ИЗДРЖЕТЕ ДО СРЕДА - СЛЕДУВА ГОЛЕМА ПРОМЕНА НА ВРЕМЕТО: температурите ќе се намалат и за 10 степени

Високите температури во нашата земја ќе се задржат до вторник, до кога се очекува да биде многу топло време со дневна температура која на одредени места ќе надминува и 40 степени.
Веќе од среда и четврток синоптичарите најавуваат дека ќе дува засилен северен ветер кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а в среда, претежно во северните делови од земјава, ќе има локален дожд.
Според прогнозата на Управата за хидтрометеоролошки работи, максималната температура во четврток и петок ќе достигне 32 односно 33 степени.
Во текот на денешниот ден исто така се најавува топло време, но и дожд во попладневните или вечерните часови.
Според УХМР станува збор за локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град.
- Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец, соопшти УХМР.