Холивудски ѕвезди и научници бараат - невраќање во нормала

Славни личности, вклучувајќи ги Мадона и Роберт де Ниро, и научници, меѓу кои и неколкумина нобеловци, по завршувањето на карантинот, предизвикан од корона-ситуацијата, бараат радикална промена на светот а не враќање кон нормалата.
Холивудските ѕвезди Кејт Бланшет, Џејн Фонда, Марион Котијард и Моника Белучи ги додадоа своите потписи во отвореното писмо објавено во францускиот весник „Ле Монд“, барајќи завршување на ерата на незаузданиот консумеризам и радикална трансформација на економиите за спас на планетата.
„Сметаме дека е незамисливо да се вратиме назад во нормалата“, се вели во писмото кое го потпиша и нобеловецот за мир во 2006, Мухамед Јунус, кој ја доби престижната награда за концептот за економски и социјален развој оддолу, од најшироката популација, без чиј излез од сиромаштијата, се неможни позитивни промени.
Сите потписници на писмото сметаат дека пандемијата е трагедија, но исто така и шанса за човештвото да се преиспита што е суштински важно.
„Дотерување веќе не е доволно. Проблемот е системски“, се вели во писмото.
„Еколошката катастрофа која веќе се случува е мета-криза. За разлика од пандемијата, глобалниот еколошки колапс ќе има немерливи последици“.
Во писмото, кое има 200 потписници, преовладува став дека е време лидерите да ја остават зад себе неодржливата логика која сè уште преовладува и да преземат длабоки преиспитувања на нашите цели, вредности и економии.
-Консумеристичкиот приод и опсесијата со продуктивноста нè водат во негирање на вредноста на самиот живот: на растенијата, на животните и на големиот број човечки битија – се вели во писмото, кое тврди дека загадувањето, климатските промени и уништувањето на преостанатите природни зони го донесоа светот до пресвртна точка.