Концерт на Кики Лесендриќ и „Пилоти“во Скопје: Емоции, носталгија и безвременски хитови

Во доцните 80-ти години на минатиот век, непосредно пред распадот на Југославија, музиката на овие простори ги доживеа своите ѕвездени мигови. Секојдневно се раѓаа нови хитови и стихови кои и денес се пеат, останувајќи во колективната меморија на повеќе генерации. Помладите ги откриваат, а постарите со љубов ги потсетуваат. Една од групите кои силно го обележаа тој златен музички период беше и групата „Пилоти“, предводена од фронтменот, композитор и текстописец Кики Лесендриќ.
Со хитови како „Као птица на мом длану“, „Лето“, „Свет је леп када сањамо“, „Тајна је у теби скривена“ и незаборавната балада „Заборавени“ од култната серија „Сивиот дом“, групата Пилоти стана симбол на една романтична, но и енергична поп-рок ера. Песни со моќни текстови, мелодични рефрени и хармонии кои шират љубов.
По распадот на Југославија, Кики продолжи со кариера зад сцената – работејќи како автор на бројни хитови, најмногу надвор од Србија.
И покрај тоа што неговиот животен и професионален пат го водеше во различни правци, Кики никогаш не ја прекина врската со Скопје и Македонија. Скромно и ненаметливо, повремено се враќаше за да ги оживее своите безвременски песни и да го почувствува пулсот на македонската публика.
Синоќа, во скопската „Паблик Рум“, Кики со поставата на „Пилоти“ приреди два часа вистинско музичко патување низ времето – низ летните љубови, средбите и разделбите, низ тајните што сите ги носиме во себе. Вечер полна со емоции и носталгија, која уште еднаш ја потврди магичната моќ на музиката – да оживее времиња кои никогаш нема да се вратат, но кои живеат во срцата на луѓето.
Кики, со препознатлива енергија, едноставност и харизма, не само што ја исполни салата со звук, туку и со душа. Помеѓу песните, тој споделуваше лични приказни – кога и како се родиле одредени песни: некои на летен одмор, некои во студентски денови, некои во моменти на тага или радост. Посебно ја нагласи својата љубов кон македонската публика, велејќи дека отсекогаш ги обожувал Македонците.
По настапот, Кики остана достапен и љубезен како и секогаш – се фотографираше со фановите, разменуваше збор-два, и уште еднаш потврди дека вистинските ѕвезди никогаш не се оддалечуваат од својот народ.
С.А.Н