Медицинската сестра е мост меѓу стравот и сигурноста: Сестринството е тивок глас на утеха и сигурна рака во најнеизвесните моменти

Кога ќе се спомене Универзитетската клиника за урологија, прва асоцијација се лекарите и хируршките интервенции.
Но зад секоја успешна дијагноза, подготовка и операција, стои посветен и стручен сестрински тим, кој тивко и суштински ја носи грижата за пациентот.
Сестринството на клиниката значи постојана грижа и поддршка – од првиот контакт во амбулантата, преку подготовка за интервенција и асистенција во сала, па сè до постоперативна нега. Континуирана работа што не секогаш се гледа, но се чувствува – со поглед и со допир, со внимание и со знаење.
„Медицинската сестра не е само асистент – таа е мост меѓу стравот и сигурноста, тивок глас на утеха и сигурна рака во најнеизвесните моменти,“ вели Виолета Стојановска.
Улогата на главната сестра
Нејзината улога како главна сестра подразбира организирање, координирање и надгледување на секојдневната работа на сестринскиот тим.
„Одговорна сум за обезбедување квалитетна и безбедна здравствена нега, почитување на стандарди и протоколи, како и за едукација и поддршка на персоналот.“, вели таа.
Активно соработува со докторите во сите фази на лекувањето – од прием и подготовка на пациентите, до постоперативната грижа. Нејзина одговорност се сестринските смени, распределбата на задачи, асептичните услови, организација на оперативниот програм и следење на нега по операција.
„Се грижам секој пациент да добие навремена и адекватна грижа, а медицинскиот персонал да работи усогласено и професионално. И заедно со докторите активно учествувам во организација на оперативниот програм. Мојата цел е пациентите да добијат професионална, хумана и континуирана нега, а сестринството да биде видено како стожер на грижата и одговорноста во болничкото работење.“, објаснува Стојановска.
Мисијата на медицинската сестра
Во урологијата, работата не се сведува само на медицинска нега, туку и на чувство на сигурност, достоинство и поддршка.
„Со внимателен пристап кон пациентот, трпеливо објаснуваме процедури кои може да бидат непријатни или срамни, внимателно ги следиме виталните параметри и охрабруваме во моменти на страв. Нашата работа не секогаш се гледа, но секогаш се чувствува,“ вели Стојановска.
Таа ја дефинира својата мисија:
„Да ја сочуваме хуманоста меѓу протоколите, да внесеме мир онаму каде што има страв и да бидеме присутни. Ние сме тивката сила зад секое успешно лекување.“
Професијата како лична одговорност
Да се биде дел од тимот на урологија, а во исто време и неговото срце, за неа не е само професионална улога, туку и чест.
„Во текот на моите 25 години стаж, се посветив целосно – со срце, со знаење и со грижа кон секој пациент и колега. Професијата носи непроспиени ноќи и стресни моменти кога мораш да реагираш веднаш и да бидеш силен. Но токму тие моменти те градат како човек и професионалец.“ вели таа.
Со текот на времето научила дека довербата и тимската работа се еднакво важни како знаењето.
„Секој член на тимот ми значи. Ние сме тим што дише со едно срце – за доброто на пациентот.“ додава Стојановска.
Реновирањето на Клиниката за урологија
Пред една година, со доаѓањето на директорот д-р Башким Шабани, започнало реновирањето на клиниката.
„Клиниката беше во лоша состојба, но сите ние – и персонал и пациенти – имавме силна желба за промени. Се обединивме околу една цел: да создадеме услови, достоинствени за пациентите и функционални за тимот. Со заеднички напор, денес клиниката изгледа поинаку: Секоја болничка соба е климатизирана, со нови, удобни болнички кревети, соодветна осветленост, прочистувачи за воздух и целосно реновирани тоалети. Хигиената е значително подобрена– со набавка на нова машина за чистење и современи средства, кои не само што го одржуваат просторот беспрекорно чист, туку и ја олеснуваат работата на хигиеничарите. Посебно сме горди што една од собите, со капацитет од 6 кревети, ја опремивме во просторија за полуинтензивна нега – опремена со нови болнички кревети и монитори што овозможува подобро следење на виталните параметри и грижа за пациентите со потешка клиничка состојба. Ова не е само визуелна промена – ова е чекор кон повисок квалитет на здравствена услуга, кон подостоинствено лекување, и конработна средина, која го мотивира целиот наш тим. Среќна сум што сум дел од овој процес – и што заедно, создадовме клиника која навистина доби поинаков изглед.“, нагласува Стојановска.
Новите услови значително ја подобриле и олесниле секојдневна работа и ја зголемиле удобноста и безбедноста на пациентите. Модерниот простор, подобрата осветленост, климатизацијата и современата медицинска опрема создаваат пријатна и функционална средина, во која можат поефикасно и посмирено да работат.Пациентите се чувствуваат поспокојно, а тоа влијае позитивно и на нивното закрепнување.
