НЕ НИ ТРЕБААТ ВИСОКИ ПОТПЕТИЦИ ЗА ВИСОКИ ИДЕАЛИ

Добивај вести на Viber

Септември е месец со мирис на жолти лисја, ајвар и неколку фестивали. Жолтилото овој септември како да го одложи својот кредит за подоцна, печените пиперки никогаш не ми го скокоткале носот нешто особено, а фестивалите... хм... фестивалите се моја приказна, особено оние на кои сум научила животни лекции…

Вообичаеното „неколку фестивали“ годинава се претвори во десетици културни настани, сите „начукани“ во месецот кој го одложи почеток на учебната година. Логиката на оргазнизаторите е дека сите овие јавни настани мора да се случат во септември, додека сè уште може да заедничариме под отворено небо, пред есента, дождовите и маглите да нè зашијат во нашите домови. Тие во време на корона ни станаа глувчешки дупки и уточишта на стравот. Во пандемијата која ни ги контролира животите, нè лишува од блискост и допири, од дружење и гушкање, нè прави бестелесни и анксиозни, она малку култура и уметност (според мерки и протоколи) што пркнува од проблесоците овој септември, ни го враќа сјајот на животот. И додека повеќето фестивали како Синедејс, ПРО-ЗА Балкан, Скопскиот филмски фестивал, Крик и многу други се одлучија своите изданија да ги направат токму во септември, фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола го прескокна своето регуларно септемвриско 41-во издание. Сепак, Фејсбук не прескокна да ме потсети на некои убави моменти што сум ги доживаела претходните години на овој фестивал. Во време на пандемија и клаустрофобија оваа социјална мрежа нè потсетува колку слободно се движевме и дружевме. Со опцијата со која ни покажува што сме „постирале“ на истиот ден пред години, ни ги враќа спомените како врзно ткиво на нашиот живот. Така, овој септември, неколку пати на „мојот Фејсбук“ ми се свртеа слики со светските филмски диви кои ги интервјуирав на „Манаки“ изминативе десеттина години - Жулиет Бинош, Катрин Денев, Клаудија Кардинале, Изабел Ипер, Дерил Хана, Викторија Абрил... Жени кои го менуваат светот! Ме „пукна“ носталгија по времињата кои нема да се вратат... но, убавите средби со луѓето се добар потсетник за тоа како треба да живееме...

Да резимираме, ова не е сторија за филмот и неговата магија, не е ниту приказна за мирисот на цимет наспроти мирисот на ајвар во септември, ниту пак е приказна за црвениот тепих и „високи штикли и црни чорапи“, туку за високите идеали кои прават промени за нашите идни поколенија. Споделувам со вас дел од разговорите кои ме освестија за многу работи во животот. Тоа се оние атоми од муабетот што продираат подлабоко од гламурот на славата. Тоа се лицата обезличени без маски. Некои, пак, очовечени кога ќе ја симнат маската на славата. Ќе ги прескокнам свечените тоалети, фризурите ко торти и  црвениот килим, бидејќи тие се само опачината на убавото лице на филмот како живот или животот како филм?!

Септември во Битола. Не септември 2020, но секој претходен... Широк Сокак распослан пред филмските ѕвезди, кабадаиите со подзинати усти, битолчанки „стросани“ да бидат „поубаи“ од актерските диви, а јас возбудена и преплашена дека одблизу ќе ги демистифицирам нивните стравови и болки (не само оние што одлично ги одглумиле на филмското платно туку и оние личните). Во целата фама пред интервјуата што требаше да ги правам со овие филмски икони ми стигнуваа разни предупредувања за нивната арогантност, каприциозност и самобендисаност. Ми требаше психичка подготовка за да се соочам со нив, поголема отколку за на гилотина. Рацете ми се тресеа од коктел од стрес, адреналин и одговорност. Но, во моментот кога камерите се вклучија, пред мене видов луѓе - обични и несигурни како секој од нас. Маските паднаа. Психолошката проникливост навистина отвора и некои други прозорци во луѓето, не само оние сјајните... Животот на сите ни сервира предизвици и болки, без разлика на славата што ја живееме. Некои од нивните дијалози и денес ми ѕвонат в уши...

„За да се преобразиш, мора да се ослободиш од минатото, нема друг начин“ - ми вели Жулиет Бинош, француската актерка која зад себе има над 60 филмски улоги и 30-ина престижни награди, меѓу кои и „Оскар“. Од неа го помнам и тоа дека за да направиме промена во светот, треба да се менуваме однатре и дека ако сакаш да си среќен, треба постојано да си во допир со себеси. „Во светот има многу болка и сиромаштија, додека ние сме заробени од системот на банките, од глобализацијата и од консумеризмот“, вели Жулиет Бинош. Ако немав претходно истражено за нејзината хуманитарна работа, ќе помислев дека ова е само уште една демагогија од светот на славните. Но, на Жулиет Бинош активизмот ѝ е во стомакот! Им помага на многу деца низ светот, финансирала милионска градба на дом за деца без родители, кума е на девет сираци од Камбоџа и е социјално ангажирана преку „Новинари без граници“. Својата политичка активност ја покажа и со барањето да се ослободи притворениот ирански режисер Јафар Панахи. Комплетна жена!

Ова ме натера да се прашам каде се нашите актер(к)и и воопшто јавните личности во општествениот ангажман? Скриени во своите глувчеви дупки? Не зборувам за овој период, сега, за време на панедмијата, туку за сите претходни години низ кои земјичкава ни тоне. На безбедно во своите фотељи, исплакнати како на центрифуга од 180 степени за кој било важен политички став. Со ретки исклучоци, се разбира. Се сеќавам дека на прсти се броеа оние што излегоа да им помогнат на загрозените семејства од поплавите пред четири години, на пример. Природата е немилосрдна, но луѓето се уште понемилосрдни. Први се да зборуваат, последни да подадат рака.

