Останавме само на МТВ, од недела ќе нема програма во ударни термини: Oператорите и телевизиите не отстапуваат

Нема напредок на релација Влада - кабелски оператори - национални телевизии. Останува во игра најавата дека почнувајќи од 21 јуни, односно од недела, па во сите наредни денови, операторите ќеги исклучуваат сите телевизии што ги реемитуваат, и домашни и странски, освен трите канали на јавниот сервис, МТВ1, МТВ2 и МТВ3.
Затемнувањето, кое ќе стартува од 21 јуни, ќе биде во ударен термин, и првично ќе трае пократко, а потоа ќе се зголемува во текот на секој нареден ден. Зависно од техничките можности на операторите, првиот ден исклучувањето ќе трае половина или еден час, а потоа постепено „мракот“ би се зголемувал и по два и по три часа во текот на денот.
„На 21 јуни ние ќе ги исклучиме сите канали, освен јавниот сервис, но тоа ќе бидат времени прекини. Исклучувањето ќе биде во ударен термин, а целта ни е да им покажеме на граѓаните што всушност ќе се случува од 8 август, бидејќи од тој датум ние ќе мораме целосно да ги исклучиме сите канали, затоа што ќе немаме друг избор“, велат за Фактор дел од операторите. Ова ќе се случува секој ден, се додека не се изнајде решение за проблемот, а доколку солуција се најде и порано од 21 јуни, се надеваат дека до исклучувањето нема да дојде.
Објаснуваат дека за да не ги остават граѓаните без информации во време на голема КОВИД криза, но и пред избори, ќе им биде оставен на располагање јавниот сервис.
Детали на Фактор.мк