(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ЖЕЛЕНЕЦ) Убавините на Македонија: Богато село со само 15 жители
Понекогаш е убаво да се вратиме во минатото и да прошетаме низ помало место
или низ село кое што и сега ја има задржано старата, автентична архитектура.
Такво едно место е Железнец. Иако е мало, со малку жители, архитектурата е
неговото богатство.

Селото е познато по изворите на Црна река. Гордост на Железнец е што од 2004 година претставува заштитен споменик на културата. Тоа е токму поради таа ретка и специфична архитектура во селото.
Ако се решите да патувате накај Железнец, а наша препорака е да го сторите тоа, селото се наоѓа во северозападниот дел на Демир Хисар. Сместено во непосредна близина на изворот на Црна Река. Освен во необичната архитектура, овде ќе уживате и во прекрасната природа.
Атарот зафаќа простор од 12,8 км2. На него најголема површина заземаат пасиштата од 547,2 хектари, на шумите отпаѓаат 350,8 хектари, а на обработливото земјиште 151,1 хектари. Селото е сместено на 720 метри надморска височина.
Во атарот на самото село се наоѓаат изворите на реката. Најголемиот извор е врелото Црна Дупка што се наоѓа над селото Железнец, додека во месноста Горно Маало има уште два извори, иако со помала издашност, никогаш не пресушиле.
Железнец е сместено во клисура на самиот регионален пат од Битола кон Кичево. Интересен податок е дека во 199- година, селото имало 320 жители, во 1953 година биле повеќе, 398. Според пописот во 2002 година, во селото живееле 57 жители. Денес има само 15 жители.
Наоѓалиштето Железник е сместено високо над селото. Потекнува од античкиот период, а во историските извори се јавува под три имиња: Градиште, Сидеро Кастрон и Железник. Во римскиот период овој град бил забележан како Сидеро Кастрон, а во средновековието како Железник, под кое име постоел сè до XIV век, кога бил „избришан“ од географската карта.
Денешните остатоци од градот го исцртуваат главниот дел, во елипсоидна форма, со димензии север-југ околу 300 м. и исток-запад 55-70 м. Градот бил природно заштитен од јужниот и југозападниот дел со стрмните падини високи над 8 м. Бедемот од источната страна сè уште може да се следи во целина. Влезната капија сè уште се забележува. На север, каде се соединуваат источниот и западниот бедем се наоѓаат остатоци од заштитната кула. На тврдината се забележуваат и остатоци од црква, бунар и камена рачна мелница.
М.Џаровска
Фото: Вангел Тануровски
ГАЛЕРИЈА: