Осмомартовски базар во СУГС „Гимназија Никола Карев“: Инвентивна акција стави акцент на женското здравје

Нешто од нас за нас!
Во скопската гимназија „Никола Карев“ од почетокот на оваа учебна година започна со работа „Croshet Club Karev“, како активност на активот предвидена во развојната програма на гимназијата. Тоа е клуб каде што учениците можат ја изразат својата креативност преку разни рачни изработки .
Рачните изработки како плетењето, шиењето, везењето, изработување накит од монистра итн. имаат многу корисни ефекти врз емотивното здравје на учениците. Рачните изработки бараат концентрација, го активираат мозокот, ја развиваат моториката, влијаат врз самодовербата, а најважно е што на учениците им нудат еден поинаков начин на комуникација меѓу себе.
Под менторство на професорките Ана Пота, Александра Шапе Курета и Анкица Талеска редовно се одржуваат работилници. Во моментот клубот брои 42 ученика, а бројката секојдневно се зголемува.
За празникот на жената, 8-ми Март клубот имаше нова инвентивна акција во училиштето.
Имено, под мотото „Циклусите не треба да бидат табу тема“, Croshet Club Карев го одбележаа празникот на жената, 8-ми Март, со целонеделна активност, а посебен акцент се стави на женското здравје.
По тој повод, специјалистот по гинекологија и акушерство, д-р Ирена Шуплиновска од болницата „Аџибадем Систина“, одржа предавање за женскиот пол од учениците. Докторката на ученичките им ги приближи поимите за женското здравје, им даде темелно објаснување за истите и им одговори на многуте прашања. Без табуа и ограничувања, девојчињата во тинејџерските години добија одговор на многуте прашања кои ги засегаат.
Croshet Club Карев на 07.03.2025 одржа и осмомартовски базар. Собраните средства од изработките на учениците ќе бидат наменети за купување на хигиенски влошки, а се постави и автомат за хигиенски влошки во женското катче на гимназијата.
На овој начин клубот ја подигнува свеста на учениците за дури и „недопирливите“ теми.
Затоа што секоја девојка треба да биде среќна и насмеана секој ден од месецот.