доживува. На видиковецот има еден летниковец, место за скара, и многу клупи кои се совршено место за медитација. Ако имате среќа да ви се погоди сончев ден, чист воздух, ветер, поглед на тиркизното сино езеро, доволно да се исклучите од секојдневието, да медитирате и да ги одморите мислите.
Потоа, во зависност од тоа како сте расположени го избирате патот за надолу. Кон Охрид или кон Преспа. Наша дестинација беше Стење, убавото преспанско село, кое се наоѓа на самиот брег на заливот Лиса на Преспанското езеро, смесетено на источното подножје на Галичица, на надморска височина од 855 метри. Се наоѓа од левата страна на патот Битола - Корча, во непосредна близина на границата со Албанија. Иако езерото е доста повлечено, убавината на овој крај е ненадмилива. Кафе или ручек на плажата на Стење е вистински избор по возењето преку Галичица.
По патот накај Преспа, застанавме и кај парклисот Св. Ѓорѓи, омиленото место за одмор на велосипедистите кои со гордост велат дека ова е една од најубавите велосипедски патеки. Дочекај го изгресонцето во Охрид, а зајдисонцето на Преспа. Многу планинари и велосипедисти ја пратикуваат оваа убавина на лето.
Во преспанскито дел, а и во охридскиот има уште многу места за истражување, затоа им закажуваме состанок наскоро, а патот ќе видиме на која страна ќе нѐ однесе. Спонтано е најубаво.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски
.