Го изгуби најдобриот пријател, се збогуваше со голем број свои колеги: Моќни зборови на Коки Јанков во кои секој ќе се пронајде
Македонскиот музичар Коки Јанков, познат по легендарното дуо „Дуле и Коки“, викендов настапи на Макфест, носејќи ја со себе силата на спомените и емоцијата на пријателството.
Песната што со години ја изведуваше со покојниот Дуле, овој пат ја испеа сам — во негова чест и со солзи во очите.
Објави и емотивна фотографија на која е во прегратка со колешката Лидија Кочовска, а публиката го испрати со громогласен аплауз и почит кон неговото срце полно со спомени.
Денешната објава на Коки Јанков ја носи целата тежина на неговите лични загуби и болка, но и силна порака на надеж и вера.
Во неа тој зборува за контрастот меѓу оние што уживаат во животот и оние што тивко ја носат својата болка.
Еве го неговиот збор дословно, сега во кирилица:
„Кога некои шетаат, се смеат, патуваат, јадат, се прејадуваат, пеат, пијат и се препиваат… слават родендени, женидби, годишници, или едноставно така уживаат во животот, кој на кратко, кој почесто така... убаво им е, нема тука што… денот изгрева и заоѓа, и за овие, но и за оние кои со споени дланки го покриваат своето лице по стотина пати во денот, тажејќи за некого или за нештата кои не можат да ги вратат назад. Скукaлени во четири ѕида, размислувајќи како да го поминат и овој проклет ден, во тага и болка.
Дали можеме нешто да направиме?
Дали е ова неправда можеби?
Дали нешто не погодува, мене и тебе, запрашувајќи се кој и зошто заслужил така или така..? Во која колона си ти, или има некоја трета, или четврта варијанта на животот..?
Каде и да си, немој да заборавиш дека единствен, оној кој може да те разбере, помогне, утеши, израдува, те воздигне или ти даде мир — е Бог. Одете кај Него.“
Со оваа силна порака, музичарот кој изгуби најблизок пријател и колега, им се обраќа на сите кои минуваат низ тешки моменти — потсетувајќи дека и во најголемата болка, верата останува најсилното упориште.
Фото: ЖМ архива / Мета