Луѓе, со ваква младина ќе ни ја снема кирилицата. Ужасната сум од неписменоста: Лекторката и писателка Лозаноска со освестувачки текст

Утре го славиме Свети Климент Охридски (840 - 27 јули 916, Охрид) — македонски светец и еден од учениците на светите Кирил и Методиј кој учествувал во извршувањето на Моравската мисија. Во 886 година ја формира Охридската книжевна школа или попозната како „Прв словенски универзитет“, од кој како подготвени излегле 3500 ученици. Тој е познат македонски и словенски учител кој ја создал Кирилицата такашто ја упростил глаголицата. Ја крстил по неговиот учител св. Кирил.
Лекторката, писателка и сестра на пејачот Влатко Лозаноски- Лозано, Марија Лозаноска по повод празникот објави освестувачки текст за писменоста и денешната младина која вели дека е во ужасна состојба во тој поглед, вели дека младите имат одбивност кон кирилицата, дека се враќаме пред Климентовото време, односно во пештерското, каде комуницирале со слики односно денешни емотикони.
Нејзината објава во целост:
- Се ближи празникот Св. Климент Охридски и за тие што не знаат, тој и брат му ја напишале кирилицата. Поминале векови за да се описмениме, ама реалноста е друга.
Со тоа што правам содржини со македонски јазик на социјални мрежи, до мене стигнуваат тинејџерите и младите, што е одлично. Но, се сретнувам со ужасна состојба. Сфатив дека ние се враќаме пред Климентовото време, односно во пештерското, каде комуницирале со слики или денешни емотикони.
При едукација за кирилица, тие имаат толкава одбивност кон кирилицата, не планирале да одат во опции во телефон да менуваат, напаѓаат како можеле да се разберат на македонски и на латиница и жестоко се борат објаснувајќи се со банални причини.
Луѓе, со ваква младина ќе ни ја снема кирилицата. Нема да постои. Ужасната сум од глетката, од неписменоста и од гордоста на тоа што се неписмени.
Горди се на пештерската комуникација преку мемиња, гифчиња, емотикони, нецелосни реченици, полумакедонски и полуанглиски (патем ни на англискиот не се некои писмени).
Професор(к)и по македонски, родители, останати наставници, погледнете си ги децата.
Утре треба да бидат личности.
Јазикот е огледало на еден човек.
Ако го сака македонскиот, ќе ги сака сите јазици.
И обратно.
Многу е очајна статистикава што ја гледам.
Ќе го славиме Климент и ќе им кажеме на младинава преку гифче зошто е тоа така.
Пишувајте на кирилица за да не ја изгубиме - едукативно видео од Марија Лозаноска: