Овој град од соседството е гастрономски рај со евтини цени: Еве каде Македонците јадат како локалци, а плаќаат помалку

Добивај вести на Viber

Лададика важи за една од најпознатите боемски четврти во Солун и е првата асоцијација за добра храна и пријатна атмосфера. Квартот изобилува со бројни ресторани кои нудат разновидна кујна – од месни специјалитети до свежа морска храна, а цените се оценуваат како повеќе од прифатливи.

Како што пренесува патувачкиот портал Nikana.rs, група од шест лица на тим-билдинг во ресторан во Солун уживале во полна трпеза со храна и пијалоци, за што платиле сметка од 190 евра. Резервацијата била направена однапред, што од порталот го препорачуваат и за сите кои планираат вечерно излегување во некој од рестораните во Лададика, особено за време на туристичката сезона.

Овој боемски кварт во Солун е честа дестинација и на Македонците кои одат на викенд во Солун, или овој град е нивна попатна станица.

Солун, инаку, важи за вистински рај за гурмани. При прошетка низ градот може да се забележат бројни ресторани, киосци за брза храна, пекари и слаткарници, а неодоливите мириси на свежо подготвени специјалитети постојано ги привлекуваат минувачите. Изборот често е тежок, бидејќи понудата е богата и разновидна.


Според советите на Nikana.rs, најдобро е да се посетуваат местата каде што јадат локалните жители. Сепак, тоа не е секогаш едноставно, бидејќи рецензиите на онлајн платформите најчесто ги оставаат туристи, обично по нивната прва посета на ресторан.

Во грчките таверни вообичаено се служи храна позната како „мезе“ – помали порции кои се комбинираат со узо или други пијалаци. Наместо секој да нарачува посебен оброк, Грците најчесто избираат неколку различни јадења кои се ставаат на средината од масата и се споделуваат меѓу сите присутни.

Препораката за посетителите е, додека престојуваат во Грција, да пробаат што е можно повеќе разновидни јадења и да уживаат во автентичните вкусови. Од Nikana.rs советуваат Лададика да биде прва станица за прошетка, пијалок или ручек доколку престојот во Солун е подолг. Но, доколку градот се посетува само накратко, за ручек е подобро да се изберат и други делови од Солун, бидејќи иако храната во Лададика е квалитетна, квартот е силно туристички и не секогаш го нуди најавтентичното локално гастрономско искуство.

Фото: Nikana.rs
Извор: Nikana.rs