Нов триумф на македонскиот филм: „Мајка“ на Теона Стругар Митевска со три награди за една недела

Добивај вести на Viber

По својата успешна светска премиера, најновиот филм на Теона Стругар Митевска, „Мајка“, продолжува да ја освојува меѓународната филмска сцена. Во текот на само една недела, филмот доби три значајни награди на престижни фестивали ширум светот:

Специјално признание на Haifa International Film Festival (Израел),

Награда за најдобра режија на Euro Balkan Film Festival во Рим (Италија),

Награда за најдобар уметнички придонес на Tokyo International Film Festival (Јапонија).

Жирито на фестивалот во Хаифа во своето образложение истакна:

 „Во текот на една недела, во ограничен и аскетски простор, ‘Мајка’ нуди редок поглед во наелектризираниот и сложен внатрешен свет. Режисерката со храбра и прецизна рака ја прикажува митската фигура на Мајка Тереза како човечна, ранлива и жедна за простување, создавајќи исклучително визуелно и духовно искуство.“

Филмот, во кој Номи Рапас ја толкува улогата на Мајка Тереза, а во актерската екипа се и Никола Ристановски и Силвија Фокс, е инспириран од животот на една од највлијателните хуманитарки на 20 век. Сценариото е дело на Теона Стругар Митевска, Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ, а продуцентка е Лабина Митевска.

По светската премиера на Венецијанскиот филмски фестивал, каде што го отвори програмскиот сегмент „Хоризонти“, „Мајка“ се претстави пред македонската публика во рамка на ИФФ Браќа Манаки, а наскоро повторно ќе биде на кино репертоарот со проекции во Кинотека. Паралелно започнува и дистрибуција низ Европа со отворањата во Белгија и Франција.

Овие нови признанија претставуваат уште едно големо достигнување за македонската кинематографија и потврда на уникатниот авторски глас на Теона Стругар Митевска.