„Кога се чувствуваме безбедно, почитувано и вреднувано, полесно се фокусираме на задачите, работиме со поголем ентузијазам и подготвени сме да дадеме повеќе од себе.Тоа чувство го пренесуваме и на пациентите“, вели Виолета.
Личен придонес на тимот на Урологија
Одлуката целиот тим да се откаже од службените бенефиции за да инвестираат во Клиниката дошла природно – како резултат на заедничка свесност дека сакаат подобри услови, и за нив и за пациентите.
„Субвенциите кои ги добивме од еден мобилен оператор ги искористивме за да купиме 16 клима уреди за пациентите и две машини за перење. Тоа беше наш начин да покажеме дека ова не е само работно место, туку средина во која секојдневно даваме дел од себе.“, објаснува Стојановска.Денес гордо вели: „Кога ќе видам задоволни пациенти и колеги, чувствувам радост што сме направиле нешто вистински вредно – за општо добро.“
Тимска сплотеност
Она што најмногу ја прави горда е единството на тимот.
„Инструментарките се тивки херои – стерилни, прецизни и фокусирани. Секој нивен потег значи безбедност. А сестрите што работат во стационарот имаат силно срце, емпатија и трпение. Дури и под притисок, никогаш не забораваме дека работиме со луѓе, а не само со дијагнози.“, истакнува таа.
Моментите што оставаат трага
Во долгогодишната работа најмногу памети приказни со среќен крај, кога пациентите си заминуваат дома со насмевка и благодарност. Но во срцето остануваат и малите човечки мигови.
„Додека минував низ болничките соби на една моја ноќна смена, одеднаш слушнав како некој од соседната соба вика:„Цеце!“ Отидов во болничката соба, му се приближив на пациентот,објаснувајќи му:„Јас не сум Цеце, јас сум сестра Виолета.“
Тој се насмевна и со ведар тон ми рече:„Ама ние во Охрид така нагалено и од милост ги викаме сите сестри – Цеце“.
Тоа беше мал, но длабоко значаен момент. Во тој едноставен повик, почувствував нешто многу повеќе од збор — почувствував блискост, доверба кон мене и почит кон мојата професија.“,се присетува Стојановска.
За неа, тоа е суштината на професијата: „Да се биде сестра, не значи само да се дава терапија или да се пополнуваат документи, туку да се биде присутен – со збор, со поглед, со разбирање.“
Невидливите сили на професијата
Покрај знаењето и вештините, на медицинската сестра ѝ се потребни и невидливи нешта: трпеливост, емпатија и љубов.
„Сестрата е чувар на надежта. Нејзината насмевка и тивок збор можат да му дадат на пациентот сила и мир. Но, за да се грижи за другите, мора некој да се грижи и за неа, потребна и е поддршка од колегите, системот и општеството, бидејќи зад униформата стои човек. И само кога тој човек е препознаен, вреднуван и охрабрен, може да продолжи да дава сè од себе.“, вели Стојановска.
Борба за признание
Иако сестрите се столбот на здравствениот систем, нивниот труд честопати не е доволно вреднуван.
„Оптимист сум дека со подобри услови, повисоки примања и континуирана едукација, сестринството ќе го добие признанието што го заслужува,“ додава таа.
Порака до младите
На сите млади кои размислуваат да станат сестри им порачува:
„Сестринството не е само професија, тоа е повик. Ако чувствувате желба да бидете покрај луѓето во најтешките моменти, вие сте на вистинскиот пат. Ова не е работа што ја работиш, туку улога што ја живееш секој ден, со срце.“, нагласува Стојановска.
Таа е свесна дека многу млади ја напуштаат земјата во потрага по подобри услови, но верува дека токму овде треба да се создаде средина што ќе ги задржи.
„Мораме да покажеме дека сестринската професија е ценета и поддржана. Младите носат енергија и потенцијал – нашата задача е да им дадеме причина да веруваат дека вреди да останат.“, вели таа.
Поддршка за чиста животна средина
Сестрите од Урологија својата одговорност ја гледаат и надвор од болничките ѕидови.
„Здравјето не започнува само со терапија и лекување, туку со средината во која живееме. Чистотата е предуслов за здравје, безбедност и достоинствен живот. Чистотата не е само естетика. Таа е основен предуслов за здравје, безбедност и достоинствен живот– како за пациентите, така и за здравствениот персонал. Ја поддржуваме работата на новинарот Александар Видиновски и на сите поединци и организации, кои секојдневно ја истакнуваат оваа важна тема преку медиумите.
Нивниот труд ја поттикнува јавната свест и нè потсетува дека сите сме одговорни — како граѓани, како институции и како здравствени работници. Веруваме дека само со заедничка свест, активна вклученост и меѓусебна поддршка можеме да изградиме посигурна, почиста и поздрава животна средина, а воедно и поздрав здравствен систем — и подобро општество за сите нас.“, вели Стојановска.
Редакција „Женски магазин“**Дознајте сè за случувањата во шоу бизнисот, бидете во тек со темите за животен стил и мода. Пријавете се во нашата Вибер група