А кога сме кај природните непогоди се сетив и на разговорот што го правев со холивудската актерка Дерил Хана. Сите ја знаеме во нејзините улоги, од сирена до андроид, од стриптизерка до психопатски убиец, но малкумина знаат за нејзиниот еколошки активизам. Дури двапати е апсена и одведена во затвор поради борбата за правда против одредени корпорации и индустрискиот змеј. Во заштитата на животната средина, Дерил Хана почнува од себеси. Веганка е и живее без телевизор дома, сметајќи дека негативните слики и стравовите што се шират ѝ го загадуваат духот. Се сетив дека и јас и мојот партнер (сега веќе сопруг) кога пред десет години почнавме да живееме заедно, под ист кров, немавме телевизор цела година. Тоа беше наша свесна одлука – да живееме без телевизор дома! За да биде уште поинтереснио јас тогаш работев во телевизија. Но, моите ситни обиди да му се спротивставам на консумеристичко-медиумскиот булдожер се само „до колена“ на она што го прави Дерил Хана преку нејзиниот еко-активизам.

Продолживме да зборуваме за храната и токсините… - „Да, има толку многу канцерогени елементи во храната, во производите за нега на кожата, во средствата за чистење... има многу адитиви и процесирана храна“, вели Хана. Ми раскажа и дека завршила курс за пермакултура и дека научила како да живее во хармонија со почвата и со природата. Се фативме на иста линија, зборувајќи за тоа колку и мене ми е дегутантна човековата доминација врз животните. И тогаш ми светна познатата максима на Лао Це - „Да се наметнува својата волја врз другите е насилство, а врз себеси - врв на насилството“. Кога ја потсетив на оваа мисла, Дерил имаше уште една силна порака: „Индустријата за храна е еден вид ропство. Кокошките и мисирките ги клукаат со хормони за брз раст, за да даваат повеќе месо. Им ги сечат клуновите и не ги пуштаат надвор на сонце. А некои од најинтелигентните суштества на планетава, како делфините и китовите, ги заробуваме во базени заради наша забава“. Познатите личности имаат моќ да покренат промени во општеството, треба само да сакаат, си помислив. А чувството дека немаме моќ да ги смениме работите е исто така еден вид отров за духот.

И во контектс на промените што можат да го направат светот поправедно и поубаво место за живеење, не како во утописките сценарија или холивудските романтични комедии, туку реално и остварливо, се сетив на уште еден инспиративен разговор што имав чест да правам со Катрин Денев, кралицата на огнот и мразот, на „Манаки“ во Битола пред осум години. Оваа филмска дива, чии партнери на платното беа Марчело Мастројани, Ален Делон, Жерар Депардје, Џон Малковиќ и многу други, американските новинари ја прогласија за најелегантната жена на светот. Но, таа никогаш не играше само на картата на убавината и шармот. Во средбата со неа ја видов нејзината друга страна која нема да ја најдете во модните списанија. Учествувала во разни акции против смртната казна во САД. Десет години Катрин Денев била амбасадорка на УНЕСКО за зачувување на филмското наследство, за потоа да даде отказ во знак на протест затоа што еден од претставниците на Ангола бил обвинет за продажба на нелегално оружје. Е ова, драги мои, се вика интегритет!

Уште една жена со интегритет што имав можност да ја запознаам е актерката Клаудија Кардинале. Прво што ми кажа на нашата средба беше дека не сака да ја викаме „дива“, дека не се смета себеси за ѕвезда, туку за обична жена. Ама, пуст комплекс на помала вредност, ти работи во заднината во мозокот, кога стоиш рамо до рамо до вакви уметнички величини. Во 2011 година беше прогласена за една од 50-те најубави жени во филмската историја, но кај неа нема лаги, нема естетски корекции, нема преправање. Не ги сокрива брчките на лицето, како траги на еден духовно богат и комплексен живот.

Јасно и гласно потенцира дека не сака да биде нарекувана секс-симбол и дека целиот тој концепт на глорификација на женското тело ѝ пречи. Зборуваше за колешките-актерки на начин на кој покажа голема освестеност за женската солидарност. Во периодот на нејзината најголема слава медиумите вештачки подгревале „натпревар“ меѓу тогаш најпопуларните актерки – Клаудија Кардинале и Брижит Бардо, и двете убавици, често насловувајќи го како „Војна на иницијалите – Б.Б. против К.К.. Таа решително се бори против патријархалните матрици што се плетат години наназад околу оската на женскиот свет.

Би ви раскажувала и за Викторија Абрил, музата на Педро Алмодовар, за „стаклената“ Изабел Ипер, за... ама оваа колумна треба да има крај. Па, да заклучам - најголемата лекција што човек може да ја научи од големите жени е дека тие биле храбри и правеле ризици во животот. Стравот е противтежа на индивидуалноста! Ништо не е полесно од тоа да се навикнеш на убавината и да останеш пасивен. Особено ако си жена... И да, убавите жени секогаш се глорифицирани поради својата убавина и еротичност, но зад таа фигура има и порив за подобар свет! Затоа, крајно време е да престанеме да ги гледаме како кукли од филмското платно и да ја видиме нивната силна и длабока страна на личноста. Не ни требаат убави актерки, само како декор на филмското платно, ако во нивните очи го нема сјајот за борба за подобар свет!

Не ни требаат високи потпетици за високи идеали!

Не ни требаат црвени теписи за да ни светне црвеното копче в глава за тоа што е добро, а што лошо!

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој