Одново си ги читам своите книги, да не се повторам во новата што ја пишувам дека заборавам: Игор Џамбазов се дружеше со фановите на Саемот во Скопје

Добивај вести на Viber

Игор Џамбазов се дружеше со своите фанови на штандот на издавачкиот центар „Три“ на Саемот на книга пред А1 Арената. Џамбазов, кој е автор на седум книги вели дека иако се негови дела, тој однова си ги препрочитува.


-Си ги читам своите книги и сега, секој ден. Пишувам нова книга, и постојано си ги читам претходните. Стареам и заборавам, внимавам нешто да не повторам во новата книга“, ни изјави низ насмевка Џамбазов додека неговите обожаватели чекаа ред за потпис.

Актерот и автор го искоментира Саемот, кој сега поради протоколите се одржува на отворено.


-Оние старите саеми, тоа беа Саеми на книга, тоа беше она вистинското, ова сега не е ни близу“, ни рече Игор мислејќи на настанот кој традиционално се одржуваше во Скопскиот саем, подоцна „Метроплис Арена“ во повеќето саемски хали. 

Токму на промоцијата на неговата книга „Умрен човек“ во „Метрополис арената“ која сега е срушена, во 2016 година ненајавено дојде неговата сестра Тања, која живее во САД долги години. Тања е архитектка која работи во компанија за дизајн на софтвер и живее во Сан Франциско. 


Џамбазов на потпишавувањето на книгите доби голема поддршка од фановите, а поддршката од неговата сакана, планинарката Илина Арсова ја доби онлајн.


 -Илина е во Еквадор. Се слушаме секој ден. Нема што да ви кажувам детали, отворете на Инсраграм, имате сè “, рече Џамбазов.


Последната негова книга „Улица Диши длабоко“, збирка од неговите најдраги стихови на песните кии ги напишал за себеси и за колегите беше промовирана во 2017 година.


-Диши длабоко“ е напишана 2000 и некоја во Кочани. Поточно во местото Гратче, тоа е она прекрасно езеро над Кочани со боја на маслинка. Напишана е за човек што се вика Зоки, таму попознат како Бисе. Тој и јас, цел живот се викаме “Брату“. И кога ќе дојдев таму на гости, а тој ќе почувствуваше дека нешто не е во ред со мене, ќе го изговореше своето веќе легендарно “Диши длабоко, брату...“.На крајот на ова лето, свиревме со бендот токму во неговиот град на “Деновите на кочанскиот ориз“. Но, Бисе не се појави. Сепак го видов. Во мобилниот на наш заеднички пријател. Како прска со црево во некој двор, во некоја Англија, во некоја туѓина. Држи се, брату...“, изјави тогаш Игор за Женски магазин.

М.Џаровска

Фото: Вангел Тануровски