Светска, а наша: Научничката од светски ранг Светлана Мојсов со ново признание и во татковината - за неа едно од најемотивните

Светската награда за хуманизам, која секоја година се доделува во чест на Св. Климент Охридски, годинава оди во рацете на професорката Светлана Мојсов – биохемичарка од светски ранг и професорка на Универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк.
Родена во Скопје, Мојсов веќе три децении е дел од врвната научна сцена во САД, а нејзините истражувања во областа на ендокринологијата резултираа со нова генерација лекови против дијабетес и дебелина.
Со ова признание, Мојсов се приклучува на светски имиња како Александар Солжењицин, Херта Милер, Даисаку Икеда и Рави Шанкар.
Според жирито, нејзината работа значајно придонела за разбивање на биохемиските мистерии поврзани со метаболни заболувања, со што го проширила хоризонтот на модерната медицина.
„Ова признание има силна емотивна вредност за мене. Посебно е чувството кога наградата доаѓа од местото каде што си ги направил првите чекори“, истакна професорката во благодарницата до амбасадорот Јордан Плевнеш.
Наградата ќе ѝ биде врачена на 9 август, на празникот Св. Климент Летен, во Куќата на Уранија во Охрид.
Истовремено ќе биде откриена и локацијата каде што ќе се постави спомен‑обележје на светскиот хуманизам, на кое ќе бидат врежани имињата на сите досегашни добитници.
Фото: EPA